Енергетската трансформација на земјата од користење на фосилни горива кон одржливо користење на обновливи извори на енергија, со сите придружни елементи, се одвива бавно, често нетранспарентно, неиновативно и сé уште се базира на реализација на стари проекти. Енергетската криза дополнително го комплицира процесот на транзиција со повторното навраќање кон стари технологии и зголемено користење на високо-загадувачки фосилни горива. Погрешно насочените инвестиции, како на пример плановите за отворање на нов рудник за лигнит или гасификација на земјата, само ја продлабочуваат кризата и го продолжуваат нејзиното времетраење, а истовремено ги одвлекуваат потребните финансии и капацитети за реализација на проекти за искористување обновливи извори, подобрување на енергетската ефикасност и отпочнување на праведната транзиција.
Дополнителен проблем е што регулативата се уште не овозможува соодветен продор на децентрализирано производство на енергија од домаќинствата и јавните установи, и особено нивно здружување во енергетски заедници, со што искористувањето на обновливите извори главно се сведува на неодржливо искористување на хидро енергијата. Со оглед на тоа што во енергетскиот сектор, којшто ги вклучува и загревањето на домаќинствата и сообраќајот, декарбонизацијата се движи во обратна насока, а штетите по животната средина и јавното здравје преку загадувањето на сите медиуми на животната средина, остануваат алармантни и бараат итна акција.
Нашата цел
Визијата на Еко-свест е енергетски сектор во кој иновативното користење на нови технологии овозможува тој да е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, при што со минимална потрошувачка на енергија се постигнува максимален развој на општеството, а истовремено има минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје.
Во овој систем граѓаните имаат можност слободно да учествуваат во производството на енергија од обновливи извори и слободно да се здружуваат за производство на енергија. Транзицијата кон овој систем е спроведена по принципите на праведната транзиција, каде што никој не е изоставен и секој го задржува најмалку истото ниво на економска стабилност преку развој на алтернативни економски гранки. Во овој систем достапноста на енергијата до граѓаните од социо-економските ранливи групи е загарантирана.
Нашите активности
Активностите на Еко-свест во секторот енергија ги опфаќаат речиси сите области во кои треба да се постигнат промени:
- Активно учество во изработка на стратешките документи и релевантното законодавство (со цел спречување на штетни технологии и енергетска транзиција базирана на обновливи извори на енергија),
- Изработка на најразлични анализи за штетните влијанија од неодржливото искористување на обновливите извори (пред сè хидро енергијата и биомасата),
- Подготовка на анализи за нови политики и алтернативни насоки на развој на енергетиката што водат кон забрзана декарбонизација,
- Соработка со заедниците и локалната самоуправа во Кичевскиот и Битолскиот Регион како области за праведна транзиција,
- Идентификување на приоритетни локации на деградирано и неискористено земјиште за искористување на сончева и ветерна енергија (паметно енергетско планирање),
- Преземање активности за превенирање на проекти што оддалечуваат од визијата на Еко-свест за енергетскиот сектор затоа што оддалечуваат од енергетската трансформација или имаат неприфатливо големи штети по животната средина,
- Соработка со експерти и научници од областа на енергетиката и други области со цел формулирање на ставови, изработка на анализи и застапување базирано на факти и податоци.
Пристапот до правда на засегнатата јавност во постапките за издавање дозволи за усогласување со оперативните планови (ДУОП)
Според Законот за животната средина (ЗЖС), за вршење на активностите на индустриските инсталации, операторите мора да добијат соодветна дозвола за...
Шесто генерално собрание на проектот ЕНКЛУД
Претставници на Еко-свест учестуваа на Шестото и последно генерално собрание на проектот ЕНКЛУД, поддржан од програмата Хоризонт 2020, заедно со...
Приоритети за новата Влада за заштита на животната средина и климатска акција – предлози од Еко-свест
Здравата и чиста животна средина, која е Уставно загарантирано право на секој граѓанин на Македонија, зачувувањето на природата и подобрувањето на...
Штедење или инвестирање?
Штедењето во готовина е скапо и неисплатливо – вистинско штедење е инвестиција во енергетска ефикасност на домот Повеќето македонски граѓани...