С О О П Ш Т Е Н И Е Загадувањето од електраните на јаглен е се уште огромно, нелегално и смртоносно

С О О П Ш Т Е Н И Е Загадувањето од електраните на јаглен е се уште огромно, нелегално и смртоносно

Скопје, 21 јуни 2022 – Новиот извештај на CEE Bankwatch Network покажува дека електраните што користат јаглен се уште загадуваат со огромни количини прашина и сулфур диоксид. Истовремено, нема никакви најави за инвестиции во контрола на загадувањето, но има најави за отворање нови рудници за јаглен и продолжување на нелегалното и штетното  работење и во следните години.

Четврта година по ред CEE Bankwatch Network објавува извештај и анализа за емисиите на загадувачки супстанции од термоелектраните од Западен Балкан што користат јаглен. Како и во претходните едиции и оваа година македонските електрани, а пред се  РЕК Битола, се меѓу најголемите загадувачи во регионот, но  и во Европа.                                                                                                                                           

Новите обрзувачки стандарди од Енергетската заедница за контрола на емисиите влегоа во сила во јануари 2018 година, а националната обврска за еколошка дозвола постои цели десет години предходно. Но и покрај долгиот поминат период, РЕК Битола и РЕК Осломеј се уште работат нелегално и без никакви инвестиции во контрола на загадувањето.

Иако поради недостатокот на гориво и дефектите, вкупните работни часови на електраните беа намалени во 2021 година, емисиите на загадувачи останаа високо над дозволените граници. Вкупните емисии на сулфур диоксид од Осломеј и Битола беа скоро 83.000 тони што е повеќе од пет пати над дозволеното. Емисиите на прашина (ПМ честички) беа околу 3.000 тони што е скоро двојно над дозволеното.

Ваквата ситуација се повторува со години, a под изговор на енергетската криза се прават планови за продолжување на работата на електраните наместо нивно затворање, па дури и отворање на нови рудници за јаглен и реактивирање на ТЕЦ Неготино каде се користи високо-загадувачки мазут како гориво.

„Проблемот со нерешавањето на загадувањето од електраните не може да се игнорира, особено во ситуација кога се планира да се продолжи нивното работење. Пораката од извештајот е многу јасна – тие мора или да се затворат или да се усогласат со европските стандарди. Во спротивно нивната работа чини премногу животи и предизвикува преголема штета“, изјави Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network, ко-автор на извештајот.

„Решението на енергетската криза не е отворање нови рудници за јаглен како што тоа се планира за РЕК Битола. Мора да се подготви и итно да се спроведе „план Б“ што ќе ги намали загубите во мрeжата, ќе ги отвори пазарите за трговија со енергија и значително ќе ги зголеми капацитетите од обновлива енергија. Секако, при ова мора да се примени принципот на праведна транзиција што ќе обезбеди рамномерен развој на економијата“, дополни Кристина Димитрова од Еко-свест.

Извештајот, наодите и дополнителни информации може да се прочитаат на https://www.complyorclose.org

ПОВИК ДО ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ИЗРАБОТКА НА КРАТОК ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

ПОВИК ДО ФИЗИЧКИ И ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ИЗРАБОТКА НА КРАТОК ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

Врз основа на Проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II“ спроведуван од WWF Adria во партнерство со Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, финансиски поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка- Sida, објавуваме повик за изработка на краток документарен филм за значењето и улогата на заштитените подрачја. 

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА 

Избраниот понудувач треба да изработи документарен филм во должина од најмногу 10 минути, преку кој ќе бидат претставени најмалку две заштитени подрачја кои најдобро ја претставуваат улогата и целта на постоењето на заштитените подрачја во нашата земја.                           

Преку документарниот филм треба да се прикаже улогата, потенцијалот и значењето кое заштитените подрачја ги имаат во одржувањето и зачувувањето на биодиверзитетот и природната состојба на еко-системите како и човековото здравје и благосостојба. Документарниот филм треба да ги прикаже карактеристиките поради кои што се заштитени, моменталниот статус и начините на управување со овие заштитени подрачја и да демонстрира добри практики за овие аспекти. Документарниот филм е предвидено да опфати и интервјуа со најмалку четири лица кои треба да вклучуваат претставници на локалното население и управители на заштитените подрачја како и граѓански организации кои работат на оваа тема.

Целиот призвук на филмот треба да е позитивен, едукативен и инспиративен.  

Документарниот филм е потребно да биде прилагоден во соодветни формати за да може да се споделува на социјални медиуми и да може да се емитува на телевизија.

ЗАДАЧИ 

Избраната компанија/консултанти ќе треба да ги изработи следниве задачи: 

  1. Да предложи креативно сценарио кое ќе ги претстави состојбите во заштитените подрачја во координација со тимот на Еко-свест; 
  2. Да подготви и достави нацрт видео содржина за одобрување на страна на Еко-свест;  
  3. Да ги интегрира насоките и забелешките од Еко-свест во крајната верзија на видео документарецот;   
  4. Да изработи комлетна видео продукција и постпродукција на документарниот филм, (со камера, дрон, микрофон, аудио продукција) во времетраење до 10 минути со вклучени титлови (телопи) на македонски и албански јазик; 
  5. Да обезбеди фотографии од снимањето и сниманите подрачја; 
  6. Да го предаде краткиот документарен филм во соодветен формат (висока дефиниција 1080 HD и верзија за споделување на социјални медиуми) во договорениот рок. 
  7. Дополнително на овој ангажман, за потребите на Еко-свест да изврши превод и синхронизација на гласот на постоечко видео во должина од 3:47 минути на македонски јазик и истото да го направи достапно во соодветниот формат (висока дефиниција 1080 HD и верзија за споделување на социјални медиуми) во договорениот рок.

ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ 

Времето на изработка на видео содржината е 1 (еден) месец по потпишување на договорот. Вкупната бруто вредноста на договорот не може да надмине 6.000 евра во денарска противредност.

Координативни состаноци и почеток со работадо 17 јуни 2022
Достава на пред-финална верзија до 15 јули 2022
Достава на финален продукт со вклучени коментари до 15 август 2022

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ И КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ

На повикот може да се пријават правни и физички лица. Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма. Компанијата/организацијата која аплицира мора да биде регистрирана за вршење на дејност во Централниот регистар на РСМ, и да постои најмалку 3 години.Физичкото лице кое аплицира мора да докаже искуство во изработка на документарни филмови во последните 3 години.  

При аплицирањето, заинтересираните треба да достават:

  1. За правни лица:
  • Краток опис на компанијата;
  • Биографија од најмалку едно лице со искуство во изработка на документарни филмови кое би било ангжирано на активноста;
  • Портфолио со изработени документарни филмови/видеа; 
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци;
  • Финансиска понуда и временска рамка.
  1. За физички лица/консултанти:
  • Биографија на консултантот (потребно е искуство во изработка на документарни филмови);
  • Портфолио со изработени документарни филмови/видеа;
  • Финансиска понуда и временска рамка.

ЕВАЛУАЦИЈА НА ПОНУДИТЕ

Евалуационата комисија ќе гo извести само онoj кандидат чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани според следните критериуми: 

  1. Претходно професионално искуство во дејноста (30 бодови); 
  2. Портфолио со листа на изработени документарни видеа (30 бодови); 
  3. Понудена цена (30 бодови); 
  4. Време на испорака на финалниот продукт (10 бодови); 

      Вкупно 100 бодови.   

       На повикот може да се пријават правни и физички лица кои ги исполнуваат наведените правни и технички услови. Договор ќе биде склучен со онаа компанија/организација која освоила најголем број бодови во сооднос на наведените критериуми. Комисијата за евалуација на понудите го задржува правото да го информира само понудувачот чија понуда била избрана како најсоодветна за овој повик. 

ПРИЈАВУВАЊЕ
Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на емаил: simona@ekosvest.com.mk најдоцна до 15.06.2022 година до 16:00 часот, со назнака Апликација за изработка на краток документарен филм. Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид. Повеќе информации можете да добиете на тел. 070/206-451.

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТОР/КА

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за ангажирање Администратор/ка.

Еко-свест, од своето формирање како граѓанска организација, активно работи на темите тесно поврзани со заштитата и унапредувањето на животната средина и тоа:

  • заштита на природата и одржлив развој;
  • одржлив транспорт;
  • обновливи енергетски извори и енергетска ефикасност;
  • одржливо управување со отпадот;
  • климатски промени и декарбонизација.

Работни задачи и одговорности                                                               

Ангажираниот администратор/ка ќе ги има следните работни должности и одговорности:

  • Следење на годишниот буџет на организацијата во координација со Финансискиот директор и Извршниот директор на Еко-свест;
  • Тековно и ажурно евидентирање на трошоците во интерниот систем на организацијата;
  • Следење на трошоците и нивната распределба по проекти на месечна основа;
  • Распределба на режиските трошоци по проекти согласно интерните процедури на организацијата;
  • Комуникација и координација со овластениот сметководител на организацијата;
  • Подготовка на трошковни листи за проектите во организацијата, во тесна соработка со проектните координатори и Финансискиот директор;
  • Девизно и денарско работење, како и благајничко работење;
  • Вршење на сите исплати преку системот за електронско банкарство на Еко-свест;
  • Исплата на патни налози;
  • Ажурирање на инвентарот на основни средства;
  • Подготвување и евидентирање на излезни фактури;
  • Следење и евиденција на работни часови и одмори, подготовка на плати и друга документација поврзана со вработените;
  • Подготовка на договори за вработување и документација и информации потребни за пријави/одјави на вработени (во координација со сметководствена компанија); 
  • Набавка на материјали за канцелариско работење; 
  • Електронско и физичко архивирање на финансиските документи и договорите;
  • Учество во организирањето на документацијата за организациска ревизија и проектни ревизии во координација со проектните координатори;
  • Други задолженија кои произлегуваат од финансиското работење;
  • Логистичка поддршка на проектните координатори за организирање на настани и проектни активности;
  • Работа со поштенски пратки и достава на материјали и документи по потреба;
  • Координација со трети лица – добавувачи за испорака, примопредавање на материјали и набавки и слично;
  • Извршување на работните задачи во согласност со политиките, деловниот и етички кодекс на Еко-свест.

Кандидатите треба да ги исполнуваат општите, како и следните посебни услови:

  • Комплетирано високо образование; 
  • Најмалку 5 (пет) години работно искуство со административно и канцелариско работење на проекти за граѓанското општество во Северна Македонија или во странство и, основно познавање од раководење на проектен циклус; 
  • Познавање процедури за спроведување на проекти на странски донатори, со особен аспект на ЕУ финансирани проекти;
  • Докажана способност да работи со компјутери, пред сè одлично познавање на програмите од пакетот на Microsoft office;
  • Одлично познавање на македонски и англиски јазик, а познавање на албанскиот јазик ќе се смета за предност;
  • Желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од животната средина и граѓанскиот активизам;
  • Основни познавања за работата на Еко-свест и работата во граѓанска организација или фондација.

Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:

  • за изразена комуникација (усна и писмена) и презентација; 
  • за брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи; 
  • за тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • за извршување повеќе задачи истовремено и за испорака во кратки рокови;
  • за уредност и организираност.

Работни услови                                                                  

Неделното работно време е 40 часа. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со пробен период од 1(еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечната нето плата, согласно политиката за плати е во износ од 30.000 денари, со можност за прилагодување согласно искуството на вработениот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување. 

Начин на пријавување                                                    

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија во Europass EU формат
  • Професионална препорака/референца.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за администратор/ка.  

Рокот за пријавување е најдоцна до 22 јуни 2022г.

Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат селектирани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач.

ОТВОРЕН ПОВИК за ангажирање на консултанти за изработка на „Документ за политики за данок на јаглерод“ и „Анализа за алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“

ОТВОРЕН ПОВИК за ангажирање на консултанти за изработка на „Документ за политики за данок на јаглерод“ и „Анализа за алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во соработка со CEE Bankwatch Network објавува два повици за ангажирање на консултанти во рамките на проектот „Нискојаглеродни алтернативи за централно греење и економски развој“ за изработка на следните документи:

Како да ги искористиме искуствата од други места за да осигураме праведна транзиција на Кичево

Автор: Невена Смилевска

Земјите од Европската Унија (ЕУ) веќе подолго време работат на напуштање на јагленот и исклучување на термоелектраните на јаглен и лигнит од енергетскиот микс. Секако, ова предизвикува значителни економски и социјални последици за регионите каде транзицијата се случува – губење на работни места, немање опции за младите и општо чувство на несигурност во иднината. Бидејќи станува збор за голем број на региони каде се случува огромна промена, на ниво на ЕУ предвиден е процес кој се нарекува праведна транзиција од јаглен и кој е наменет да ги ублажи последиците и да го мапира развојот на секој регион одделно, во зависност од можностите кои дадениот регион ги има. Бидејќи ваквиот процес е мошне обемен и скап, предвидени се и соодветни средства наменети за финансирање на мерките кои согласно законодавството произлегуваат од процесот на праведна транзиција. Овие мерки вклучуваат изработка на Територијални планови за праведна транзиција, поддржани со Фонд за праведна транзиција наменет, меѓу другото, за финансирање на мали проекти (5-10 милиони евра) кои би го овозможиле развојот на регионот и би придонесле кон отворањето на опции за развој на регионот кој не зависи од јаглен.

Во моментов во финална фаза на консултации е ваков Територијален план за праведна транзиција за округот Горж во Романија. Како дел од своите активности поврзани со поддржувањето на праведната транзиција од јаглен во регионот на Западен Балкан регионалната мрежа CEE Bankwatch Network спроведе серија состаноци со претставници на различни чинители во округот Горж за да научи и да ги пренесе искуствата на релевантните чинители во засегнатите региони овде, меѓу кои и Кичево. Во овој текст пренесуваме дел од научените искуства.

Регионот Горж е дом на десетина рудници на лигнит и на неколку големи тремоелектрани со вкупна моќност од над 1000 MW. Разбирливо, граѓаните, но и општините, бизнисите и сите други чинители во регионот во изминатиот период не биле позитивно насочени кон промената која целосно би го изменила начинот на живот во нивната околина.

Сепак, со оглед на тоа што промената е неминовна за сите земји на ЕУ, а и за земјите кандидатки за членство во Унијата, Советите на шесте засегнати окрузи во Романија, вклучително и Горж, биле ставени пред многу неблагодарната задача да ја испланираат транзицијата преку изработка на Територијален план за праведна транзиција. Притоа, опишувајќи го своето искуство во изработката на планот, Алин Шипану од Окружниот совет посочува дека две години се многу кратко време во процесот на праведна транзиција од јаглен, меѓутоа со добар пристап е можно да се обмисли како луѓето да се подготват за промената која ќе дојде во наредните 10 или 20, можеби и 30 години – но сепак во нашиот животен век.

Промената во отвореноста кон процесот на праведна транзиција и за окружниот совет, но и за граѓаните, дошла со генералната промена на тековите во енергетиката и со превработеноста во административниот дел на рудниците и термоелектраните. Се заклучило дека е неопходно да се има локална стратегија и стабилна програма за одржливост за регионот. 

Шипану идентификува дека еден од проблемите во задолжувањето на окружната администрација со изработка на план за праведна транзиција за регионот е што специјалност на ваквите институции е вложување на буџетски средства во големи проекти од јавен интерес или административен карактер – градење патишта, болници, училишта и слично, но не и проектирање на економскиот развој или поттикнувањето на бизнис можности. 

Сфаќајќи го овој проблем, Советот во Горж направил повик за идеи наменет за граѓани и бизниси и сите заинтересирани да придонесат. Биле изненадени што добиле 340 различни идеи од кои, по проверката дали можат да се финансираат преку Фондот за праведна транзиција, во креирањето на програмата искористиле повеќе од половина. Една од водечките насоки во изработката на планот било барањето алтернативни пристапи за развој на бизнисите во регионот – како пример беше дадена мала циглана која ќе постави и соларни панели. Дополнително, во размислувањето за можности се обработува целиот процес по принципот на value chain методологијата. 

Како пример за практична примена на овој пристап, прво е разгледана сегашната состојба – регионот продава електрична енергија. Со оглед на тоа што електричната енергија која ја произведуваат од јаглен повеќе не е пожелна од повеќе причини (неисплатливост поради даноци поврзани со емисии, намалување на достапноста на јаглен, други причини), ако сакаат да продолжат со производство на електрична енергија треба да ја произведуваат од сонце. Анализите покажуваат дека во моментов бројот на соларни панели поставени на кровни површини е многу мал. Со калкулација на достапните површини се увидело дека има толку голема потреба од соларни панели во регионот што за да се задоволи потребата, добра опција би било да се изгради фабрика за производство на сончеви панели. Па така, се планира целиот процес – производство на панели, вклучително и оспособување на кадри, поставување на панели и оспособување на кадри за тоа, поттикнување на енергетски задруги со сите можности кои тоа ги нуди и на крај продажба на електричната енергија кон системот. Дополнително, се разгледуваат можности за инсталирање на мерки за енергетска ефикасност кои со одредена преквалификација општоземено се добра опција и за вработените во рудниците и термоелектраните на кои им претстои затворање.

Важно е да се напомене и дека Окружниот совет идентификувал дека бизнисите кои се директно поврзани со термоелектраната (транспорт, сервиси и слично) не се заинтересирани за промена, но и дека тие се значително помалку на број во однос на другите можности во регионот на кои треба да се работи и кај кои има поголем интерес за транзицијата.

Општоземено, општината била пријатно изненадена од тоа колку нови идеи кои може да се финансираат се појавиле на гореспоменатиот повик. Станува збор за релативно мали проекти кои можат да се финансираат во рамките на она што го нуди Фондот за праведна транзиција (5 до 10 милиони евра по проект). Шипану посочува и дека малите проекти се попожелни како дел од Територијалниот План за праведна транзиција бидејќи се поедноставни за имплементација и имаат поголем потенцијал за овозможување економски диверзитет. Меѓу поволните проекти идентификувани се и создаден е простор во планот за идеи од областа на енергетиката, земјоделството, туризмот, образованието и многу други сектори. Некои од идеите кои беа споделени со тимот на CEE Bankwatch Network се: комбинацијата на стакленици со фотоволтаични панели, зелени тематски паркови, фабрики за производство на сончеви панели, развој на градежниот сектор во областа на енергетска ефикасност итн.

Сепак, за искористување на искуствата за да се планира развојот на Кичевскиот Регион неопходно е да се разгледаат опциите кои се достапни и можни на локално ниво, како и да се земе предвид димензијата на Кичевскиот Регион во однос на регионот Горж. Сепак, позитивното искуство на регион кој го поминува патот на транзицијата може да биде од непроценливо значење за регион кој допрва ќе се соочи со затворање на енергетски капацитет и да отвори можности за развој во поинаква насока.

Повеќе за целата посета на CEE Bankwatch Network  во регионот Горж ќе може да се прочита во брифингот кој кон крајот на јуни 2022 г. се очекува да биде објавен на www.bankwatch.org и на www.just-transition.info