Излезе најновиот европски извештај за отстранување на речни препреки на Dam Removal Europe за 2025 година, а Еко-свест ја внесе нашата земја во ова големо семејство на прогресивни држави! Македонија за првпат се најде на европската мапа на земји кои ги ослободуваат своите реки!
Македонија официјално ги отстрани своите ПРВИ речни препреки, придонесувајќи за рекордна година на европско ниво во која беа отстранети дури 603 бариери.

Што постигнавме на Пчиња и Крива Река?
Ослободивме 72 километри речен тек и живеалишта.
Овозможивме слободно движење за повеќе од 10 автохтони видови риби, вклучувајќи ги балканскиот мрен (Barbus balcanicus) и вардарската горчливка (Rhodeus meridionalis).
Го подобривме квалитетот на водата и ги намаливме ризиците од поплави за локалните заедници.
Патот не беше лесен. Се соочивме со институционални лавиринти, технички предизвици и проблеми од историското загадување на Крива Река.
Но, успеавме – старата бариера кај Шупли Камен (висока 5.3 метри и долга 52 метри) и искршената каскада на Крива Река се минато!
Гласот на граѓаните е јасен: Дури 91% од јавноста во Македонија го поддржува обновувањето на слободниот тек на реките на национално ниво! Нашите реки се нашиот живот, наш штит од климатските промени и дом на неверојатен биодиверзитет.
Ова е само почеток. Пчињскиот слив има уште 44 пречки кои го фрагментираат текот, но сега имаме докажан модел дека промените се можни. Продолжуваме да се бориме за живи и слободни реки!
Прочитајте го целиот европски извештај на: damremoval.eu
Најнови коментари