Еко-свест во последната деценија континуирано работи и се залага за заштита на реките од разни штетни влијанија и закани. Проектот „Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја“ е во рамки на тематскиот повик за следење и зачување на биодиверзитетот во заштитените подрачја на Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).
Активности
Aктивностите на проектот се фокусирани на реките кои што се под силно влијание и закани од разни инфрастуктурни проекти и објекти на територијата на НП Шар Планина и НП Маврово.
Крајната цел е да се заштитат бројните ретки и ендемични видови кои живеат во речните живеалишта, за што искуството на НП Пелистер има значајна улога, особено во поглед на споделување на добри практики и мерки за мониторинг и заштита на ендемичната преспанска пастрмка (Salmo Peristericus). Нашата намера е овие добри практики да бидат рефлектирани во проектната апликација и истите да бидат применети и за други заштитени подрачја во земјата и реките на национално ниво.
Цел на проектот
Проектот започна на 01.09.2023, и неговото времетраење е до 31.08.2026 година. Неговата цел е да ја поддржи изработката на методологија за мониторинг на еколошкиот минимум на водите, што е обврска од Законот за водите . Исто така, преку документирање и лоцирање на заканите и влијанијата врз реките во двете заштитени подрачја ќе придонесе за следење на состојбите со речните екосистеми и живеалишта. Проектот ќе обезбеди обуки за управителите на заштитените подрачја за развивање на ефективни практики за мониторинг на реките и планирање на мерки за заштита и реставрација на речните екосистеми. Локалното население ќе има активно учество преку развивање на граѓанска наука за собирање на податоци за состојбите со реките. Преку овој пристап ќе бидат поттикнати нови политики и практики за идентификување на мерки за обновување на реките и речните живеалишта.

Share This

Share this post with your friends!