Еко-свест и Геобалканика ги мапираат каскадите на реката Пчиња

Еко-свест и Геобалканика ги мапираат каскадите на реката Пчиња

На 27.06.2023 година заедно со тимот на Геобалканика почнавме со мапирање на каскадите на реката Пчиња. Извршивме мерење на должината и ширината на каскадите на левата притока Крива река. Тука се наоѓаат вкупно 33 каскади, од кои некои од нив се скалести, но со изградена патека за мигирирање на пастрмката. Крива река претставува мрестилиште на пастрмката и во неа е забранет риболовот.

Каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници го оневозможуваат природното движење, го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.

Заедно со тимот на Геобалканика ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанија врз биодиверзитетот, социо-економско значење и правен статус. Сите собраните податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување.

Овој проект е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.

Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка нa Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.

Панел дискусија за потрошувачите во енергетската ефикасност

Панел дискусија за потрошувачите во енергетската ефикасност

За еден вложен денар може да се создаде вредност како за три. И преполовени емисии на стакленички и загадувачки гасови, а со тоа и намален број на луѓе со здравствени проблеми и намалени трошоци за јавното здравство и намалено влијание врз природата. Тоа може да бидат дел од резултатите од опсежна политика за енергетска ефикасност. Но, и покрај тоа што овој поим со години е присутен насекаде во јавната сфера, тој не е поткрепен со соодветни политики, информации и пред сѐ пари.

Во суштина тоа е една од најефикасните, а најзапоставени начини за справување и ублажување на климатските промени. Енергетската ефикасност овозможува наместо постојано да ја водиме трката за зголемување на производството на енергија за да ги задоволиме растечките потреби, да ги лоцираме местата каде непотребно ја трошиме енергијата која веќе ја произведуваме и од неа да извлечеме многу повеќе вредност. Со тоа можеме да заштедиме на отворање на нови рудници или централи за енергија. А такви места имаме многу и за тоа денеска има и нова достапна технологија.

Ова беа дел од темите на кои се осврнаа говорниците на панел дискусијата „Потрошувачите во срцето на енергетската политика“ организирана од Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ и Еко-свест.
„Ние ја сметаме енергетската ефикасност како една од главните, клучни климатски акции, но за жал таа не е многу присутна како тема, ниту како финансиска импликација во буџетите. Таа е занемарена како една од климатските акции кои може да имаат значително влијание врз подобрување на состојбата не само за секое домаќинство, туку, и на целосната економија“ рече Ана Чоловиќ од Еко-свест потенцирајќи дека анализите покажуваат дека енергетската ефикасност има поголем потенција за создавање на „зелени“ работни места споредено со работата во нашите најголеми електрани.

Маријана Лончар Велкова од ОПМ посочи дека домаќинствата и малите потрошувачи се надвор од фокусот на енергетските политики. Споредено со други земји, во Македонија се нудат мали бенефиции и поттици за инсталирање на соларни панели, но и за набавка на нови енергетски ефикасни уреди со кои може да намали уделот во потрошувачката на секој одделно, а преку тоа и заедничката. Клучно, од ОПМ, сметаат дека денеска за потрошувачите кај нас не постои никаков начин на советување или советувалиште кое на заинтересираните граѓаните ќе им ги објасни политиките и достапните мерки и ќе им помогне како да испланираат подобра и поефикасна инвестиција во енергетска ефикасност со ограничените пари што ги имаат на раполагање.

Таа ја презентираше и акцијата на ОПМ за колективно купување на инвертер клима уреди на околу 38.000 потрошувачи од 6 земји, меѓу кои и од Македонија која е достапна на страницата kolektivnokupuvanje.mk . Целта на акцијата преку масовно здружување на организации и на потрошувачи од повеќе земји да се овозможи купување на сертифицираните штедливи уреди за загревање и ладење по најдобро можни услови и со најголем можен квалитет вклучително и на професионална монтажа.

Со каква состојба пак директно ќе се соочи домаќнство на граѓани кои се во социјален ризик наједоставно покажа пресентацијата на студијата на случај на Филип Стојановски од Центарот за климатски промени. Тие анализираа потрошувачката и трошоците на домаќинство во куќа од 45 м2 без изолација во скопско кое во зима се грее на дрва. Домаќинството е репрезентативно за иллјадниците низ државата кои патем постојано се посочуваат како фактори на загадување на воздухот поради тоа користат огревно дрво во стари печки. Со примена на мерки за енергетска ефикасност како изолација на ѕидови, покрив, нови прозорци и инсталирање на топлинска пумпа потрошувачката на енергија и емисиите на загадувачки гасови се намалуваат за три пати. Но, инвестицијата е преголема за домаќинство во социјален ризик, а мерките за поддршка се премногу ретки и мали за да овозможат ваква масовна транзиција и на крајот никој не им нуди советување за да можат да го изберат најповолното за нив.

„Кон енергетската ефикасност треба да се заземе пристапот за заштитата на животната средина и здравјето, наместо економскиот како што е досега. Ако се гледа само од економски аспект повратот на овие инвестиции е на премногу голем период за да биде примамлив за потрошувачите. Влијанието врз животната средина пак е нешто што го оправдува целото вложување и тој е пристапот кој треба да го водат институциите. Мора да зборуваме еколошки, не економски“ сумираше Стојановски.

Сања Поповска Василевска, даде осврт на степенот на усогласеност на законодавството од областа на енергетиката во однос на правата на потрошувачите имајќи ги предвид обврските на Република Северна Македонија кои ги презема со Договорот за основање на Енергетската заедница, статусот на транспонирање на Регулативата за етикетирање, како и транспонирањето и имплементирањето на современа регулатива која се однесува на енергетиката и вклучувањето на потрошувачот/граѓанинот во истата.

Мартина Грнчаревска се осврна и на субвенциите за енергетска ефикасност кои ги даваат само 6 од сите општини во државата, и за кои посочи дека најчесто се без конкретни спецификасии за типовите и квалитетот на опремата која би се набавувала со субвенциите, односно не се бара новите уреди да имаат квалитет што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа и на загадувањето. Така се случува со субвенциите да се набави опрема која брзо ќе се расипе и со тоа само дополнително да придонесе за загадување наместо за обратното. Воедно даде и краток пресек на Еко-кредитите коишто се нудат од банките и условите за овие кредити.

На законската регулатива и неускладеноста на повеќе правила во легислативата која ги регуира градењето, енергетиката, ефикасноста, енергетските задруги се осврна Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Тој посочи низа недоследности во правилата кои кај потрошувачите предизвикуваат конфузија, ги усложнуваат процесите за енергетска транформација и на крајот создаваат и правна несигурност.

Како што заклучува Елена Николовска од Еко-свест, енергетската трансформација не може да се случи без мерките за енергетската ефикасност. Енергетската ефикасност значи размислување за намалување на емисиите на стакленички гасовиво секторот енергетика како највиновен за климатската криза и заштеда на пари за граѓаните.

„Македонија има добра регулатива за енергија, но потребно е навремено транспонирање на ЕУ директивите и олеснување на административните процедури за граѓаните како и капацитетите на институциите и локалните. Потрошувачот треба да има на располагање механизми/процедури за мерки за ЕЕ и ОИЕ како и советодавна, финансиска и административна подршка за да ги реализира овие инвестиции.“.

Целта на регионалната иницијатива е да заштити до 400 километри реки низ Југоисточна Европа

Целта на регионалната иницијатива е да заштити до 400 километри реки низ Југоисточна Европа

Иницијативата Заедно за реките ќе работи во пет земји за заштита на слатководните богатства во регионот со поддршка на The Nature Conservancy

Скопје (14.6.2023 г.) – Денеска пред јавноста беше претставена регионалната иницијатива Заедно за реките, која е посветена на зачувување на 13 реки во Југоисточна Европа. Истакнувајќи го вклучувањето на локалните заедници, организацијата The Nature Conservancy и шест партнерски организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и Србија работат на воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките со цел да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности.

Југоисточна Европа е дом на некои од последните диви реки на континентот. Тие се крвотокот на заедниците и екосистемите и обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и го овозможуваат животот. Но, денес реките се многу позагрозени поради загадувањето, уништувањето на живеалиштата, неодржливиот развој и климатските промени. Станува збор за глобален проблем кој има локално решение: од 1970 година, на глобално ниво бројот на популации на слатководни видови е намален за 83%, а изгубени се 30% од слатководни екосистеми.

 „Нашата иницијатива се заснова на верувањето дека вклучувањето и зајакнувањето на локалните заедници е клучно за ефикасна и трајна заштита на реките“, изјави Драгана Милеусниќ, директорка на Програмата за Југоисточна Европа во организацијата The Nature Conservancy. „Соработуваме со бројни засегнати страни, вклучувајќи ги и невладините организации, приватниот сектор, локалните заедници и владите со цел да се развие сеопфатно и долгорочно решение за заштита на нашите реки“.

„Заштитата на нашите реки ја препознавме како социјален, економски и еколошки приоритет. Зачуваните реки се клучни за нашата благосостојба бидејќи обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и овозможуваат живот. Работејќи на заштита на реките, ние инвестираме во одржливата иднина на нашите заедници“, изјави Ѓорѓи Митревски, Програмски координатор воЕко-свест од Македонија.

Покрај организацијата The Nature Conservancy, членови на иницијативата се и Центарот за животна средина, здружението Динарика и младинскиот клуб Нови Вал од Босна и Херцеговина, еколошкото здружение Рзав од Србија, Еко-тим од Црна Гора и Еко-свест од Македонија.

Иницијативата Заедно за реките активно работи на заштита на 13 реки во регионот со цел да се поттикнат нови локални иницијативи за заштита на реките. Преку научно истражување и разбирање на потребите и ставовите на локалните заедници, иницијативата Заедно за реките се обидува да обезбеди рано и транспарентно вклучување на сите засегнати страни со почитување на уникатните природни, социјалните и културните карактеристики на секоја река.

Откако ќе се воспостави заштита и ќе се обезбеди добро управување на заштитеното подрачје, тоа ќе биде директен придонес во исполнувањето на меѓународните обврски на кои што се обврзаа нашите земји. Меѓу нив вреди да се истакне Европскиот зелен план, Зелената агенда за Западен Балкан и глобалната рамка за биолошка разновидност Кунмин-Монтреал од декември 2022 година.

Иницијативата Заедно за реките ги повикува да се придружат сите поединци, организации и заедници од регионот кои сакаат да ги заштитат нивните реки. Заедно можеме да ги зачуваме нашите реки и да ги заштитиме за идните генерации.

Придружете нѝ се во заштитата на слатководните богатства на Југоисточна Европа.

Фоторепортажа: Делтата на Вардар во Термискиот залив

Фоторепортажа: Делтата на Вардар во Термискиот залив

На почетокот на јуни оваа година тимот на Еко-свест го посети Националниот парк на делтата на Вардар во Термискиот залив. Oд нејзиниот извор во Вруток кај Гостивар за нашата најголема и најопеана река, на нејзиниот пат низ Македонија, знаеме многу, но малку за нејзиниот раскошен влив во Егејското море. За среќа, оваа област со богат биодиверзитет е заштитена и е отворена за посета на сите вљубеници во природата.

Националниот парк на делтата на Вардар е еден од најважните мочуришни системи во Северна Грција. Се наоѓа на неколку километри југозападно од Солун, граничи јужно од автопатот А1/Е75 и се протега на површина од 338 квадратни километри. Сегашната конфигурација на теренот е резултат на природни процеси, како што се одлагање на седиментот од реките, но и на човечка интервенција, вклучително и интервентни проекти за наводнување и одбрана од поплави во почетокот на 20-от век. И покрај менувањето на природната околина, оваа област ја зачувала својата огромна важност за биодиверзитетот, особено за птичјата фауна. Поради ова, областа е заштитена според Рамсарската конвенција како мочуриште од меѓународна важност и е дел од мрежата Натура 2000 како заштитено подрачје.

Четири речни устија и две големи лагуни формираат еден од најголемите и најсложените мочуришни системи во регионот, со солени мочуришта и водни ливади, крајбрежни островчиња и шуми, како и култивирани полиња со ориз, памук и пченка кои обезбедуваат одржливи живеалишта за птиците. Во паркот опстојуваат 295 видови на птици и може да видите јата на фламинга, сјајни ибиси, виолетови чапји, црни патки, пеликани, корморани, галеби со црни крилја, медитерански галеби, ластовици, орли со големи дамки, птици грабливки, песочни скитници, кои опстојуваат во нивните природни живеалишта. Во паркот се одгледува сол, има фарми на школки, пасат водни биволи и говеда и има стада на диви коњи.

Постојат повеќе можности за посета и рекреација за на различни начини да се искуси паркот во текот на целата година. Добар почеток е посета на Информативниот центар на делтата на Вардар во Халастра во кој се наоѓа интерактивна изложба за историскиот развој на овој регион, за антропогените интервенции и за неговата сегашна природна состојба. Тука може да се добие совет и препорака за посета на некоја од означените рути и патеки. Низ паркот има патокази, ознаки и табли со информации за одредени локации и биодиверзитетот кој постои на нив. Во мрежата од патеки за пешачење или возење точак има можности за следење на птици од две кули за набљудување, едната кај Неа Агатополи, а втората точно на вливот на Вардар во Егејското море.

Националниот парк има 10 влеза и два означени паркинга. Еден е кај Калохори, на влезот од/кон Солун, и вториот кај Неа Агатополи, на патот кон/од Катерини и Олимписката ривиера. Пожелно е посетата да се најави во Информативниот центар во Халастра за да се проверат условите на локалните патишта и рути низ националниот парк. Движењето е со сопствен превоз, некаде е потребно возило со погон на 4х4 тркала, може да се користат велосипеди или едноставно да се пешачи. Постојат шест означени рути за посета со должина од 3 до 28 километри за кои треба време од 8 минути до најмногу 1 и пол час по рута. Националниот парк не нуди можности за сместување, но се наоѓа блиску до населените места во околината. Овој национален парк е управуван од единица на заштитени подрачја во Халастра и е дел од Агенцијата за природна животна средина и климатски промени на Грција.

Реката Вардар е долга 388 километри, од кои 301 км во Македонија, а 76 км во северниот дел од Грција. Одводнува вкупна површина од 25.000 квадратни километри, а има максимална длабочина од 4 метри. Одводната површина на Вардар со сите нејзини притоки опфаќа околу 87% од територијата на државата (околу 23.747 квадратни километри), додека во Грција опфаќа територија од околу 3.212 квадратни километри. Изворите на Вардар во Вруток (Гостивар) се на надморска височина од 683 метри, додека просечна надморска височина на Вардарскиот басен е 793 метри. Најголеми притоки на Вардар во Македонија се Треска, Пчиња, Брегалница, Црна река, Лепенец и Бабуна, додека во Грција се Горгопис и Вардароваси.

Фотоконкурс за зелена урбана инфраструктура

Фотоконкурс за зелена урбана инфраструктура

Во текот на мај заврши јавниот награден фотоконкурс на тема Зелена урбана инфраструктура, на кој се избираше најдобро уредена зелена тераса или двор организиран во рамки на поширока низа активности за заедничка климатска акција. Повеќе од 836 граѓани ширум Македонија споделија различни примери од нивните зелени оази и понудија инспирација за подобри климатски услови за сите нас! На овие теми разговаравме со Кристина Бужароска, шумарски инженер и проектен координатор во ЦНВП Македонија и со Ива Петрунова, магистер инженер архитект и урбан социолог.

Колку сте задоволни од пријавите и од наградените фотографии?

Кристина Бужароска: Кога го планиравме јавниот фотоконкурс, на почетокот имавме мала несигурност дали ќе има заинтересираност за учество, но и како да ја искомуницираме целта на конкурост до секој граѓанин. Бидејќи целта не беше да се избере најдобро направена фотографија на двор или тераса. Напротив, имаше за цел преку испратена фотографија да се избере најдобро уреден двор или тераса според зададените критериуми, кои воедно беа и едукативни, за тоа што еден двор или тераса треба да ги содржи како дел од урбаното зеленило. Преку наградниот конкурс сакавме да ја подигнеме и свеста на населението за потребата од присуство на урбаното зеленило во градовите, како и неговите придобивки и важност во намалување и прилагодување кон климатските промени, а воедно и здрава животна средина.

На наше големо изненадување, одзивот беше голем и пристигнаа околу 840 пријавени фотографии на порталот www.zaednozaklimatskaakcija.mk, од градови низ целата држава. Од вкупниот број пријави, дури 433 фотографии ги исполнија поставените критериуми, беа објавени во галеријата на порталот и беа разгледани од евалуационата комисија при избор на најдобра фотографија за уреден двор или тераса.

На конкурсот беше побарано да се исполнат неколку критериуми. Тоа беа присуство на разновидни растенија при уредување на зеленилото во дворовите и терасите и присуство на видови кои поддржуваат урбан биодиверзитет, а тоа се видови што овозможуваат услови за разновидни форми на живот во урбаните/градските средини, на пример обезбедуваат услови за живот на пчели, птици, пеперутки, верверички и слично. Друг критериум беше во дворот или терасата да има поголем број на автохтони (домашни) видови растенија и климатски отпорни видови растенија. Автохтони (домашни) видови растенија се растенија што потекнуваат и природно растат на подрачјето на Македонија, приспособени на постојните услови за раст (клима, почва, влага и др.). Важни се за да се одржи стабилноста на постојниот екосистем, во кој егзистираат во хармонија со други видови и се дел од нивниот животен циклус. Бидејќи порастот на температурите и долготрајната суша се само дел од проблемите со кои треба да се соочат нашите урбани растенија, потребно е да садиме видови што не бараат многу вода и можат да толерираат високи температури.

Правилниот избор на растенија според местото на засадување во градината и нивната функционалност се од големо значење на уредената површина, бидејќи поради намален простор во градот секоја зелена површина мора да врши повеќе функции – да служи како сенка, да апсорбира вишок вода, да ги разладува топлотните острови.

Комисијатаза избор имаше многу тешка работа во оценување на најдобро уредена тераса и двор, беа издвоени 30 фотографии кои влегоа во потесниот круг и истите беа изложени во Дино Паркот за време на доделување на наградените. Од наградените фотографии прво место освои двор од куќа во центарот на Битола, на кој сопственикот секојдневно посветено работи во неговото оддржување и проширување на растителниот фонд. Второ место беше уредена тераса во центарот на Скопје, додека трето место беше уреден двор во близина на центарот на Куманово. Тројцата наградени, во своето уредување го имаа запазено природниот изглед на еден двор или тераса, присуство на домашни видови растенија , но се издвоија и по тоа што при уредувањето имаат внесено плодоносни растенија, посебно дворот кој освои трето место покажа пример како може во една урбана средина да се искомбинираат на едно место декоративни растенија со земјоделски култури и истиот да изгледа убаво и декоративно.

Каква е македонската домашна градина и обликување на просторот во кој луѓето живеат? Кои се главните карактеристики на македонските дворови и тераси?

КБ: Во минатото многу почесто наидувавме на оној природен традиционален слободен стил на уредување, со присуство на домашни, автохтони видови на дрвја и грмушки, повеќегодишни цветни растенија, розите со својот колорит и трендафилите ги красеа дворовите, додека лозниците и јаворите ни обезбедуваа ладовина под нивните, сенки, се внимаваше на помало присуство бетонски површини, или површини од природен материјал, а се оставаше простор за природно формираните тревници. Едноставно кажано преку свесна и одржлива употреба од тоа што ни го дава природата и спојување на нејзините способности создававме и градевме не само дворови и тераси, но и урбани шуми, паркови, дрвореди, зелени плоштади и други јавни зелени површини.

Сепак, во изминатите години, со зголемена урбанизација и ширење на градовите, поголемиот дел од овие дворови ги изгубивме, а на нивни место добивме паркинг простори и бетонски површини, без притоа да се запазат барањата од Законот за зеленило. Дополнително, со достапноста преку увозот на разновидни декоративни растенија и нивни хибриди, новоформираните дворови, тераси и јавни површини добија помодерен изглед, но овде треба да водиме сметка истиот да биде функционален и прилагоден според климатските промени, а не само стилски и убав на око. Кога зборуваме за функционалноста, тоа е исполнување на критериумите кои ги наведов погоре.

Дали естетиката и функционалноста на зелената урбана инфраструкутра, со годините, се менува, делумно и поради климатските прилики?

Ива Петрунова: Секако дека се менува, но тоа не е предизвикано само од климатските промени, туку и од променетите општествени вредности кои се отсликуваат во просторот во градот. Поради климатските промени се случува одредени видови растенија кои можеби биле карактеристични за ова поднебје, повеќе да не им одговара повисоката температура или количината на врнежи, па да не можат понатаму да се равиваат. Голема улога во естетиката и функционалноста на зелената инфраструктура има урбанизмот, односно ГУП-от и ДУП-овите, но и променетите вредности и чувство за естетика кај самите граѓани. Во последниве години можеме да забележиме дека се случува преголема урбанизација и менување на типологијата на домување од куќи или бараки со двор со бавча и со зеленило, во згради со целосно бетониран партер и недоволен паркинг простор, како и проширувањето на булеварите на сметка на дрворедите. Краткорочната профитабилност на ваквите постапки ја ставаат во спореден план зелената урбана инфраструктура. Доколку порано Скопје бил град со трендафили и со дворови со лозници и бавчи, сега истиот простор е претворен во асфалт и паркинг место, ова ја влошува состојбата со климатските промени и го намалува квалитетот на животот во градот.

Кои карактеристика треба да ги имаат зелените урбани простори за да ни помогнат во справувањето со климатските предизвици?

ИП: Сметам дека најважно кај зелените простори е да се со доволна димензија во однос на изградената урбаната површина т.е. да се зачува минималниот процент на зеленило пропишан со закон. Со оглед дека ова не се почитува многу во реалноста, зелените урбани простори треба да бидат многу внимателно планирани, бидејќи ние моментално не можеме да си дозволиме ни еден мал простор да биде залудно и несоодветно потрошен. Ова значи дека тие треба да содржат видови на растенија кои се соодветни за географското подрачје и виреат на климата која е карактеристична за истото. Понатаму би требало да се растенија кои го намалуваат воздушното и звучното загадување. Многу е важно да се разбере дека зелениот простор треба да е со земјена површина, а не со асфалтирани патеки. Исто така, овие простори треба да поттикнуваат биодиверзитет односно да се соодветни за сите инсекти и животни кои живеат во градска урбана средина. Естетски, би препорачала растенија кои се какатеристични за нашите традиционални дворови и бавчи и кои се врежани во нашата колективна меморија со цел да се продолжи континуитетот на амбиенталната препознатливост на нашите градини. Сликовито претставено ова е кога ќе видите лозје и чемпреси веднаш знаете дека станува збор за Тоскана во Италија, кога ќе ги видите лимоните – станува збор за Медитеранот, полиња со лаванда – Франција, додека липите се обележје на Скопје. Секундарен е социјалниот аспект – зелените урбани средини треба да се безбедни и може да имаат и некоја дополнителна содржина која би ги привлекла граѓаните да го посетуваат овој простор. Ваквата дополнителна содржина не смее да го узурпира или намалува зеленилото во никој случај, туку само да го поддржува и надополнува.

Кои совети би има ги дале на љубителите на градините и на сите кои би сакале да го озеленат нивнито урбан животен простор?

КБ:Прво, како совет при уредување на дворот, сопственикот треба да ги земе сите фактори предвид, како сончевата изложеност, експозиција на теренот, квалитетот на почвата и pH, квалитетот и расположливоста на водата и слично. Потоа, кои се потребите и барањата од уредувањето на површината, на пример, дали е потребен дел за игра на децата, дали сакаме да одгледуваме земјоделски култури, дали ќе има одреден дел каде семејството ќе поминува заедно одредено време во денот. Пред да почнете со уредување, поминете време во дворот и направете скица на лист хартија.

Друг поважен совет при разубавување на дворот е да се погрижиме тој да биде од интерес и разигран во сите четири годишни сезони. Тоа може да се постигне преку добро истражен и направен план при избор на растенија, да имаме цветни дрвја и/или грмушки во текот на пролетта и летото, есенската природна боја која ни ја даваат растенијата и добра зелена структура во зима. Зимзелените растенија ќе обезбедат континуитет, листопадните примероци даваат повеќе боја и разновидност, а функцијата и на двете е од големо значење во дворовите. Вклучувањето на различни видови повеќегодишни цвеќиња кои цветаат во различен период од мај до септември ќе му дадат континуитет и разнобојност на дворот. Потоа, користењето на форми и текстури, како и топијари, се интересни за да дадеме значење или да се издвои како централна точка одредена позициј во дворот, но доколку се претера со истите, може да делува и нестилски.

При изборот на растенија, многу често не привлекуваат и знаеме да се восхитуваме на убавиот изглед и форма на одредени алохтони видови, тоа се видови кои не потекнуваат од нашето подрачје и не се приспособени на нашите климатските услови, многу почесто се подложни на заболувања и угинуваат, или пак бараат многу внимание при одгледување и труд за да опстанат во живот.

Како совет би им препорачала при изборот на растенијата да се внимава тие да бидат соодветни за нашето поднебје и клима, затоа подобро е да се користат домашни, автохтони видови, дворот да има што е можно по природен изглед со присуство на разновидност на повеќегодишни ратстенија, при избор на растенија да се консултираат со стручни луца. Исто така, се почесто денес се користата и сушоотпорни растенија, кои можат полесно да се прилагодат и се отпорни кон топлотните бранови како последица на климатските промени. Покрај декоративни, може да се употребат и земјоделски култури кои ќе дадат посебен изглед во градината, а притоа ќе обезбедат храна.

Ива, оваа година сте носителка на проектот кој ја претставува Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција. Со ова и претходните искуства во делот на урбаната архитектура, каков е вашиот предлог за вклучување на граѓаните во планирањето и дизајнот на јавните простори и особено во трансформацијата на постоечките јавни простори во активни и зелени места?

ИП: Сметам дека кај граѓаните мора континуирано да се развива чувството за местото во кое живеат и за животната средина, а најдобар начин за тоа е да се користат јавните простори преку дружење и создавање спомени. На овој начин, кај нив би се развила свесност за околината во која живеат и грижа и љубов за своето соседство или град. Наједноставно кажано ова е кога сами си го метете дворот и улицата или чистите пред влезот на зградата. Нашите граѓани мора да сфатат дека градот и јавните простори во градот се наши и дека сите заедно треба да се грижиме за нив. Мислам дека првиот чекор би бил со јакнење на меѓучовечките односи и иницијативи за јавните простори во непосредна околина на домот, со иницијативи до општините како би сакале да изгледа просторот и како да се користи. Би можеле да се случуваат дури и герила – акции, односно граѓаните сами да си уредат некој јавен простор по нивна желба. Исто така, сметам дека онаа вредност од нашите баби и дедовци кои садеа дрва и цвеќиња по дворовите и „водеа сметка“ за маалото е загубена и потребна е едукација и информација за граѓаните со цел да се зајакне чувството на грижа и припадност во просторот. Ова би резултирало и со обрнување на поголемо внимание и реакција при објавување на новите ДУП-ови, па на овој начин и севкупниот урбанизам би можел да биде повеќе по мерка на граѓаните. Секако морам да ги споменам дека ова се учи уште од најрана возраст, па мислам дека се потребни и иницијативи во градинките и основните училишта каде децата би учеле за грижата на јавниот простор и би имале училишни градини за кои сами би се грижеле. Позитивните ефекти од ова не би биле само за јавниот простор, туку и за психо-физичкиот развој кај децата.

1 место Диоген Хаџи-Коста Милевски, од Битола
2 место Роберт Јаневски, Скопје
3 место Александра Зафировска, Куманово

www.zaednozaklimatskaakcija.mk

Човекот што ја озелени Македонија