Реките и живиот свет во и околу нив не познаваат административни граници, ниту ги разбираат
бариерите кои им ги поставуваме на патот, честопати и без некоја посебна причина. Водотеците
така постепено се сведуваат на базени со вода, а без живот.
Каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за
формирање рибници се дел од тие пречки. Тие го оневозможуваат природното движење, го
отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.
Цел
„Повторно оживување на реките во Македонија“ е прв проект поврзан со реставрација на реките
преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на
браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.
Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични
иницијативи посветени за реставрација на реките“.
Целта е да се развие национално применлива методологија и база на податоци со симулатор за
идентификација на приоритетни бариери за отстранување со користење на сливот на реката
Пчиња како студија на случај.
Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка на
Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на
обновувањето на реките. Времетрањето на овој проект е од 01.12.2022 до 30.11.2023 година.
Активности
Еко-свест ќе ги проценува каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанија врз
биодиверзитетот, социо-економско значење и правниот статус на сливот на реката Пчиња. Сите
собраните податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе
овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно
отстранување. Однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната
поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот
како резултат на нивното отстранување, што на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите
што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното
позитивно влијание врз екосистемот.
Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката
Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјата. Базата на
податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за
идните проекти поврзани со реставрација на реките.

Резултат
На крајот од проектот е изготвена научна студија „Креирање на методологија и идентификација на приротетни каскади на реката Пчиња“ која  ќе ја постави основата за слични
студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и
како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.

Во рамки на овој проект е изготвена и Правна анализа за статусот на препреки, брани и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња, Еко мапа , социо-економска анализа и ГИС база на податоци, која можете да ја погледнете во следниот линк:

Share This

Share this post with your friends!