Во последниве години, Македонија постепено ја зголеми употребата за фосилен гас и планира уште повеќе да ја зголемува во иднина. Спротивно на тоа, ЕУ ги помина последните две години обидувајќи се брзо да ја намали потрошувачката на гас, бидејќи високите ризици од зависност од увезениот гас станаа повеќе од евидентни. Но, македонските власти се однесуваат како тоа да не се случило – а ЕУ продолжува да ги поддржува во повторувањето на сопствените грешки. 

Плановите за гасоводниот систем на земјата постојат многу одамна и полека прогресираат. Во ноември 2019 година беше објавено дека гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар е 53 % завршен, но четири години подоцна, тој сè уште не е ни приближно готов, и покрај тоа што владата вети дека ќе биде комплетиран до 2020 година. Не е јасно дали проблемите се поврзани со експропријација, ерозија на земјиште или нешто друго. 

Главниот фокус сега е на изградба на гасовод од Грција до Македонија, која неодамна се интензивираше. Сепак, проектот е предмет на неколку правни жалби, вклучително и жалба до Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Задолжителните јавни консултации не беа одржани, а државната гаранција за заем е донесена без одобрение на Комисијата за заштита на конкуренцијата. 

Плановите за гасовод до Косово се споменуваат и во неколку стратегии, но во меѓувреме косовската влада одлучи да не го реализира овој проект. 

Плановите за нови гасни централи постојано се прошируваат, на нетранспарентен начин. Владата не даде јасни објаснувања зошто е потребен сѐ поголем капацитет и зошто смета дека не постојат соодветни алтернативи. 

  • Националниот план за енергија и клима вели дека Македонија треба да размисли за изградба на една гасна централа доколку не се изгради хидроцентралата Чебрен. 
  • Во енергетската стратегија се вели дека ќе бидат изградени меѓу 0 MW и 245 MW нови гасни постројки, во зависност од сценариото. 
  • Но, во програмата за имплементација на енергетската стратегија – која треба да ја спроведе енергетската стратегија, а не да ја препишува – вели дека земјата во секој случај треба да изгради 450 мегавати нови гасни централи и споменува гасни централи и во Неготино и во Битола. Но, неодамна беа обелоденети плановите за централа од 800 MW во Битола. Не е познат капацитетот на планираната гасна централа во Неготино. 
  • Оттогаш, се појавија и планови за дополнителна електрична и топлинска централа на гас во Скопје, со капацитет од 90-105 MW, што би ја градела грчката компанија „Митилинеос“, проект кој владата ги прогласи за „стратешки“, иако не е во ниту еден стратешки документ. 

Власта често зборува за „пренамена“ на централите на јаглен во Битола и Неготино на гас, но тоа е дезинформација. Гасните електрани користат значително поинаква технологија од оние на јаглен и најважните делови од централите би требало да се изградат одново. 

Зголемената потрошувачка на фосилен гас често се тврди дека е потребна за да се замени јагленот, но оваа идеја е застарена и погрешна: одржливите форми на обновлива енергија како што се сончевата, ветерот и геотермалната енергија се иднината и земјата не може да си дозволи да биде застранета од лажни решенија. 

Зошто зголемувањето на потрошувачката на фосилен гас е лоша идеја? 

  1. Заврши ерата на евтин гас. Една од причините зошто рускиот гас толку широко се користи е поради тоа што беше релативно евтин. Плановите за проширување на гасот во Македонија беа направени пред инвазијата на Русија врз Украина и нема јавен доказ за да се докаже дека тие сè уште се реални и остварливи. 

Главните потенцијални алтернативни извори на гас за Македонија се Азербејџан или течен гас (LNG). Но, ветувањето на Азербејџан дека ќе го удвои протокот на гас за ЕУ до 2027 година ќе биде ограничено од инфраструктурниот капацитет и зголемената домашна потрошувачка, со што ќе ги зголеми цените. LNG е поскап од гас воден преку гасоводи бидејќи треба да се втечни, транспортира и регасифицира. Тоа исто така прдизвикува силни флуктуации на цените бидејќи се тргува на глобално ниво. 

Македонија мора итно да ги преиспита своите планови за гас имајќи ја предвид оваа нова реалност. 

  1. Ќе се зголеми зависноста од увоз на енергија. Македонија е единствената земја во регионот со поголема зависност од увезена енергија од просекот на ЕУ. Тоа е затоа што го увезува целиот свој гас и нафта, како и дел од електричната енергија, а во последниве години дури и јаглен. Нејзината вкупна зависност од гас е сè уште ниска во споредба со ЕУ, и таа треба да се труди колку што е можно да ја задржи на ниско ниво, а истовремено да го намали увозот на електрична енергија со зголемување на искористувањето на ветер и сончева енергија. 

Зависност од увоз на енергија, 2021 (во проценти) 

Зависност од увоз на енергија 2021 
Европска Унија 56 
Босна и Херцеговина 27 
Црна Гора 31 
Македонија 68 
Албанија 24 
Србија 35 
Косово 33 
Извор: Еуростат  
  1. Гасот е фосилно гориво што штети на климата. Како јагленот и нафтата, гасот е необновливо фосилно гориво кое испушта стакленички гасови кога се согорува, предизвикувајќи зголемен климатски хаос што го видовме во последниве години. Индустријата за гас го претстави ова гориво како чиста алтернатива на јагленот, означувајќи го како „природен гас“ за да звучи здраво и привлечно. Сепак, ова е далеку од вистината. 

Фосилниот гас претежно се состои од метан, моќен стакленички гас до 84 пати помоќен од јаглерод диоксидот. Поради истекување на метан за време на производството и транспортот, гасот често е лош за климата исто како и јагленот. Како што неодамна изјави претставник на Европската инвестициска банка: 

Знаеме како да произведуваме електрична енергија на начин со ниски емисии. Ни треба повеќе складирање, ни требаат повеќе преносни мрежи, но знаеме како да го направиме тоа. Треба само да вложиме многу повеќе напор во тоа и треба да ги затвориме електраните на јаглен. Но, немаме простор во атмосферата кој би го полнеле со уште емисиите од согорувањето на гас“. 

  1. Гасот е ќорсокак, а не „преодно гориво“. Премногу често, претставниците на владата и ЕУ го нарекуваат гасот како „преодно гориво“, што значи дека за да се премине кон систем заснован на обновливи извори на енергија, земјите од Западен Балкан прво треба да инвестираат во гас. Ова не е вистина. 

За да преминат кон систем заснован на обновлива енергија, земјите треба да инвестираат во обновливи извори на енергија – како и во енергетската ефикасност и подобрување на мрежата. Технологиите како што се фотоволтаици, топлински пумпи и складирање со батерии се многу поевтини и пошироко достапни отколку пред неколку години и ќе ја олеснат транзицијата. 

Доцна е за средни чекори пред декарбонизацијата, која треба да се постигне најдоцна до 2050 година. Секоја инфраструктура за фосилни горива изградена сега ќе трае најмалку четири децении – и многу подоцна од 2050 година. Или нема да се користи, а вложените средства ќе се залудно потрошени, или ќе ги заробат средствата во употребата на фосилни горива и ќе се попречи транзицијата. 

Како што нагласија и Меѓународната агенција за енергија и Меѓувладиниот панел за климатски промени, нема повеќе простор за изградба на нова инфраструктура за фосилни горива доколку сакаме да спречиме уште посериозен климатски хаос. 

  1. Гасот му штети на човековото здравје. Локалното загадување од гас е невидливо, но сепак е смртоносно. Загадувачките материи од гасот вклучуваат фини честички и азотен диоксид, кои го иритираат човечкиот респираторен систем, што доведува до кашлање, отежнато дишење, астма и други респираторни инфекции. Согорувањето на фосилниот гас, исто така, доведува до формирање на озон, што може да предизвика кашлање , иритација и конгестија на грлото и влошување на бронхитисот и астмата. 

2021 е последната година за која се достапни податоците на Еуростат, според кои целиот Западен Балкан користеше помалку од еден процент од фосилниот гас што го користи ЕУ, што поволно делува за избегнување на заробување на средства во користење досилни горива. 

Иако Македонија има краткорочни потешкотии во снабдувањето со енергија поради долгогодишното недоволно инвестирање во обновливите извори на енергија, ниската зависност од гас на регионот е предност што треба да се искористи, а не проблем што треба да се реши. Владата мора итно да ги ревидира своите неусогласени планови за гас и наместо тоа да ги зголеми инвестициите во соларна енергија, ветер, геотермална енергија, топлински пумпи и дистрибутивни мрежи. 

Share This

Share this post with your friends!