Не ги искористуваме можностите за развој на зелена економија

Земјоделците во моментов се соочуваат со огромни вишоци на сезонско овошје и наместо да се искористи за потикнување развој на зелена економија во земјата, праските од Росоман и јаболките од Ресен завршуваат фрлени како ѓубре.

Фрлањето на свежите производи од страна на нашите земјоделци во знак на револт поради ниските откупни цени почнува да станува наше секојдневие. Ова едноставно е недопустливо бидејќи во производството сме потрошиле вода, енергија и транспорт и сме емитувале стакленички гасови во атмосферата. Производите, наместо на трпеза, завршуваат како отпад кој загадува бидејќи е извор на метан – стакленички гас кој ја менува нашата клима.

Во светот веќе постојат илјадници позитивни примери за развој на зелена економија, а многу од нив доаѓаат од земјите во развој како нашата. Едно од решенијата е стеснување на ланецот на храна преку директно поврзување на малиот локален земјоделец со потрошувачот преку мобилни зелени пазари организирани од општините или пак локализирани продавници во сопственост на земјоделски задруги.

Со цел да обезбедат квалитетни и здрави производи, познатите ресторани и основните училишта од многу земји во светот склучуваат договори за соработка со локални земјоделски фарми и со тоа земјоделецот има загарантиран купувач на неговите производи.

Нашата земја изобилува со традиционални рецепти за џемови, мармалади и сушено овошје кои во многу земји од Западен Балкан веќе достигнуваат висока пазарна цена со соодветно брендирање и етикетирање, меѓутоа и со силна соработка на сите во локалните заедници.

За развој на зелената економија потребни се идеи, креативност, меѓутоа и огромно ангажирање од страна на државата преку националните стратегии и програми како би можеле да ги насочат субвенциите онаму каде е вистински потребно. Потребни се системски решенија кои ќе овозможат локални партнерства и локални акции за локални зелени бизниси за придобивка на земјоделците и потрошувачите, притоа штитејќи ја нашата средина и клима.

Во рамките на регионалниот проект GEAR-Green Economy for Advanced Region, финансиран од Европската унија, Еко-свест во последнава година започна поинтензивно да работи на подигнување на капацитетите на граѓанските организации за предизвиците и можностите за зелена економија со цел зголемување на притисокот кај власта да започне да создава можности за развој на зелена економија во државата.

Владата одобри изградба на 8 хидроелектрани во заштитени подрачја

Владата одобри изградба на 8 хидроелектрани во заштитени подрачја

Владата на Република Северна Македонија на 14.05.2019 оваа недела донесе одлука за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани повеќето во заштитени подрачја и со тоа стави во опасност од уништување цели екосистеми со особена еколошка и биолошка вредност.

Тендерот кој беше објавен на 4 јануари предвидуваше издавање на вкупно 22 локации за мали хидроелектрани. Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ уште во февруари реагираше со допис до Премиерот, во кој јасно ги наведе проблемите со овој повик. Имено, 11 од предложените локации за концесии се наоѓаа во заштитени подрачја.

Според анализите на Еко-свест, овој повик е во спротивност со националните и меѓународните закони и е во спротивност на препораките на Европскиот Парламент и Бернската конвенција.

Штетата врз биодиверзитетот и природните живеалишта е уште поголем кога ваквите планови за изградба се наоѓаат во подрачја со особена еколошка и биолошка вредност. Извештајот од страна на меѓународната организација CEE Bankwatch Network, потврдува дека изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја причинува огромни штети на екосистемите и трајно ги нарушува, воедно косејќи се со националните и Европски закони.

Како демонстрација на ваквата несоодветна пракса е и изградбата на малата хидроелектрана на Крапска река, која се наоѓа на Јакупица и претставува Емералд подрачје, под заштита на Бернската Конвенција. Последниот фото извештај од посетата на терен укажува на серија прекршувања на нашите закони, недостиг од добра градежна пракса и трајно уништување на екосистемите и реката.

Во својот говор при доделувањето на Голдман наградата за достигнување во заштитата на животната средина, Ана Чоловиќ Лешоска го потенцираше ризикот од изградбата на хидроелектрани во заштитени подрачја, бидејќи како што рече таа- природата е нашиот извор на живот и само со нејзината заштита ќе обезбеди наш опстанок.

„Сите водени површини имаат непроценливо значење за нас. Од опстанокот на реките не зависи само опстанокот на екосистемите каде минуваат туку и опстанокот на локалното население кое од нив зависи за храна и вода. Уништување на реките значи тивко замирање на сите села и населени места по нивниот тек заедно со долгогодишни традиции и историја“- вели Чоловиќ Лешоска

Иако концесијата за малата хидро електрана на реката Жировница во НП Маврово не е доделена со овој повик, Владата требаше да не ги додели и останатите 10 електрани и така да докаже дека определбата за заштита на природата и животната средина не се декларација на хартија, туку вистинска посветеност на нашите институции.

Еко-свест за овој нов развој на состојбата со понатамошната изградба на хидроелектрани во заштитени подрачја планира да ги информира Енергетската Заедница и Секретаријатот на Бернската конвенција.

Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест добитник на престижна награда за животна средина

Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест добитник на престижна награда за животна средина

Наградата за животна средина Goldman се доделува секоја година на заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот. Оваа година наградата е доделена на активисти од Чиле, Либерија, Монголија, Куковите Острови, САД, а меѓу добитниците е и Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање Еко-свест од Македонија.

Ана Чоловиќ Лешоска е извршна директорка во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, по професија е биолог и повеќе од 20 години од својот живот активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина.

Наградата за животна средина Goldman ја добива како признание за седумгодишната кампања за стопирање на меѓународното финансирање за Бошков мост и Луково поле- две големи хидроцентрали планирани во националниот парк Маврово, со која го заштити живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис и многу други ретки и ендемски видови во паркот.

„Во трката да ги исполнат своите обврски кон Енергетската заедница и да започнат со преговори со ЕУ, многу од земјите од Западен Балкан побрзаа со планови за изградба на хидроенергетски капацитети заради зголемување на уделот на електрична енергија од обновливи извори во своите земји. Меѓу нив и нашата земја- повеќе реки се веќе уништени или изложени на опасност од изградба на мали хидроцентрали. Хидроенергетските проекти ја уништуваат природата и животот на локалното население“ – рече Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест.

Во последните години нашата земја безобѕирно ги троши ресурсите со кои располага, се уништуваат скапоцени природни предели со ретки и ендемски видови и се загрозуваат цели екосистеми од кои зависи и нашиот опстанок на планетата.

„Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна, нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги кои ни ги обезбедува природата- за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да обезбедиме повеќе зони за заштита на природа каде нема да биде дозволена изградба на било какви инфраструктурни проекти. Искрено верувам дека можеме да се развиваме и поинаку со внимателно планирање кое ќе ги вклучи сите засегнати страни“- рече Ана Чоловиќ Лешоска.

Со Goldman наградата им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на грасрут активисти за животна средина од целиот свет, со цел да нè инспирираат сите нас да преземеме нешто за да ја заштитиме нашата планета. Оваа година се одбележува 30 годишнината од наградата, којашто беше востановена во 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите и граѓански лидери Рода и Ричард Голдман. До денес, наградата е доделена на 194 добитници од 89 различни нации и со тоа успеа да ја подигне свеста за многу критични прашања со кои се соочува Планетата.

За наградата за животна средина Goldman

Наградата за животна средина Голдман беше востановена во 1989 година од починатите граѓански лидери и филантропи од Сан Франциско Ричард и Рода Голдман. Добитниците на наградите ги бира меѓународно жири со тајни номинации поднесени од светска мрежа на организации за животна средина и поединци.