Отворен повик за спроведување телефонска анкета и фокус групи на територијата на Р.С.Македонија

Отворен повик за спроведување телефонска анкета и фокус групи на територијата на Р.С.Македонија

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, во рамки на проектот „Граѓански организации во акција за климата’’ финансиран од Swedish International Development Cooperation Agency (SIDA), објавува повик за спроведување на

ТЕЛЕФОНСКА АНКЕТА И ФОКУС ГРУПИ
на територијата на Република Северна Македонија

I. Цел на активноста:
Цел на активноста е спроведување на национална анкета за испитување на јавното мислење на репрезентативен примерок и спроведување на фокус групи, преку ангажирање на компанија/организација со цел добивање релевантни податоци за познавањата и перцепциите на различните групи граѓани и засегнати страни на теми поврзани со влијанието на климатските промени врз животот на грѓаните на Република Северна Македонија.
Јавната анкета и фокус групи треба да дадат одговори на прашања и перцепциите поврзани со климатиските промени на локално и национално ниво, кои директно ќе помогнат во планирањето и дизајнирањето на различни национални кампањи и стратегии за комуникација за зголемување на свесноста за влијанието на климатските промени во државата.

II. Опис на активностите:

  1. Реализирањето на јавната телефонска анкета треба да се спроведе на репрезентативен примерок од минимум 1.010 испитаници рамномерно застапени на територијата на целата држава. Темите од особен интерес кои треба да бидат застапени во анкетирањето и фокус групите и дадат релевантни информации и показатели кои ќе се однесуваат не следните специфиични цели:
  • зајакнување на граѓанското општество да учествува во донесувањето одлуки поврзани со климата и преземање локални активности преку подобрување на нивните капацитети, знаења и вештини;
  • Зголемување на јавната свест за можностите за нискојаглеродни економии и зелена трансформација,
  • и градење притисок во јавноста врз институциите за да се обезбедат овие случувања преку промени во политиките и програмите.
  1. Фокус групите треба да бидат еднакво застапени во соодветните плански региони (вкупно 8) и да дадат детални индикатори и информации за влијанието на климатските промени во секој од конкретните плански региони, односно информации за познавањето на теми и проблеми поврзани со климатските промени на локално и национално ниво. Во дефинирањето на фокус групите, посебен акцент треба да се стави на соодветна родова и полова застапеност, со особен опфат и фокус на граѓаните кои припаѓаат на следните ранливи и маргинализирани категории: жени, млади и постари лица и социјални категории на граѓани. Тимот на „Еко-Свест“ тесно ќе соработува со избраниот понудувач во допрецизирање на методологијата и дефинирањето на фокус групите.

III. Период на реализација:
Спроведувањето на јавната анкета и фокус групи треба да се одвиваат во периодот помеѓу 11 и 20 ноември 2021г. а наодите и анализите да се достават до Еко-Свест најдоцна до 25 ноември 2021г.

IV. Потребна документација за аплицирање
При аплицирањето, апликантите треба да достават:
-Краток опис на компанијата/ здружението;
-Портфолио од претходно релеватно искуство
-Финансиска понуда.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

V. Евалуација на пријавите:
Евалуационата комисија ќе ги извести сите понудувачи за одлуката. Понудите ќе бидат оценувани по следните критериуми:
Претходно искуство во спроведувањето на слични активности: 40 поени
Понудена цена за активноста: 60 поени
Вкупно: 100 поени.

Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број поени.

VI. Пријавување:
Комплетната понуда заинтересираните треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 9 ноември 2021 г., 16:00 часот со назнака: “Пријава за јавна анекта и фокус групи за климатски промени“.
За сите дополнитени прашања и консултации заинтересираните субјекти може да се обратат електронски, најдоцна до 5 ноември 2021 г.

Имплементацијата – најсериозна забелешка за секторот животна средина и клима во извештајот на ЕУ

Имплементацијата – најсериозна забелешка за секторот животна средина и клима во извештајот на ЕУ

Најновиот извештај на ЕУ за земјата сериозно забележува за недостигот на имплементација на новата и постоечка регулатива во поглавјето 27 – животна средина и клима. Тоа и недостигот на меѓусекторска соработка и координација стојат како проблеми кои оневозможуваат напредок во ова поглавје.

Транспорт
Доцнењето со развојот на акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспорт 2018-2030, како и сериозно слабите оперативни и административни капацитети за сите типови транспорт, се и ќе продолжат да бидат сериозен проблем за правилно спроведување на Зелената агенда во секторот транспорт. Напредокот е најслаб во усогласување со европското законодавство за железницата и за комбиниран транспорт, елементи што се круцијални за развојот на чист и одржлив транспортен сектор.

Енергија
Земјата носи амбициозни политики и планови во секторот енергија, меѓутоа како што е наведено и во извештајот, недостатокот на високо квалификуван персонал способен да ги спроведе сите овие нови стратегии, планови и закони значи дека имплементацијата ќе доцни или нема да се случи.
Во делот за обновливи извори, извештајот препорачува да се преиспита одлуката на Владата да ги задржи повластените тарифи за малите хидроцентрали затоа што или не им се потребни субвенции, или прават висока штета врз животната средина. Исто така препорачува да се отстранат лимитите за максимален инсталиран капацитет на другите технологии за да се забрза нивниот развој. Во делот за производители-потрошувачи е нагласено дека има преголем број административни пречки што ги одвраќаат граѓаните и го забавува спроведувањето.

Воздух
Загадувањето на воздухот во големите градови останува сериозен проблем. Извештајот повторно ги нагласува слабото спроведување, недоволната алокација на ресурси, и слабата интерсекторска соработка помеѓу централната и локалната власт како главни причини за слабиот напредок во овој сектор. Подобрата соработка и зголемувањето на финансиите посветени за мерки против загадувањето на воздухот се меѓу трите најважни препораки во целото поглавје 27 за животна средина.

Природа
Секторот природа бележи голем број на успешни национални и меѓународни процеси за прогласување на нови подрачја (Шар планина како национален парк, Охрид и Студенчишко блато како нови Рамсар подрачја, Длабока река како светско наследство во УНЕСКО ) и промени во законодавството кое е на праг на усвојување. Акцентот во извештајот е ставен на потребите да се забрза ре-прогласувањето на НП Маврово за национален парк, да се создаде систем за мониторинг на балканскиот рис како прв чекор кон неговата заштита и да се обезбеди државно финансирање за заштитените подрачја.

Вода
Една од клучните забелешки во секторот води е отсуство на плановите за управување со речните сливови и нивната имплементација. Поради ова сме сведоци на бројни штети врз речните екосистеми како резултат на издавање на неплански концесии.И тука главна забелешка е недостигот од меѓусекторска соработка помеѓу институциите во овој сектор.

Клима
Во моментот нашата земја носи климатски политики со висока амбиција која е во насока на остварување на зацртаните климатски цели во ЕУ, меѓутоа најголема забелешка во извештајот е минимална имплементација на Парискиот договор. Оваа забелешка најмногу се однесува на игнорирање на одредбите од Парискиот договор кои се однесуваат на внесување на климата во националното право како би се создала правна рамка за имплементација на ветените амбициозни цели со стратегијата за климатска акција и со ревидираните национални придонеси. Земјата сеуште нема закон за климатска акција кој треба да ја обезбеди институционалната и правна рамка за превземање активности. Потребно е сериозно разбирање на Парискиот договор како и Текстовите од Катовице за имплементација на договорот и внесување на климата во сите релевантни сектори.

Отворен повик за кандидатите на градоначалници да ги подржат принципите на праведната транзиција

Отворен повик за кандидатите на градоначалници да ги подржат принципите на праведната транзиција

Македонија во моментов има многу амбициозни политики за клима и енергија, но успешното спроведување на овие политики кои се носат на централно ниво ќе зависи од навременото и соодветно превземање на активности и мерки на локално ниво. Општините зафатени со овие процеси треба да бидат главните носители на процесите на праведна транзиција во земјата.

Климатските промени се најголемиот предизвик за носителите на одлуки денес. Нивните последици веќе ги трпат заедниците во светот, особено во земјите во развој како нашата кои немаат финансиски средства да се справат со штетите и загубите. Земјите од Западен Балкан, од кои повеќето сè уште се зависни од јаглен и лигнит, сепак ја потпишаа Софиската декларација и се заложија да станат клима неутрални до 2050 година.

Сакаме да ги потсетиме носителите на одлуки во државава дека најавеното продолжување со работа на ТЕЦ Осломеј е спротивно на заложбите кои ги превземаа токму со Софиската декларација и Зелениот договор за земјите од Западен Балкан како и со националните стратешките документи а се коси и со високите климатски цели поставени во ревидираниот национален придонес кон UNFCCC. Било каква добивка која ќе ја имаме како резултат на продажбата на електричната енергија добиена од јаглен граѓаните кои живеат во близина на термоелектраните ја плаќаат со своето здравје, здравјето на своите деца и скусени години од својот живот. Потребата од стабилност и безбедност на енергетскиот систем во ниеден случај не го оправдува работењето на термоелектраните без соодветни мерки за заштита на животната средина.

Разбираме дека набавката која се случува сега е интервентна, меѓутоа тоа значи и дека во ниеден случај не смее да се дозволи ова да стане пракса на сметка на забрзаното воведувањето на новите обновливи извори на енергија во системот за да се задоволат потребите.

Со цел да го поттикнеме и поддржиме процесот на праведна транзиција во С. Македонија ги повикуваме кандидатите за градоначалници на локалните избори 2021 за регионите во кои се врши експлоатација на јаглен како и сите региони со отворени рудници и регионите на чија територија има индустриски капацитети со високи емисии на стакленички гасови да се обврзат дека ќе ги почитуваат основните принципи на праведната транзиција преку потпишување на крајот на овој документ и да ни го вратат потпишан на [email protected].