Двонеделна онлајн- конференција за климатските промени и вклученоста на граѓанскиот сектор во носење политики

Двонеделна онлајн- конференција за климатските промени и вклученоста на граѓанскиот сектор во носење политики

Како да ги ублажиме последиците од климатските промени и колку е важно тие да бидат дел од политиките и активностите во сите сектори – ова се најважните прашања на кои ќе биде фокусирана Националната конференција за клима, што ќе се одржи онлајн од 29 март до 9 април. Конференцијата е завршна активност на тригодишниот проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го реализираат Еко-свест, CNVP (Connecting Natural Values for People) и Друштвото на еколози на Македонија.

„Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ се стреми да ги мобилизира граѓаните, заедниците во земјата преку нивна едукација за она што значат климатските промени, нивните последици, меѓутоа и како секој од нас влијае врз климатските промени, што може секој од нас да направи за да ги ублажи нивните последици и како да ги пренесеме овие информации во нашите заедници со цел да предизвикаме промена“ – вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест

Конференцијата ќе биде отворена в понеделник (29 март) во 11 часот на платформата „зум“. Ќе се обратат Штефен Худолин од ЕУ Делегацијата, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Арјанит Хоџа, министер за земјоделие, шумарство и водостопанство, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на Еко-свест и Нехат Рамадани, директор на CNVP за Македонија. Ќе бидат промовирани успешни приказни од локалните заедници.

„Во рамките на програмата на конференцијата ќе биде промовирана еколошката алатка екомапа.мк, ќе се зборува за визиите и целите за справување со промените во климата, за изработка на закон и стратегија за климатска акција и презентација на анализа за правни инструменти за климатска акција. Ќе се одржат и работилници за климатска акција, ќе се зборува и на темата за можностие за попаметно греење, како и за намалувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвите. На 7 април ќе се одржи тркалезна маса на тема „Патот кон праведна транзиција“, а ќе се дискутира и на темата како да се прилагодиме кон климатските промени?“- изјави Нехат Рамадани, CNVP директор за С. Македонија.

Како дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ беа спроведени обуки наменети за граѓанските организации од земјата активни во секторите животна средина, рурален развој, шумарство. Целта на обуките беше подигнување на капацитетите на граѓанските организации за поуспешно и поефикасно работење на организациите, меѓутоа и подигнување на капацитетите на ГО за разбирање на климатските промени и комуницирање на оваа проблематика со пошироката јавност.

Главната цел на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е да создаде национална коалиција за клима чии членки ќе бидат силни и добро информирани граѓански организации способни да ги пренесат пораките од своите заедници до политичките лидери. Повеќе информации и ажурирана дневна програма може да најдете тука.

Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е финансиран од Европската Унија.

ОТВОРЕН ПОВИК- Продолжен рок до 2 април

ОТВОРЕН ПОВИК- Продолжен рок до 2 април

За АНГАЖИРАЊЕ НА КОМПАНИЈА за спроведување кампања

Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест” од Скопје, како официјален партнер на WWF Adria во Македонија во рамки на проектот „Заштитени подрачја за луѓето и природата II“, финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој- СИДА  има потреба од ангажирање на компанија коja би изработила и спровела :

  1. Медиумска кампања во насока на подигнување на свесноста на граѓаните за заштита на природата.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА

Цел на активноста е информирање и едукација на граѓаните во земјата за прашања поврзани со заштитата на природата, заштитените подрачја и значењето на истите, како и потребните механизми за обезбедување заштита на природните вредности и реткости во Македонија. Повеќе детали за кампањата има во Анекс 1.

ЗАДАЧИ НА КОМПАНИЈАТА

  1.  Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено за комуникација од Еко-свест. Подетални насоки се дадени во Анекс 1.
  2. Да изработи дигитален маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата во согласност со насоките од нарачателот.
  3. Да го презентира дигиталниот маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата пред нарачателот и да го модифицира во согласност со дадените насоки од нарачателот.
  4. Да спроведе медиумска кампања согласно темата и договорот во времетраење од 5 месеци.
  5. Да изработи извештај за постигнатите резултати и да го достави на нарачателот.

ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ

Компанијата ќе има период на реализација на активноста од 5 месеци од датумот на одобрување на презентираниот дигитален маргетинг план и визуелен индентитет за кампањата.

Времето на изработка на дигиталниот маркетинг план е 7 (седум) дена од потпишување на договорот.

Вредноста на договорот не може да надмине 3200 евра во денарска противредност (со вклучен ДДВ).

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

При аплицирањето, заинтересираните компании треба да достават:

1. Краток опис на компанијата.

2. Портфолио со сработени кампањи за дигитални медиуми.

3. Биографија од најмалку едно лице со искуство во изработка и спроведување на кампањи, односи со јавност, маркетинг и работа на социјални медиуми, кое би било ангжирано на активноста

4. Предлог концепт за медиумска кампања со предложени форми на комуникација

5. Тековна состојба не постара од 6 месеци

6. Финансиска понуда.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ

Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:

  1. Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 2 години.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Евалуационата комисија ќе ги извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

– Претходно искуство на компанијата 30 бодови.

– Предлог концепт за медиумска кампања 50 бодови.

– Понудена цена 20 бодови.

Вкупно 100 бодови.

Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови.

ПРИЈАВУВАЊЕ

Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected]  најдоцна до 02.04. 2021 г. До 16:00 часот, со назнака Апликација за кампања.

Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.

Повеќе информации можете да добиете на тел. 072726104.

Регионалниот проект „Заштитени подрачја за природата и луѓето II“  е реализиран од WWF Adria со поддршка од Шведската Агенција за Меѓународна Развојна Соработка (SIDA).

Анекс 1.

Концепт за јавна кампања за заштита на природата

Имплементирана од WWF Adria

Опсег: Национален

Времетраење: 5 месеци

Медиуми: Социјални мрежи, радио ТВ, пишани медиуми, електронски портали.

Целна група: граѓаните на Македонија.

Теми на кампањата:

  • Кои се WWF и која е нивната цел?
  • Зошто е важна природата за човекот?
  • Кои се заканите по природата предизвикани од човекот?
  • Како секој да ја заштити природата?
  • Национално богатство- со што да се гордееме?
  • Факти за нашите заштитени подрачја и нивните специфики.
  • Наоди од истражувачко новинарство (спроведено во рамки на проектот)
  • Потребите од финансии за заштита на природа
  • Потреба од Завод за природа

Модус на спроведување:

Планирано е да се работи со искусна ПР/маркетинг компанија за генерирање на содржини на темите кои се наведени погоре. Потребно е да се креираат постови со слики (memes) кои ќе се користат на социјалните мрежи, да се подготват кратки видео изјави кои ќе се користат на социјалните и ТВ медиуми, како и да се организира серија пишани написи и гостувања на ТВ и радио на оваа тема. Учество во кампањата ќе земат и претставници од државни институции и граѓански организации.

Се очекува најмалку 30 генерирани постови, 3-5 видео изјави, најмалку 3 гостувања на ТВ и радио и најмалку 25 написи на различни теми во пишаните (онлајн) медиуми.

Посебен акцент да се стави на одбележување на деновите на екологијата во периодот април- август, со тоа што може да се испланира одбележување на деновите во партнерство во различно заштитено подрачје или граѓанска организација. Овие денови се 22 април, 8 мај, 21 мај, 22 мај, 24 мај, 5 јуни.

Отворен повик за изработка и спроведување на кампања за праведна транзиција

Отворен повик за изработка и спроведување на кампања за праведна транзиција

Во рамки на проектот ,,Промовирање на енергетска транзиција во С. Македонија”, спроведуван од Еко-свест, и активностите кои Еко-свест ги спроведува за потребите на проект „Заедниците за праведна транзиција’’, објавуваме повик за изработка и спроведување на медиумска кампања за процесот на праведна транзиција во земјата.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА
Цел на оваа активност е информирање и едукација на граѓаните во земјава за моменталните процеси и потенцијалите за енергетска транзиција во регионите со јаглен во земјата како начин за доближување на влијанието кое овие региони го имаат врз климатските промени. Кампањата треба да придонесе кон зголемување на свесноста на граѓаните за важноста од спроведување соодветен процес на праведна транзиција со активно учество на сите засегнати чинители во општеството.

ЗАДАЧИ
Избраната компанија треба:

• Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено за комуникација од Еко-свест
• Да изработи дигитален маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата во согласност со насоките од нарачателот
• Да го презентира дигиталниот маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата пред нарачателот и да го модифицира во согласност со дадените насоки од нарачателот
• Да спроведе медиумска кампања за климатски промени во времетраење од три месеци
• Да изработи извештај за постигнатите резултати и да го достави на нарачателот

ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ
Времето на изработка на дигиталниот маркетинг план е 7 (седум) дена од потпишување на договорот.
Времето на спроведување на кампањата е три месеци по одобрување на дигиталниот маркетинг план.
Времето на доставување на извештај за постигнатите резултати е најдоцна до четири месеци по потпишување на договорот.
Вредноста на договорот не може да надмине 4300 евра во денарска противредност без ДДВ.
Проектот е ослободен од ДДВ.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
При аплицирањето, заинтересираните компании треба да достават:

  1. Краток опис на компанијата
  2. Портфолио со сработени кампањи за дигитални медиуми со посебен осврт на теми од животна средина и климатски промени
  3. Тековна состојба не постара од 6 месеци
  4. Финансиска понуда по ставки.
    Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ
Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:

  1. Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 2 години.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ
Евалуационата комисија ќе ги извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Претходно искуство на компанијата 80 бодови
  • Понудена цена 20 бодови

Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во соодност квалитет на понуда и цена.

ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 22 март 2021 г. 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка и спроведување на медиумска кампања.
Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.
Целосен повик овде. Повеќе информации можете да добиете на тел. 070 205 431

10 факти зошто малите хидроцентрали НЕ се еколошки

10 факти зошто малите хидроцентрали НЕ се еколошки

  1. Бариери на реките

Зафатите на малите хидроцентрали претставуваат прегради на природните реки. За потребите на овие проекти, на една река може да се изградат голем број на зафати, односно брани кои го оневозможуваат природниот тек на реката.

2. Загуба на шумите

При изградба на малите хидроцентрали, се градат пристапни патишта и се расчистува теренот за идната брана, како резултат се сечат шумите и крајречната вегетација. Иако овие интервенции се ограничени, сепак претставуваат фрагментација на шумскиот екосистем.

3. Загуба на биодиверзитет

Поради флуктуациите на водата во реката при работењето на хидроцентралата и честопати нискиот водостој во реката по зафатот, се губат значителни и ретки, загрозени и ендемични видови кои се таму присутни. На овој начин се уништува поволниот еколошки статус на реката и пределот, а воедно штета претрпува и крајречната вегетација.

4. Геоморфолошки промени

Со изградбата на малите хидроцентрали се врши трајна модификација на геоморфолошките карактеристики на теренот. Ова е особено проблематично во пределите со исклучителна посебност во геоморфологијата, заради што се и заштитени согласно закон.

5. Сушење на реките

За потребите на малата хидроцентрала, водата наместо во реката тече во цевките кои ја носат до техничката зграда каде се наоѓа турбината. Реката по зафатот е најчесто со минимално количество на вода, или сува. Ова придонесува до појава на бактерии и алги несвојствени за екосистемот и уништување на поволниот еколошки статус на реката.

6. Ерозија

Поради градежните активности при изградба, пределот се видоизменува и најчесто не се враќа во првобитната состојба- нема пошумување или мерки против ерозија. Оваа лоша градежна пракса може да доведе до свлечишта и дополнителни штети.

7. Криволов и илегална сеча

Пристапните патишта, освен до зафатите на малите хидроцентрали, водат и до најдлабоките предели на недопрените шуми. Истите можат да бидат злоупотребени за криволов и илегална сеча.

8. Седиментација

Малите езерца кои се создаваат пред зафатите во себе акумулираат седименти. Наместо редовно чистење, истиот се испушта со поголема количина вода во реката, со што се загадуваат водните текови.

9. Финансирање

Граѓаните преку сметките за електрична енергија плаќаат за субвенционирање на производителите на електрична енергија од обновливи извори, со што најголем процент од овие средства завршуваат кај инвеститорите на мали хидроцентрали. На оваа технологија не ѝ е потребна понатамошна поддршка и субвенциите за неа треба да се пренасочат на почистите извори на енергија како сончевата и ветерната.

10. Несоодветна законска рамка

Во нашата држава нема соодветна законска рамка за еколошки проток на реките со која ќе се спречи пресушувањето на реките и уништување на екосистемите од функционирањето на малите хидроцентрали. Наместо елаборати за животна средина, државните органи треба да ги обврзат инвеститорите на овие проекти да изработат студии за оцена на влијанието врз животната средина со што ќе се предвидат соодветни мерки и ќе се обезбеди учество на јавноста, што не е случај во моментот.

Ако ги игнорираме малите хидроцентрали тие нема да исчезнат

Ако ги игнорираме малите хидроцентрали тие нема да исчезнат

По повеќе-месечeн консултативен процес за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, Владата усвои Предлог Закон со кој не обезбедува заштита од најголемиот еколошки проблем на планината, малите хидроелектрани,

Процесот на јавни консултации за Предлог Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк во голем дел беше одбележан од незадовоството на граѓаните и граѓанските организации за третманот на малите хидроелектрани на територијата на идното заштитено подрачје. Сепак, првата верзија на Предлог Законот, согласно препораките од Студијата за валоризација на Шар Планина, содржеше заштитни појаси за веќе изградените мали хидроелектрани. На овој начин тие беа третирани како инфраструктура која што има негативно влијание врз заштитата на природата и за која има потреба да се ограничи нивното негативно влијание.

Во верзијата која што беше усвоена од Владата, овие заштитни појаси ги нема и постои само заштитен појас за ски центарот Попова Шапка. Единствениот третман што го добиваат малите хидроелектрани е како постоечка инфраструктура од јавен интерес чие што одржување, според Предлог Законот, може да се одвива непречено во сите зони на паркот.

Со оглед на тоа што според Законот за заштита на природата, заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес, а Шар Планина се заштитува согласно овој закон, нејасно е како инфраструктура која што има докажано негативно влијание врз природата може да постои и да функционира во сите зони на националниот парк, вклучително и зоната на строга заштита.

Законите кои во себе содржат терминологија чие толкување е општо, нејасно и широко го отежнува процесот на нивното имплементирање и нема да ја постигнат целта за кои се донесени. Во конкретниот случај законодавецот го користи терминот јавен интерес што би требало да биде толкуван согласно Законот за заштита на природата, бидејќи терминот јавен интерес употребен во други закони опфаќа резлични аспекти на „јавниот интерес“. Доколку се користат термините како јавен, безбедносен или стратешки интерeс нужно е да бидат дефинирани со цел законот навистина да обезбеди заштита на Шар Планина, да превенира злоупотреби и да исклучи можност за извршување забранети активности во зоните на заштита.

Исто така, нејасно е како е дојдено до ваквата измена во фазата на консултации. Објаснувањето дадено во Извештајот од спроведените јавни консултации е дека: „Покрај заштитата на природата важно е и одржувањето на споменатите објекти со што ќе се обезбеди нивно непречено функционирање. Тргнувајќи од фактот што водата за пиење, производството на електрична енергија, како и одржувањето на патиштата е од национален и локален интерес истото ќе биде непречено […]. Од тука, произлегува решението да објектите од јавен, стратешки и безбедносен интерес ќе може да се одржуваат во соработка со ЈУ НП Шар Планина и МЖСПП без оглед на зонирањето.“ Во истиот тој извештај сите коментари и забелешки од граѓанските активнисти и граѓаните се дадени изворно и со име и презиме, додека коментарите и забелешките од бизнис заедницата, стопанските комори, ЗЕЛС и општините воопшто не се дел од извештајот. Оттука, неме поврзаност помеѓу новите измени во Законот и барањата на консултираните страни.

Измените се исто така пренесени и во Анекс на Студијата за валоризација на Шар Планина, каде што е дефинирано новото зонирање на паркот и е тргната препораката за малите хидроелектрани да се воспостават заштитни појаси, нешто што беше обемно обработено во иницијалната студија.

„Доколку заштитата на природата е јавен интерес, а предмет на Предлог Законот е токму ова, тогаш сите други активности што имаат негативно влијание врз исполнувањето на целите од законот треба да бидат јасно дефинирани и ограничени. Првото решение со заштитни појаси за малите хидроелектрани нудеше многу појасно разграничување и овозможуваше подобра заштита на Шар Планина.“, изјави Давор Пехчевски од Еко-свест.

„Извештајот за консултации со јавноста кој МЖСПП го објавило на својата веб страна не е во согласност со правилата за процена на влијанието на регулативата затоа што не содржи целосни информации за сите добиени мислења од сите засегнати страни, преглед кои мислења се дадени од конкретна засегната страна ниту преглед на мислењата, забелешките и сугестиите кои не биле прифатени од страна на министерството и образложени причини за тоа“ изјави Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ од Македонското здружение на млади правници.

„Ваквата формулација што е дадена во усвоениот Предлог Закон создава опасен преседан за сите подрачја што чекаат прогласување или репрогласување, а имаат сличен проблем со штетни инфраструктурни проекти. Доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш веќе заштитата на природата го губи своето значење. Сите подрачја што чекаат заштита ќе бидат на уште поголем удар.“, дополни Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест/ WWF Adria.

Граѓанските организации кои делуваат на поле заштита на природа се децидни дека заштитните појаси кои првично беа предложени околу секоја мала хидроелектрана во идниот парк треба да се вратат во Предлог Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.