ВАЖНОСТ НА УЧЕСТВОТО НА ЈАВНОСТА

Учеството на јавноста во донесувањето на одлуки од сферата на животната средина е од суштинско значење. Преку ова право се овозможува транспарентност и отчетност на процесот, се обезбедува богатство на идеи, размислувања и можни решенија, но и се создава чувство на сопственост на избраното решение кај јавноста бидејќи (доколку) им се уважени изложените мислења.

Правото на учество на јавноста за прашања поврзани со животната средина на меѓународно и европско ниво е преточено во „Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина“ (Архуска конвенција) потпишана 1998, но и како дел од acquis communautaire на ЕУ.

ТРИ НИВОА НА УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА

Со членовите 6-8 од Архуската конвенција е воспоставено Правото на учество на јавноста во одлуките и политиките поврзани со животната средина, и тоа на три нивоа.

На ниво на конкретни проекти, за сферите кои според Анекс I на Конвенцијата јавноста е задолжителна, oбврските за државните органи се состојат во обезбедување: jавноста да е соодветно, навремено и ефективно информирана, преку јавни известувања или индивидуално; вклучување на јавноста во фаза кога сите опции „се отворени“ , односно не е се завршено, па може да се придонесува со мислења и слично; да се остави доволно време за јавноста да се информира за сите аспекти преку давање разумни рокови за да може да се подготви; да се направат достапни и бесплатни конкретни потребни информации; да се овозможи на јавноста да ги достави своите коментари, анализи или мислења, писмено или преку јавни расправи; придонесот на јавноста е земен предвид при одлучувањето; јавноста е навремено информирана за донесената одлука, со образложение и аргументи за истата.

На ниво на планови, програми и политики, согласно член 7: државите треба да подготват соодветени практични или други одредби за да овозможат учество на јавноста во подготвување на плановите и програмите поврзани со животната средина, притоа применувајќи ги и точно наведените одредби од членот 6 од конвенцијата.

На ниво на законодавство, согласно членот 8, каде: државите ќе промовираат ефективно учество на јавноста во текот на подготвувањето на законодававството со тоа што временската рамка мора да биде доволна за ефективно учество на јавноста; нацрт-одредбите треба да бидат објавени или на друг начин направени јавно достапни; јавноста треба да има можност да даде коментари, директно или посредно преку своите претставници во консултативните тела.

СТАВОВИ НА „КОМИТЕТОТ ЗА УСОГЛАСЕНОСТ“ СО АРХУСКАТА КОНВЕНЦИЈА

Дел од предизвиците со кои се соочуваат државите при спроведувањето на одредбите од Архуската конвенција, се разгледувани и пред Комитетет за усогласеност со Архуската конвенција. Исто како и одредбите од Конвенцијата, и неговите ставови се задолжителни за државите. Некои од случаите кои биле разгледувани пред Комитетот се дадени подолу.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА ВО ПРОЦЕДУРАТА ЗА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Во постапката за започнување со работа на МХЕ (Мали Хидроелектрани) во законодавството на Белорусија, според Комитетот, Otsenka vozdeistvia na okrujaiusciu sredu – OVOS/експертизата за животната средина ќе се сметаат како дел од процесот на донесување одлуки. Тоа претставува форма на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС), во која е вклучена и постапка за учество на јавноста.

Ваквиот став на Комитетот е важен и во однос на македонската законската регулатива, попрецизно членот 24 од Законот за животната средина, кој се однесува на „елаборатите за заштита на животната средина“ (кои по својата суштина наликуваат на системот на OVOS/експертиза), а за кои според ЗЖС (Законот за животна средина) воопшто не е предвидено учество на јавноста или пристап до правдата. Потребно е ревидирање на овие одредби во поглед на овозможување учество на јавноста и во однос на елаборатите за заштита на животна средина.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА КОГА“СИТЕ ОПЦИИ СЕ ОТВОРЕНИ“

Пример од нашиот правен поредок каде оваа одредба не е почитувана (учеството на јавноста не е во согласност со член 6 од Конвенцијата во поглед на ОВЖС) е при стартешката инвестиција и специјалниот закон за изградба на коридорите 8 и 10д. Започната е експропријација на имотите на кои ќе минуваат трасите (почната е процедурата за изградба), а се уште не е спроведена постапка за ОВЖС каде што јавноста ќе има можност да биде слушната.

УЧЕСТВО НА ЈАВНОСТА И ДОЗВОЛИТЕ ЗА ВОДНО ПРАВО

Кај постапките за дозволите за водно право (читај Мали Хидроцентрали), ефективното и адекватното известување на засегнатата јавност за нејзиното право на учество во донесувањето на одлуката, дополнително треба да се анализира, како и да се донесе подзаконски акт кој го регулира ова прашање. Најчесто засегнатата јавност дури воопшто нема информација дека ќе се спроведува таков тип на проект. Согласно ставовите на Комитетот, дали објавувањето на известувањата на невоочливо место на интернет страницата на МЖСПП и во еден дневен весник, без дополнителни објави во локални медиуми или на друг понепосреден начин на известување особено во руралните средини, е доволно да се смета дека се почитува Архуската конвенција? Не е доволно.

ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИЈА НАСПРОТИ ПРАВОТО НА ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ

Одбивањето на пристап до определени документи и информации може да биде и по основ на заштита на интелектуалната сопственост. На пример, министерство одбива да објави Студија за валоризација за заштитено подрачје со изговор дека тоа претставува интелектуална сопственост на изготвувачот. но ова право треба рестриктивно да се толкука, а јавниот интерес секогаш да биде во преден план. Па така, доставувањето на целосните ОВЖС, Студии и слично треба да се смета како правило, додека исклучувањето на некои делови од студиите при објавувањето да е исклучокот.

За овие и други можни предизвици при примената на Архуската конвенција, прочитајте во анализите направени во следниот документ.

Share This

Share this post with your friends!