Избрани победниците на видео натпреварот „Кажи ни зошто јагленот ти смета“

Избрани победниците на видео натпреварот „Кажи ни зошто јагленот ти смета“

Би сакале да им заблагодариме на сите за покажаниот интерес за наградниот натпревар „Кажи ни зошто јагленот ти смета“. Известуваме дека жири комисијата составена од двајца претставници од Еко-свест со долгогодишно искуство во секторот енергетика и еден претставник од Europe Beyond Coal ги оценуваа видеата врз основа на критериумите креативност, оригиналност и релевантност на содржината на видеото и едногласно одлучија да ги доделат наградите по овој редослед:

1 место за видеото со наслов „Јаглен

2 место за видеото со наслов „Чернобил или Битола

3 место за видеото со наслов „Пиење кафе и музика

На тимовите и индивидуите кои ги изработија победничките видеа им беа доделени ваучери за велосипеди или електричен тротинет.

Честитаме и се надеваме дека овој натпревар е само почеток на дискусијата за ниско-јаглероден развој во Битола и околните општини.

Повик за експерт за проценка на капацитети и правна помош

Повик за експерт за проценка на капацитети и правна помош

Вовед

Преку финансиска поддршка од Европската Комисија, Делегацијата на Европската Унија во Република С. Македонија – Програмата за граѓанско општество и медиуми 2016 – 2017 – Поддршка за граѓански организации под Акцијата за граѓанско општество 2016 – 2017, Еко-свест го спроведува проектот “Да зборуваме за климатските промени” во чии рамки е потребно ангажирање на експерти.

Краток опис

Во моментов тематската целина за климатски промени не е соодветно правно регулирана, дискутирана и воопшто интегрирана во процесите на планирање на национално и локално ниво. Општото познавање на јавноста за климатските промени е на ниско ниво и организирани активности на темата се неорганизирани и најчесто на индивидуално ниво. Поради тоа се појави потреба за организиран и систематизиран пристап на темата, преку обединување на граѓанските организации и индивидуалните експерти во широка „Коалиција за клима” која би се фокусирала на сеопфатно разгледување на темата „Климатски промени”. Како главни резултати кои би се постигнале со „Коалицијата за клима” се: Подигнување на свеста и разбирањето на општата јавност со цел граѓаните да почнат да делуваат на решавање на проблемите; Иницирање на дискусии на локално и централно ниво за главните приоритети во секторот Клима, за активностите во таа области бидат добро смислени и соодветно таргетирани; Застапување за интегрирање на климатските промени како меѓу секторска тема во сите секторски планови и програми, со цел климатските аспекти да бидат разгледувани како синхронизирана и хармонизирана тема.

За таа цел од страна на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ на 3 и 4 јуни 2019 година во Хотел Метропол Охрид беше организирана Конститутивна средба на Мрежата за климатски промени (понатаму Коалиција за клима) на која присуствуваа повеќе од 80 учесници од повеќе од 50 граѓански организации. Освен пленарната седница од страна на проектот беа организирани 4 работни групи: за дефинирање на членство; за принципи и вредности на коалицијата, за дефинирање на интерни и екстерни комуникации на коалицијата; за организација и структура на коалицијата. Од страна на секоја работна група беше изготвени заклучоци кои би биле користени при Анализите кои треба да се изработат од овој повик.

Цел

Целта на проектот е проценка на капацитетите на членовите основачи на Коалицијата за клима и да им обезбеди правна помош во делот на организација, основачки акти и регистрација на коалицијата.

Специфичните цели на проектот се:

  • Поддршка на проектот „Да зборуваме за климатските промени” при проценка на капацитетите на членовите основачи на Коалицијата за клима со цел избор на соодветен модел за регистрација и делување на Коалицијата.
  • Давање правна помош на проектот „Да зборуваме за климатските промени” во изработка на основачки акти на Коалицијата и помош при регистрацијата на истата.

Задачи

Задачите на експертот ќе бидат:

  • Организирање и спроведување на консултативни состаноци со одговорните лица од проектот „Да зборуваме за климатските промени” како и носителите на работните групи од првата средба на Коалицијата.
  • Изработка на анализа на капацитетите на членовите основачи на Коалицијата за клима и нејзино презентирање.
  • Изработка на правна анализа за избор на соодветен модел за регистрација на Коалицијата според правниот поредок на Република С. Македонија и нејзино презентирање.
  • Врз основа на записниците од работните групи на првата средба на Коалицијата за клима да изработи Визија Мисија и Цел на Коалицијата, Статут, Правилник за работа на Коалицијата кој треба да има информации за начинот на пристапување кон Коалицијата, информации за членство, начин на комуникација и одлучување во Коалицијата и начин на комуникација на Коалицијата кон трети субјекти.
  • Правна помош при евентуалното регистрирања на Коалицијата согласно правниот поредок на Република С. Македонија со изработка на документација потребна за регистрација.
  • Подготовка на краток извештај за спроведените активности.

Рокови

Активностите треба да се спроведат почнувајќи од 3 декември 2019 година и да се завршат најдоцна до 3 јуни 2020 година.

Минимално образование и вештини на апликантите

  • Завршено високо образование правни студии VII/1 или еквивалент. Магистерски студии или правосуден испит се сметаат за предност;
  • Работно искуство во или со граѓански организации;
  • Искуство со проценка на капацитети или изработка на правни анализи;
  • Искуство со изработка на акти за регистрација на правни субјекти. Искуство со изработка на акти за регистрација на граѓански организации ќе се смета за предност.

Каде да се пријавите?

Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија и понуда со образложение на бројот на денови за спроведување на активностите и вредност на ангажманот, најдоцна до 29 ноември 2019 година. Пријавувањето треба да се направи на е-маил [email protected], а во насловот на пораката треба да се назначи „Пријава“. Кандидатот кој ќе бидат избран ќе биде известен најдоцна до 2 декември по електронски пат.

ПОВИК ЗА АНГАЖМАН НА 8 РЕГИОНАЛНИ КООРДИНАТОРИ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА МРЕЖАТА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

Во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, предвидени се активности за зајакнување на партнерства и воспоставување коалиција за климатски промени составена од локални членки од 8 региони од државата.
Целта на проектот е да се зајакне влијанието на грасрут организациите и националните граѓански организации преку воспоставување на коалиција за климатски промени на национално ниво и да се подигне свеста за важноста од приспособување (адаптација) на климатските промени.

Специфични цели на проектот се:

  1. Зголемување на капацитетот, транспарентноста и одржливоста на граѓанските организации од различни сектор во земјата преку формирање на коалиција за климатски промени на национално ниво со цел поголема вклученост во креирање на јавното мислење како и зголемено влијание и учество во развојот на политиките на локално и национално ниво.
  2. Да се подигне свеста кај македонските граѓани за важноста на справување со климатските промени во сите сектори и на сите нивоа на одлучување како клучен придонес за постигнување на успешен процес на пристапување кон ЕУ.

Проектот е имплементиран од страна на на Еко-свест, Скопје (водечки апликант) Connecting Natural Values and People (CNVP), Скопје и Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ), а финансиран од Европската Унија.

Овој повик се однесува на ангажирање на Регионални координатори од сите 8 региони со почеток од 1.1.2020 и времетраење од 2 (две) години.

Опис на работните задачи

Главната цел на ангажманот е да се воспостави развиена и ефикасна структура на Мрежа за климатски промени составена од здруженија-членки на локално ниво. Мрежата треба да изгради цврсти односи и добар пристап со своите засегнати чинители и да дејствува како силна алатка која ќе влијае врз донесувачите на одлуки од секторот клима. За таа цел, на почетокот од проектот изработени се проценки за клучни приоритетни области за дејствување на здруженијата во секој од 8 региони од државава.
Задачата на секој регионален координатор ќе биде да одржува постојани врски меѓу локалните здруженија и управувачкиот тим од проектот (преку канали како Ekosfera.mk) како и да отвораат нови канали на комуникација. Нивната улога ќе биде во одржување, ажурирање и промовирање на онлајн алатки за мапирање на еколошки жешки точки во поединечните региони.

Поконкретно регионалните координатори ќе ги имаат следните задачи:

  • локална подготовка на членките за воспоставување стабилни темели на Мрежата преку промовирање на употреба на онлајн алатки за мапирање на еколошки жешки точки во поединечните региони
  • интензивно усогласување со цел да се гарантира учество и разбирање од страна на членките, за изградба на заеднички пристап во влијание врз локалните донесувачи на одлуки во секторот клима изразено преку конкретни активности на регионално и локално ниво (поднесени реакции до медиуми, учество во локални јавни расправи, претставки и предлози до надлежни органи, следење и известување за локалните политики поврзани со заштитата на животната средина и климата и сл.)
  • подготовка на планови за активностите кои ќе ги доставуваат еднаш месечно до проектниот тим. Содржината на плановите треба да биде испорачана преку методологија која ќе обезбеди висок степен на интеракција и активно вклучување на членките во активности на ширење на јавната свест за потребата да се работи на поле на климатски промени.
  • одржување повремени консултативни средби со проектниот тим при спроведување на координативните активности

Тип на договор и надоместок

Ангажманот е на хонорарна основа и се заснова на определено време од максимум 2 години со вкупно две плаќања, од кои првото е по одобрување на периодичен извештај, а второто е по одобрување на план на активности за следната година на Регионалниот координатор од страна на проектниот тим. Вкупниот износ кој ќе биде исплатен по координатор изнесува 1000 евра бруто во денарска противвредност.
Регионалниот координатор одговара директно пред Координаторот на Проектот „Да зборуваме за климатските промени“.

Ангажманот ги вклучува следниве специфични обврски:
• Подготовка на нацрт-план за активности (за месец и за година)
• Подготовка на периодичен и завршен извештај кои ги вклучуваат резултатите од координативните активности.

Потребни квалификации

Регионалниот координатор треба да ги поседува следните квалификации и вештини:
• Познавање на политиките за справување со климатски промени во Македонија;
• Познавање на невладиниот сектор во регионот за кој се аплицира (пожелно во областа на животната средина или сродни области);
• Искуство во користење на современи интерактивни методи и онлајн алатки;
• Познавање на процесот на партиципативно учество во креирање на политики и носење на одлуки на локално ниво.

Потребна документација

Пријавата треба да го содржи следново:
• Детална биографија (CV)
• Писмо за интерес

Критериуми за избор

Критериум за избор на координаторите се:
• Експертиза за темата за која се пријавуваат: 50 бода
• Претходно искуство во работа со здруженија на граѓани: 50 бода

Рок за пријавување

Апликациите треба да се достават најдоцна до 22-ри ноември 2019 год. (петок) на следната електронска адреса: [email protected] со назнака „Пријава за Регионален координатор“. Само избраните кандидати ќе бидат контактирани.