На почетокот, сакам да расчистам една работа- приоритетите за секторот животна средина не може да се приоритети на едно Министерство, од едноставна причина што овој сектор е интегрален дел од економијата, здравството, социјалата, земјоделството, водостопанството и шумарството, а секторите како енергетиката, градежништвото и транспортот директно влијаат на квалитетот на животната средина.

Оттука, приоритетите треба да се на една цела Влада. На секој поединечен Министер. Како ќе се постави новата Влада допрва ќе видиме. Дали повторно животна средина ќе биде „тринаесетото прасе“ или ќе добие почесно место во носењето на политиките?

А, зошто треба да биде така?

Затоа што секоја политика и одлука која влијае врз животната средина, е политика за нашето здравје. А носењето одлуки во прилог на заштитата на нашето здравје, за жал, не било приоритет на ниту една Влада во Македонија.

Кои се тие приоритетни политики?

Секоја политика што ќе придонесе кон заштита на нашето здравје, која ќе донесе благосостојба и подобрување на нашиот животен стандард е приоритетна политика. Место за популизам тука нема. Одлуките кои можеби се тешки и наидуваат на негодување од мнозинството, но носат помалку смртни случаи, почист воздух и поздрав живот се оние што треба да се донесат, имајќи го предвид нивното позитивно влијание и моќ да го трансформираат нашето општество.

Политиките со повеќе инвестиции кои на долг рок значат заштеди во здравствениот фонд се исто така добри политики. Бидејќи сакаме здрави и среќни граѓани.

На пример, зеленото сценарио од новата Енергетска стратегија можеби чини три пати повеќе од референтното сценарио (предвидува многу повеќе инвестиции во соларна енергија и затворање на рудници и термоелектрани на јаглен), но носи многу поголем пораст на БДП истовремено придонесувајќи кон почиста средина и подобар квалитет на живот како и заштеди во фондот за здравство.

Приоритетни сектори

За попрактичен приказ на обемното портфолио на секторот животна средина, ќе се послужам со табеларен приказ на приоритетните сектори.

Сектор Цел Надлежности Потребни законски интервенции Инвестиции
Квалитет на воздухот Намалување на штетните емисии од сите извори и категории и подобрување на човековото здравје Интерсекторска група за аерозагадување (ги вклучува сите релевантни Министерства), Општини. Закон за забрана на јаглен и цврсти горива во домаќинства Ревизија на закон за возила Нов закон за индустриски емисии Нова програма за намалување на емисии Инвестициски план за справување со аерозагадувањето Регулатива за енергетска ефикасност и фасади Нови општински планови за подобрување на квалитетот на воздухот Филтер и десулфуризатор на РЕК Битола Инфраструктура која поддржува пешачење и користење велосипед Инвестиции во јавен транспорт Субвенции за електрични возила Енергетска ефикасност за домаќинства и компании Проширување на мониторинг системот Промена на начин на греење во јавни објекти Промена на возен парк на институции и во јавен транспорт Инвестиции во одржливи обновливи извори на енергија Праведна транзиција и промена на економскиот модел во регионите зависни на јаглен Научно-истражувачка работа и иновација
Заштита на водите Обезбедување на чиста вода за пиење и наводнување и заштита на природните водни текови во земјата Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за труд и социјална политика План за категоризација на реките и езерата како заштитени зони каде не е дозволен инфраструктурен развој Просторен план на РМ Студии за валоризација (Охридско езеро) Планови за управување со површинските води
Законска рмка за еколошки проток и рибни патеки  
Заштита на изворите на вода за пиење Водоснабдувачка мрежа за населените места Колекторски системи за отпадни води и пречистителни станици Ревитализација на водни екосистеми Научно-истражувачка работа и иновација  
Заштита на природата Заштита на биодиверзитетот и спречување на негова загуба Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Македонски Шуми, Јавни претпријатија национални паркови, Управители со заштитени подрачја Закон за ре-прогласување на НП Маврово Закон за прогласување на НП Шар Планина, Осогово, Јабланица, Јакупица и планови за управување на истите Ревизија на закон за ловство Ревизија на закон за шуми Акциски планови за заштита на видови Национални стратегии за заштита на видови (Балкански рис) Буџетско финансирање за Национални паркови Инвестиции во стимулација на алтернативен туризам во заштитени подрачја Мониторинг на видови (Обука, опрема и средства за ренџерски служби) Воспоставување на систем за одржливо управување со шумите и елиминирање на корупцијата и криминалот (инспекции, опрема, обуки, унапредување на шумски фонд) Управување со пасишта Научно-истражувачка работа  
Климатска акција Да го намалиме нашиот придонес кон глобалните емисии и да се прилагодиме кон климатските промени Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за економија, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство,Министерство за труд и социјална политика, Министерство за здравство Закон за климатска акција Стратегија за клима Национални планови за енергетика и клима Национален план за праведна транзиција Ревизија на NDCте со визија за нискојаглероден развој до 2050 Национална стратегија за прилагодување (адаптација Локални стратегии за прилагодување (адаптација) Инвестиции во земјоделството за прилагодување кон климатски промени Превенција од поплави и пожари (воспоставување на системи за превенција од ризици) Трансформација на урбани средини (градење на урбана отпорност со зеленило, адаптација  инфраструктура која стимулира намалување емисии) Инвестиции за генерирање на нови научни податоци Инвестиции за систем за рано предвидување и предупредување за екстремни временски услови

Како до реализација на овие приоритети?

Потребна е ревизија на начинот на кој што се финансираат интервенциите во секторот на животната средина. Во моментот, Министерството за финансии нема интерес да ги издвои сите приходи по основ еколошки такси кои влегуваат во централниот буџет бидејќи истите служат за „затворање на дупките“ во буџетот. Но, тоа не е одржливо. Пари за животна средина има, и истите доаѓаат од секој граѓанин на државата кој купува производи, користи гориво, алкохол, цигари и сл. бидејќи принципот „загадувачот плаќа“ го овозможува тоа.

Но, од сите овие средства, само оние именувани како еколошка такса за регистрација на возило завршуваат во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Доколку сите средства по основ еколошки давачки се соберат на едно место и наменат исклучиво за она и за што се наплаќаат, ќе можеме да формираме таканаречен Фонд за животна средина. Не само што средствата ќе се трошат наменски, туку и на транспарентен начин, овозможувајќи отчетност кон граѓаните за тоа каде всушност завршуваат нивните пари.

За да може ова да функционира, истовремено мора да се изврши одвојување на институциите по нивната функција. Министерството за животна средина и просторно планирање е институција која треба да ги креира политиките, но неопходно е формирање на Агенција за животна средина како тело кое на стручен начин ќе ги реализира политиките, проектите и програмите, ќе врши мониторинг, евалуација и ќе дава насоки за практични примени на законодавството. Формирањето на Агенцијата не само што ќе ја олесни реализацијата на сите проекти и примената на сите закони, тоа е и обврска која наскоро ќе произлезе од претпристапните преговори со Европската унија.

Дополнително на Агенцијата, стручни тела како на пример Завод за природа (кој беше претходно укинат) ќе бидат главните институции во спроведувањето на законските одредби и како такви, треба да бидат воспоставени и поддржани од новата Влада.

Хоризонтални прашања

Крајно време е, во ерата на вмреженост и поврзаност, да излеземе од праксата на одлучување без консултации со сите релевантни чинители. Министерствата мора да имаат систем на меѓусебна комуникација, интеракција, консултација и одлучување. Одлука на Министерството за труд и социјала поврзана со ранлива категорија на граѓани има корелација со животната средина, а таа има врска со здравството. За да одлучуваме основано, мораме да ги знаеме сите факти и состојби. Институциите треба да настапуваат здружено и со многу факти зад себе. Оттука, сметам дека е крајно време на науката да ѝ се даде простор да работи за целите на информираното одлучување. Истражувачките програми и проекти мора да бидат во центарот на секоја нова издржана политика. Само така може да донесеме иновација и трансформација во општеството, а со тоа и подобар и поздрав живот за сите.

Ана Чоловиќ Лешоска

Еко-свест

Share This

Share this post with your friends!