Eнергетската криза предизвика неколку поскапувања на струјата за домаќинствата. Ова поттикна интерес за подобрување на енергетската ефикасност кај граѓаните и бизнисите. Воведување на постепено поскапување на електричната енергија дополнително отвори многу простор за работа на енергетската ефикасност за домаќинствата кои ќе сакаат да ја намалат сметката за електрична енергија. Енергетската ефикасност е една од областите со најмногу потенцијал за намалување на потребите за електрична енергија и со тоа намалување на емисиите на стакленички гасови на земјата. Според Државниот завод за статистика во 2014 година само 18% од домаќинствата имале одредена изолација, додека според студијата на УНДП „Анализа на практиките за греење на домаќинствата во Скопската Котлина“, 50,8% од зградите во Скопската Котлина немаат изолација, 42% имаат топлинска изолација под стандардите, а само 7,2% од анкетираните домаќинства живеат во згради со топлинска изолација според барањата на Правилникот со кој се регулира изградбата на нови згради, донесен во 2013 година. Затоа, Македонија планира да спроведе голем број политики и мерки во периодот 2020 – 2040 година, со цел да се намали потрошувачката на енергија во зградите (домаќинства, комерцијални и јавни), индустрискиот сектор, транспортниот сектор и да се намалат загубите енергетска трансформација, пренос и дистрибутивна мрежа.

Еко-свест за потребите на проект за забрзување на декарбонизацијата на земјата има потреба од експерт за изработка на анализа за степенот на усогласеност со ЕУ регулативата за енергетска ефикасност како би се утврдиле потребите за забрзување на имплементацијата на планираните мерки и политики како и анализа на фактичките можности за заштеда на електрична енергија на домаќинствата.

Експертот ќе биде одговорен да ја спроведе задачата „Изработка на ГАП анализа за степенот на усогласеност со ЕУ законодавството за енергетска ефикасност и основна анализа за можностите за подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата во Македонија“. Целта на оваа анализа е да ги покаже недостатоците и реалните потреби за започнување со имплементација на планираните мерки и политики за енергетска ефикасност на земјата. Врз основа на изработениот документ експертот ќе изработи извршно резиме подготвено за комуницирање со засегнатите институции и граѓани.

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите треба да достават кратка биографија(CV) и финансиска понуда (бруто износ во МКД со вклучен персонален данок на доход), со прилог примерок или активен линк од најмалку 5 подготвени анализи, истражувања, прирачници, програми и слично. Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта до [email protected]: со назнака – Апликација за анализа за енергетска ефикасност најдоцна до 28 февруари 2023г. Повеќе информации за повикот може да најдете на следниот линк.

Share This

Share this post with your friends!