Повик за доставување понуди за набавка на канти за селектирање отпад од пластични шишиња

Повик за доставување понуди за набавка на канти за селектирање отпад од пластични шишиња

Опис на услугата

Задачата во рамки на повикот е набавка на канти за селектирање отпад од пластични шишиња и достава до локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани.

Основни информации

Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во партнерство со Јавното претпријатие за комунални дејности и облагодарување на природните ресурси Еремја – Вевчани го спроведува проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од селектирана пластика до иновација“ со цел унапредување на управувањето со отпадот во општина Вевчани. Повеќе информации на www.ekosvest.com.mk

Цел на услугата

Главна цел на оваа задача е подобрување на инфраструктурата за соодветно одлагање на отпадот од пластични шишиња, со што ќе се унапреди процесот на селекција на пластиката и нејзино рециклирање.

Обем и детален опис на услугата

Избраниот понудувач ќе биде задолжен за:

1.  Набавка на 50 канти за селекција на отпад од пластични шишиња

Кантите треба да имаат волумен од најмалку 240 литри, да се изработени од тврда пластика и да бидат подвижни.

На кантите треба да има налепница со слика од пластично шише како и да пишува дека кантата е само за пластични шишиња од вода или сок.

2. Достава на кантите до локалната канцеларија во Вевчани

Временска рамка

Задачата за набавка на канти за селектирање на отпад од пластични шишиња ќе биде финализирана 45 дена од склучување на договорот, но не покасно од 31.12.2023 година

Предложената временска рамка за ангажманот е следна:

РезултатКраен рок
Избор на канти за селектирање на отпад од пластични шишиња04/12/2023
Одобрување од страна на Еко-свест11/12/2023
Достава на канти31/12/2023

Буџет

Вредноста на договорот не може да надмине 2750 САД$, односно 157.300 денари, според курсот на проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од селектирана пластика до иновација“.

Потребна документација за аплицирање

  • Краток опис на компанијата (портфолио)
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци
  • Финансиска понуда

Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:

  • Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 2 години.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Во понудата задолжително:

  • Да се наведе единечната цена за производот без ДДВ
  • Временски рок на извршување на набавката
  • Начин на плаќање

Евалуација на кандидатите

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана.

Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Краток опис на компанијата (портфолио): 30 бодови.
  • Време потребно за достава на кантите: 30 бодови.
  • Понудена цена за кантите: 40 бодови

Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.

Евалуационата комисија ќе ја извести само онаа компанија чија понуда ќе биде избрана. Договор ќе биде склучен само со онаа компанија чија понуда ќе биде оценета како најповолна.

Услови на поднесување

Комплетната понуда апликантите треба да ја испратат на email: [email protected] , со назнака “Понуда за набавка на канти”.

Краен рок за достава на понуди е 9/11/2023 година.

Некомплетни понуди нема да бидат земени предвид.

Надзор на проектот

Еко-свест ќе биде одговорен за надзорот на спроведувањето на активноста и почитување на договорите и договорните задачи.

Контакт лице Леонора Велкоска, [email protected]

Контакт лице

За повеќе информации, ве молам контактирајте со Леонора Велкоска, [email protected] или на +389 78 300 219

Повик-за-доставување-понуди-за-набавка-на-канти.pdf

Одржан настанот „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје”

Одржан настанот „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје”

На 14.10.2023 година во Демир Капија се одржа настанот „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје” кој е првиот во низата на активности поврзани со процесот на репрогласување на Демир Капија како заштитено подрачје.

Преку низа на едукативни активности, пред заинтересираните присутни беше презентирано значењето на иницијативата за репрогласување на Демиркаписката Kлисура и целосна заштита на реките Бошава и Дошница, заедно со околното подрачје, како и сите наредни чекори во процесот на прогласување на заштитеното подрачје.

Пред присутните се обратија Градоначалникот на Општина Демир Капија г-дин Лазар Петров, Заменик Министерката за животна средина и просторно планирање г-ѓа Христина Оџаклиеска, претставник од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ г-дин Ѓорѓи Митревски и Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот г-дин Љупчо Јаневски, кои несебично дадоа целосна поддршка за оваа иницијатива и ги потврдија придобивките кои може да ги уживаат сите засегнати страни.

Вечерта заврши со концертите на Љубојна и Летечки пекинезери, каде заедно со демиркаписката публика се прослави отпочнувањето на иницијативата.

Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје “

Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје “

Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје “, е првиот од низата културни настани преку кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.

Информативниот културен настан ќе се одржи на 14.10.2023 год. (сабота) во Градскиот
парк во Демир Капија, со почеток во 14:00 часот.
Настанот ќе биде отворен со изложба на фотографии од природните убавини на Демир Капија. Потоа следува свечено отварање и вовед во иницијативата „Заедно за реките“, и најава на следни активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје.
Во вечерната програма ќе се одржат концертите на групата „Љубојна” и „Летечки пекинезери”.


Иницијативата „Заедно за реките“, има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион. Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на природата The Nature Conservancy, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест “од Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.

Во рамките на оваа Иницијатива „Еко-свест “, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја започна постапката за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.

Известување за раскинување на договор за грант број G001014

Известување за раскинување на договор за грант број G001014

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје информира дека на ден 12.10.2023 година го раскинува Договорот за доделување на грант број G001014 заверен под архивски број 13-23/0307 од 15.02.2023 со Здружението за еколошко оддржлив развој „Зелен институт“ од Скопје за реализација на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, поради последователно прекршување на одредби од Договорот со сите придружни анекси. Со раскинување на договорот престанува реализацијата на гореспоменатиот проект. Проектот беше финансиски поддржан во рамки на програмата „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводена од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници(МЗМП) и Центарот за поврзување на природни вредности и луѓе (ЦНВП Македонија), а финансиски поддржана од Владата на Шведска.


И покрај сите заложби на Еко-свест да ја поддржи реализацијата овој проект, преку укажување за следење на потребните процедури и обезбедување на потребната документација за реализација на проектните активности и следење на напредокот на проектите резултати, со жалење констатираме дека договорната страна не ги испочитува договорните обврски и дека Договорот е прекршен, поради кој е преземен овој чекор.

Мерките превземени од Зелен институт за разрешување на посочените неправилности, за жал, не одеа во прилог ниту на успешна реализација на проектот, ниту на градење на капацитетите на граѓанските организации. Примарна цел на програмата на Еко-свест е градење на силно и енергично граѓанско општество, кое игра значајна улога во заштитата на животната средина и климатските промени. Основните вредности на граѓанскиот сектор се транспарентност, професионалност и отчетност и токму поради нив, ваквите случаи будно ги следиме и одговорно постапуваме по нив.

За сите информации поврзани со ова известување повеќе информации може да се добијат со контакт на [email protected]

Кражба на фото замки во Споменикот на природа Вевчански извори

Кражба на фото замки во Споменикот на природа Вевчански извори

Со огромно жалење сакаме да ве известиме дека на територијата на заштитеното подрачје е извршено кривично дело и украдени се две фото замки (камери), кои воедно се нашето основно средство за мониторинг на дивиот свет.

Системот на контиуниран мониторинг на природните вредности со кои се одликува ова заштитено подрачје е научно-истражувачка обврска на Општина Вевчани како управител на Споменикoт на природа „Вевчански извори“.

Преку мониторинг ја утврдуваме состојбата на популациите, ги идентификуваме заканите за опстанок, промените и нивниот интензитет.
Врз основа на овие сознанија треба да се предложат соодветни мерки за заштита, да се подобри состојбата со видовите или да се намалат штетните влијанија врз природните процеси. Најчесто истражувањето започнува на избрани локации со цел да се одредат демографските и животните циклусни карактеристики на клучните видови, а преку нив се поврзуваат промените на природата.
За таа цел, локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани со поддршка на ПОНТ во соработка со Општина Вевчани го спроведува проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Преку проектот се поддржува Општина Вевчани да воспостави систем на контиуниран мониторинг на видови кои се под закана и се значајни, како на локално, така и на национално и светско ниво.
Главната определба на мониторингот во заштитеното подрачје “Споменик на природата Вевчански извори” се следниве цели:
– Да се добијат статистички факти за статусот на постоење на
животинските и растителните видови, вклучително и за типовите на живеалишта.
– Утврдување на појавност на клучни видови на животни и растенија.
– Утврдување на миграторните рути и репродуктивните локалитети кај видовите.
– Утврдување на динамиката на растителните заедници и типовите живеалишта.
– Идентификување и следење на еколошките параметри што влијаат врз опстанокот.
– Идентификување на заканите и притисоците врз популациите.
– Обука на лица надлежни за спроведување мониторинг.
Споменикот на природата „Вевчански извори“ е заштитено подрачје бидејќи изобилува со биолошка и природна разновидност. Следењето на активностите со кои ќе се овозможи ефикасна заштита и зачувување на природните вредности на подрачјето ќе се постигне само преку континуиран мониторинг на видови. Сите ние кои живееме на териториторијата на заштитеното подрачје имаме одговорност да придонесеме во зачувување на природните вредности и намалување на директните закани, човекови штетни влијанија, неодржливото користење на природните вредности и нелегалните активности кои неповратно и наштетуваат на природата.

Кражбата е кривично дело. Според нашите законски обврски, за овој настан ги известивме надлежните институции и ги доставивме доказите и видео снимките кои што ги добивме.

Ги повикуваме и лицата кои учествува во ова кривично дело да ја вратат украдената опрема во канцеларијата на Еко-свест или Општина Вевчани.

Опремата (камерите) има налепница на која е внесен телефонски број за контакт во случај на пронаѓање. Ве молиме доколку ги пронајдете или забележите нелегални активности во заштитеното подрачје веднаш да не контактирате на телефонскиот број 070 225 604.

#ЗаедноЗаПриродата за заштита и мониторинг на природното наследство