Проектното подрачје се наоѓа на планината Јабланица, предел кој придонесува за одржување на локалните хидролошки процеси. Вевчанска Река е витална планинска артерија на Јабланица и дел од хидролошкиот систем што ги храни Вевчанските Извори (заштитено подрачје во категорија III на IUCN), продолжувајќи низводно кон сливот на Црн Дрим. Реката е препознатлива по својата чиста вода и разновидниот воден биодиверзитет. Поради овие карактеристики, таа е клучен дел од локалните слатководни екосистеми.

Во горниот тек на Вевчанска Река се наоѓа локалитетот Јанков Камен, каде што е создадено вештачко езерце со нарушување на природниот тек на реката. Иако целта на ова езерце била да овозможи место за рекреативни активности, бариерата негативно влијае врз речните процеси и живеалиштата на водениот свет.


Вештачката бариера е изградена околу 2010 година за естетски цели, но таа ја нарушува природната хидрологија на реката. Оваа брана создава застоена акумулација која се соочува со еутрофикација, ниско ниво на кислород и непријатни миризби, што го загрозува водниот биодиверзитет и го нарушува квалитетот на водата.

Проектот на Еко-свест за отстранување на оваа бариера и враќање на реката во својата природна состојба претставува дел од нашата стратешка цел за обнова на природата и реставрација на уништените екосистеми.


Примарната цел на проектот е отстранување на браната на Јанков Камен и затворање на нејзиниот подземен систем на цевки за да се врати Вевчанска Река во својот првобитен природен тек. Со отстранувањето на оваа мала брана, проектот има цел да елиминира еден извор на еколошка деградација и да ја врати надолжната поврзаност од изворите на реката па сè до нејзиниот долен тек и влив во Црн Дрим. Се очекуваат повеќе исходи од еколошка, социјална, образовна, економска и политичка перспектива. Проектот ќе обезбеди непречен и слободен тек на реката во должина од 14 километри и ќе спречи загадување на хидролошкиот систем и околните екосистеми во заштитеното подрачје.

Отстратентото езерце ќе го замениме со автентичен планински екосистем, претворајќи го локалитетот во „жива лабораторија“ за локалната заедница и туристите. Исто така, оваа обнова ќе ја заштити долгорочната туристичка вредност на Вевчани, осигурувајќи дека регионот ќе остане дестинација за еколошки свесни туристи. Со овој проект, Општина Вевчани ќе биде лидер во грижата за животната средина и природата, усогласувајќи ја локалната политика со Стратегијата на ЕУ за заштита и обнова на биодиверзитет до 2030 година.

Проектот за обнова на Вевчанска река е поддржан од Open Rivers Foundation.

Share This

Share this post with your friends!