Во текот на 2025 Еко-свест спроведе репрезентативно истражување во Општина Новаци. Целта беше да се добијат сознанија за ставовите, информираноста и подготвеноста на граѓаните во Новаци за учество во граѓанска енергетска заедница која ќе се базира на Обновливи извори на енергија.
Анкетата е спроведена на 329 испитаници и укажува на значителен потенцијал за формирање енергетска заедница во Општина Новаци, иако постојат бариери кои бараат системски пристап и подобра поддршка од институциите.
Клучни наоди
- Висока општа информираност за обновлива енергија – над 84% од граѓаните се запознаени со обновливи извори, најчесто со соларна и ветерна енергија.
- Практична подготвеност – 27,5% од домаќинствата веќе користат обновлив извор, претежно преку соларни панели.
- Ограничено почетно познавање на поимот „енергетска заедница“ – пред анкетата 59% не биле запознаени, но по објаснување 75% го разбираат концептот, што ја нагласува потребата од структурирана информативна кампања.
- Интерес за членство – 48,6% би се приклучиле, 27% не би, додека останатите се неопределени.
- Спремност за инвестирање – околу 50% би вложиле или размислуваат да вложат, најчесто до 500 € по домаќинство, со ретка подготвеност над 1.000 €.
Половина од испитаниците прифаќаат месечна членарина од 1.000–3.000 денари.
Дополнително, 38,5% би одлучиле по јасна финансиска презентација, што укажува на потреба од разбирлив и транспарентен деловен модел.
Фактори на одлучување и мотивација
Најважни фактори за одлуката за учество се:
- висината на трошоците (56,8%),
- очекуваната финансиска корист (15,5%),
- поддршката од државата и општината (30%),
- довербата во организаторот (13%).
Главни мотиви:
- подобар квалитет на живот и почист воздух (62%),
- намалување на трошоците за електрична енергија (39%).
Главни пречки
- финансиски ограничувања (38%),
- недоверба и недостиг на информации (19%),
- недоволна институционална поддршка од општината (15%).
Граѓанска ангажираност
Околу 43% од граѓаните, најчесто млади и повисоко образовани, би се вклучиле волонтерски во активности како:
- јавни дискусии (50%),
- промоција (30%),
- стручна помош (25%).
Поголемиот дел би имале пасивна улога како корисници.
Општ став кон енергетската транзиција
Дури 86,9% сметаат дека преминот кон обновлива енергија и формирањето енергетска заедница ќе има позитивни ефекти за општината – намалено загадување, економски бенефити и нови зелени работни места.
Во Новаци постои јасен интерес и реален социјален и економски потенцијал за формирање енергетска заедница. За успешна реализација се клучни:
- целна и разбирлива информативна и едукативна кампања,
- достапен и флексибилен финансиски модел (ниски почетни влогови и можност за месечни уплати),
- транспарентно и професионално управување во партнерство со општината и локалната заедница.
Најнови коментари