Шесто генерално собрание на проектот ЕНКЛУД

Шесто генерално собрание на проектот ЕНКЛУД

Претставници на Еко-свест учестуваа на Шестото и последно генерално собрание на проектот ЕНКЛУД, поддржан од програмата Хоризонт 2020, заедно со соработници кои доаѓаат од универзитети и истражувачки центри кои работат на полето на енергија, енергетска трансформација, одржливост и демократски граѓански општества од Австрија, Белгија, Велика Британија, Грција, Ирска, Канада, Романија, Франција, Холандија и Швајцарија. На средбата во Атина во периодот од 22 до 24 мај 2024 година се разговараше за напредокот во сите проектни компоненти, за постигнатите истражувачки резултати и се планираа идните настани. Една од студиите на случај како успешна приказна за развој на рурална енергетска заедница од Македонија, во село Белица, Кичевско, е веќе дел од продуктите и документите кои се подготвени и ќе се користат во иднина како водичи и ресурси на идните енергетски заедници кои ќе се развиваат со активно вклучување на граѓаните и останатите засегнати страни.

Целокупната визија на проектот „Horizon 2020 Energy Citizens for Inclusive Decarbonization (ENCLUDE)“ е да ѝ помогне на ЕУ да ги исполни своите ветувања и намери за праведен и инклузивен пат кон декарбонизација преку споделување и заедничко создавање на нови знаења и практики кои го максимизираат бројот и различните групи на граѓани кои се подготвени и способни да придонесат кон енергетската транзиција.

Во трансформацијата на енергетскиот систем, граѓаните стануваат сè поважни како ангажирани учесници кои се директно вклучени во обликувањето на системот. Оваа улога на партиципативни потрошувачи на енергија се рефлектира во терминот „енергетски граѓанин“.
Овој трансдисциплинарен проект создава типологија на концептот за енергетско граѓанство за различни заедници на граѓани преку истражување на студии на случај на постоечки активности насочени кон декарбонизација.

Во рамки на средбата беше организирана и посета кај градоначалникот на Атина Харис Дукас и претставници на локалната администрација на Градот Атина кои работат во делот на заштита на животната средина, енергија и клима. На средбата проектниот тим ги презентираше клучните постигнувања на проектот ЕНКЛУД, а домаќините зборуваа за мерките за ублажување (митигација), адаптација и отпорност кои Градот Атина ги презема како одговор на климатските предизвици и начините како ги вклучува граѓаните во својата работа.

Дознајте повеќе за овој проект на:https://www.encludeproject.eu

Изработени ЛЕАП документи за 3 општини во регионите со јаглен

Изработени ЛЕАП документи за 3 општини во регионите со јаглен

Со цел зајакнување на капацитетите и стратешкиот развој на општините во борбата со климатските промени се изработија Локални еколошки акциски планови за општините Кичево, Македонски Брод и Пласница.

ЛЕАПите се изработуваа како една од главните активности на проектот “Локални партнерства за локални климатски акции“ финансиран со институционален грант во рамките на проектот “ГОи во акција за климатските промени“

Овие три општини имаат потреба да ги зајакнат капацитетите особено во делот на справување со предизвиците поврзани со животната средина кои што се и најбројни во трите општини, а со недоволно административни капацитети за да се справат со истите.

Во рамките на сите ЛЕАП-и преовладуваат мерки за заштита на животната средина, намалување на загадувањето на воздухот, пошумување, раззеленување итн. Токму затоа во соработка со општините и локалните чинители беше одлучено во сите 3 општини да се засадат дрвја кои што се отпорни на климатски промени, но и кои што испуштаат високи проценти на кислород. Беа набавени 84 садници, додека пак вкупно беа посадени 120 садници како сопствен придонес на општините во акцијата. Акциите во сите три општини беа спроведени со присуство и активно учество на градоначалниците, локалните институции, училиштата, градинките итн.

Преку ваквото поврзување на сите локални чинители се настојува да се искористат максимално капацитетите кои што ги има заедницата и да се изработат мерки и активности кои што општините ќе ги реализираат и по завршувањето на проектот.

Приоритети за новата Влада за заштита на животната средина и климатска акција – предлози од Еко-свест

Приоритети за новата Влада за заштита на животната средина и климатска акција – предлози од Еко-свест

Здравата и чиста животна средина, која е Уставно загарантирано право на секој граѓанин на Македонија, зачувувањето на природата и подобрувањето на еколошките стандарди, како и амбициозните мерки за климатска акција кои ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето мора да станат главен приоритет за новата Влада.

Еко-свест испрати писмо со предлози со кое го дава својот приднес кон програмата на новата Влада и ги образложува мерките за секоја од компонентите за заштита и унапредување на животната средина. Поконкретно, како приоритети ги наведува важноста за превземање на мерки и активности насочени кон декарбонизација и климатска акција, обезбедување на „паметна“ енергија за сите, расчистување на историските жешки точки, подобрување на квалитетот на воздух, обезбедување на соодветна заштита за природата и водите и реализација на проектите кои ќе овозможат развој на циркуларната економија во земјата.

Граѓаните во последната деценија станаа видно загрижени за состојбите со животната средина бидејќи истите влијаат врз нивното здравје. Потребно е новата Влада фокусот да се стави на заштитата на човекото здравје преку заштита и унапредување на животната средина, како и зголемување на стандардите кои ќе придонесат кон превенција на загадувањето на природата.

„Секоја политика и одлука која влијае врз животната средина, е политика која влијае на нашето здравје. Носењето одлуки во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Македонија треба да е врвен приоритет на новата Влада која ќе се формира по Парламентарните избори 2024 година.“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест

Здружението Еко-свест со своите стручни познавања стекнати во текот на 22 години работа на полето на заштита на животната средина и климатска акција е отворено за дискусија и помош во имплементација на најдобрите политики и мерки во овие области кои ќе овозможат подобрување на животот и благосостојбата на граѓаните на Македонија.

Штедење или инвестирање?

Штедење или инвестирање?

Штедењето во готовина е скапо и неисплатливо – вистинско штедење е инвестиција во енергетска ефикасност на домот

Повеќето македонски граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем и немаат знаење и храброст да инвестираат во други облици на управување со сопствените заштеди. Во ваков контекст, инвестиција во енергетска ефикасност на сопствениот дом може да биде сигурно решение за добитна инвестиција.

Скопје, 22 април 2024 година

Според НБРМ,  низа години по ред, финансискиот имот на македонските домаќинства бележи постојан раст. Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, покрај депозитите во банките, ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување на домаќинствата (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично). Сепак, домаќинствата тежнеат кон помалку ризични вложувања, пред сè во депозити кај банките и во приватните пензиски фондови (1). За илустрација, во јуни 2022 година депозитите на домаќинствата во македонските банки изнесуваа 5 милијарди евра.

Во извештајот на НБРМ за монетарни движења во март 2024 година, на годишна основа, паричната маса е зголемена за 6,6%, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“. Овде главен удел имаат повисоките долгорочни депозити и депозитните пари. За истиот месец, според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапени се автомобилските, стамбените и потрошувачки кредити.

Македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот систем и имаат помала храброст да инвестираат за поголема финансиска сигурност и животна благосостојба. Се поставува прашањето како е можен раст на заштедите при постојано зголемување на животните трошоци? 

Колку се финансиски информирани и писмени македонските граѓани?

Главната причина може да се бара во генералната финансиска писменост на македонските граѓани. Во земјава, финансиската писменост на возрасните изнесува 56% од максимумот и е значително пониска во споредба со возрасните од Европската Унија и земјите од ОЕЦД. Едно од најголемите глобални мерења на финансиската писменост во светот е Глобалното истражување за финансиска писменост на „Стандард и Пурс“ спроведено во 2014 година од страна на неколку кредибилни меѓународни институции (2) . Истото се базира на анкета на преку 150.000 возрасни испитаници од над 140 земји во светот. Најголема стапка на финансиска писменост во светот имаат Норвешка, Шведска и Данска, каде над 70 проценти од возрасните се финансиски писмени. Македонија се наоѓа на 121-то место на оваа листа со финансиска писменост на 21 проценти од возрасното население.

Во извештај за финансиската писменост во Македонија од 2021 година (3), 70% од испитаниците не покажале доволно финансиско знаење во сите утврдени области. Со други зборови, за финансиски писмени може да се сметаат само околу 30% од испитаниците, при што само 6% имаат високо финансиско знаење. Највисок резултат испитаниците постигнале во областа „платежни услуги“, а најнизок во областа „осигурување“. Од аспект на способностите, најниско знаење има кај способноста „познавање на регулатива, финансиски институции и термини“, за разлика од способноста „однесување и практична примена на финансиското знаење“, која е на значително повисоко ниво. На пример, концептот на сложена каматна стапка е релативно непознат за голем дел од граѓаните, укажувајќи на тоа дека истите не можат самостојно да проценат колку камата би платиле на подигнатиот кредит, или пак колку камата би добиле на вложениот депозит во банка.

Во Анкета на НБРМ од 2022 година (4), помалку од половината од испитаните банки и штедилници имаат воведено нови продукти/услуги како реакција на климатските промени. Главно, станува збор за кредити финансирани со кредитни линии од Европската банка за обнова и развој – ЕБРД, за поддршка на конкурентноста на МСП за проекти во доменот на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и заштита при работа и кредити за енергетска ефикасност преку програмата ГЕФФ на ЕБРД, наменети за домаќинствата. Поголемиот број испитаници планираат/размислуваат за воведување нови или промена на тековните продукти/услуги како реакција на климатските промени. Тоа главно би биле кредити за финансирање енергетско ефикасни проекти и зелени кредити наменети за домаќинствата и корпоративниот сектор, како и зелено проектно финансирање.

НБРМ објави раст на „зелените кредити“ за 29% во 2023 година, што е зголемување од 2.8 пати во споредба со 2019 година, кога почнале да се прибираат податоци за ваков тип на кредити. Сепак, растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, а не од домаќинствата. За појаснување, „зелен кредит“ е кредитна изложеност којашто се користи за подобрување на енергетската ефикасност на домаќинствата и на корпоративниот сектор, за поддршка на вложувањата во зелени технологии, материјали и слично, за поддршка на вложувањата во обновливи извори на енергија, како и за контрола и/или спречување на загадувањето, заштита на животната средина, намалување на ризиците поврзани со климатските промени и слично.

Инвестиции во енергетска ефикасност

При ваква констелација, во која коегзистираат ниското финансиско искуство, малата искористеност на зелени кредити за домаќинствата и желбата за помалку ризични вложувања, можеби еден сигурен начин за заштеда, сигурен поврат на средства и воедно подобрен квалитет на живот е инвестиција во конкретни мерки за енергетска ефикасност. Овие инвестиции може да бидат во различен обем и согласно потребите, да опфатат различни поединечни или комбинирани форми за енергетска ефикасност на индивидуалните или колективни единици за домување. Инвестициските мерки може да вклучат изолација на фасада, менување на врати и прозорци, замена на покрив, инсталирање на соларни и фотоволтаични панели, вградување на топлински пумпи и сл. Домаќинствата може да инвестираат во:

  • поставување на фасадна топлинска изолација, со користење на термоизолационен материјал чија функција е да го заштити објектот од надворешни топлински промени и да одржува постојано пријатна температура во внатрешноста на објектот;
  • замена и изолација на покрив значи дека преку топлотната изолација на поткровјето, може да се добие заштита од студот преку зима, но и заштита од прекумерната топлина во лето;
  • изолација на тавански и подрумски простории за намалување на губењето на топлина во таванските или за решавање на проблеми со влага и ладни подови во подрумски простории;
  • замена на дограма (врати и прозорци) особено на надворешните страни на објектот со поставување на нови ефикасни прозорци и врати кои ги намалуваат трошоците за грееење и ладење, а замената е често лесна и брза;
  • инсталирање на фотоволтаични системи претставува користење на обновливи извори на енергија – ова значи поставување на соларни фотоволтаични системи на покриви за производство на електрична енергија;
  • инсталирање ефикасни системи за греење и ладење вклучува поставување на кондензирачки котли, топлински пумпи и соларни топлински системи за домашно производство на топла вода. Користење на високоефикасни климатски единици и имплементација на паметни системи за контрола на температурата дополнително придонесуваат за заштеда на енергија;
  • замена на застарени електрични апарати со ефикасни уреди од понови генерации кои имаат повисока енергетска класа и помала потрошувачка на енергија повторно ќе значат заштеда на енергија во домаќинствата.

Оваа предлог листа може да продолжи и вистински да помогне во поврат на инвестицијата преку намалени трошоци, но и подобрување на квалитетот на живот на домаќинствата. Освен директна корист, ова би придонело за намалување на емисиите на штетни гасови, намалување на увозот на електрична енергија и отворање на нови работни места, што ги прави ваквите инвестиции значајни за стимулација на локалната и на национална економија.

Извори

(1) www.nbrm.mk

(2) S&P GLOBAL FINLIT SURVEY

(3) Извештај за финансиската писменост во Македонија, 2021

(4) Анкета на НБРМ, 2022 (стр.44)

Интервју со Чоловиќ Лешоска- Гасот е ќорсокак, не решение!

Интервју со Чоловиќ Лешоска- Гасот е ќорсокак, не решение!

Чоловиќ Лешоска: Природниот гас е ќорсокак, а не „преодно гориво“, Македонија мора итно да ги преиспита плановите за гасификација

Во текот на последните години Македонија постепено ја зголемува употребата на природен гас и планира уште повеќе да ја зголемува во иднина. Мора да биде јасно дека природниот гас е фосилно гориво што и штети на климата и на здравјето на луѓето и токму поради тоа, како и поради зависноста од увоз на истиот, како и нестабилната цена, државата мора да ги преиспита плановите за гасификација, истакна извршната директорка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Нагласувајќи дека природниот гас е ќорсокак, а не „преодно гориво“, Чоловиќ Лешоска, во интервјуто ги образложи сите негативни страни на планот за гасификација во земјава, односно штетноста од користењето на природен гас.

Во текот на изминатите години во јавноста се пласираат информации според кои со примената на природен гас ќе се намали загадувањето на воздухот. Колку природниот гас е чист енергенс?

Чоловиќ Лешоска: Загадувањето на воздухот ќе се намали до одреден степен со користењето на природен гас, но во моментов тоа не е најдобрата опција за Македонија, бидејќи на нас ни требаат долгорочни решенија. Гасот е сепак фосилно гориво што ѝ штети на климата. Како јагленот и нафтата, гасот е необновливо фосилно гориво кое испушта стакленички гасови кога се согорува, предизвикувајќи зголемен климатски хаос што го видовме во последниве години. Индустријата за гас го претстави ова гориво како чиста алтернатива на јагленот, означувајќи го како “природен гас“ за да звучи здраво и привлечно. Сепак, ова е далеку од вистината.  Фосилниот гас претежно се состои од метан, моќен стакленички гас до 84 пати помоќен од јаглерод диоксидот. Емисиите на метан започнуваат уште од фазата на екстракција на гасот од почвата и продолжуваат со неговиот транспорт. Секако, гасот содржи значително помалку сулфурни и азотни оксиди, што го прават помалку штетен за квалитетот на воздухот. Ако ги споредуваме гасот и јагленот, секако гасот е почист енергенс, но ако го споредуваме со алтернативите од обновливите извори, гасот не е чиста опција.

Според владините претставници, природниот гас е најдобрата опција за нашата држава, односно истиот се претставува како преодно гориво. Кој е вашиот став за тоа?

Чоловиќ Лешоска: Гасот е ќорсокак, а не „преодно гориво“. Премногу често, претставниците на Владата и Европската унија го карактеризираат гасот како „преодно гориво“, што значи дека за да се премине кон систем заснован на обновливи извори на енергија, земјите од Западен Балкан прво треба да инвестираат во гас.  Ова би можело да биде точно пред 40 години, но не и сега. За да преминат кон систем заснован на обновлива енергија, земјите треба да ги искористат новите чисти технологии и да инвестираат во обновливи извори на енергија – како и во енергетската ефикасност и подобрување на мрежата. Технологиите како што се фотоволтаици, топлински пумпи и складирање со батерии се многу поевтини и пошироко достапни отколку пред неколку години и ќе ја олеснат транзицијата.

Сметам дека е доцна за привремени решенија пред декарбонизацијата, која треба да се постигне најдоцна до 2050 година. Привремените решенија за нас се прескапи бидејќи секоја инфраструктура за фосилни горива изградена сега ќе трае најмалку четири децении – и многу подоцна од 2050 година. Тоа значи дека инвестирајќи во гасот, ние ќе станеме „заробени“ со стари технологии и системи и притоа ќе останеме без финансии кои би ги инвестирале во технологиите на иднината. Оваа инфраструктура ќе биде осудена да не се користи по одредено време, а вложените средства ќе се залудно потрошени. Се проценува дека гасоводите ќе нé чинат над милијарда евра и наместо тие средства да ги вложиме во технологија на иднината, власта планира да ги потроши на цевки кои ќе скапуваат под земја бидејќи на долг рок тие нема да пренесуваат гас. Како што нагласија и Меѓународната агенција за енергија и Меѓувладиниот панел за климатски промени, нема повеќе простор за изградба на нова инфраструктура за фосилни горива доколку сакаме да спречиме уште посериозен климатски хаос.

Гасификацијата е присутна во плановите и стратегиите, но никогаш не е јасно што всушност е приоритет на државата. Ве молам да го изнесете вашиот став околу ова прашање.

Чоловиќ Лешоска: Во последниве години, Македонија постепено ја зголеми употребата за фосилен гас и планира уште повеќе да ја зголемува во иднина. Спротивно на тоа, ЕУ ги помина последните две години обидувајќи се брзо да ја намали потрошувачката на гас, бидејќи високите ризици од зависност од увезениот гас станаа повеќе од евидентни. Но, македонските власти се однесуваат како тоа да не се случило, а ЕУ продолжува да ги поддржува во повторувањето на сопствените грешки. Плановите за гасоводниот систем на земјата постојат многу одамна и полека прогресираат. Во ноември 2019 година беше објавено дека гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар е 53 проценти завршен, но четири години подоцна, тој сè уште не е ни приближно готов, и покрај тоа што Владата вети дека ќе биде комплетиран до 2020 година. Не е јасно дали проблемите се поврзани со експропријација, ерозија на земјиште или нешто друго. Како што и заклучува последниот извештај од Државниот завод за ревизија, изготвените планови за гасификација не биле следени, а реализацијата се одвивала забавено, при што и изградените гасоводи не добиле одобрение за работа и со децении веќе скапуваат во земјата. Ова во голема мера го покажува нашиот капацитет да ги спроведеме овие амбициозни планови, а прашањето за што всушност и ги спроведуваме останува неодговорено.

Главниот фокус сега е на изградба на гасовод од Грција до Македонија, која неодамна се интензивираше. Сепак, проектот е предмет на неколку правни жалби, вклучително и жалба до Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Задолжителните јавни консултации не беа одржани, а државната гаранција за заем е донесена без одобрение на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Дополнително на тоа, непознато е за што всушност и ќе го користиме гасот кој ќе дојде од Грција.

Плановите за гасовод до Косово се споменуваат и во неколку стратегии, но во меѓувреме косовската Влада одлучи да не го реализира овој проект. Плановите за нови гасни централи постојано се прошируваат, на нетранспарентен начин. Владата не даде јасни објаснувања зошто е потребен сѐ поголем капацитет и зошто смета дека не постојат соодветни алтернативи.

Националниот план за енергија и клима вели дека Македонија треба да размисли за изградба на една гасна централа доколку не се изгради хидроцентралата Чебрен.  Во енергетската стратегија се вели дека ќе бидат изградени меѓу 0 MW и 245 MW нови гасни постројки, во зависност од сценариото.  Но, во програмата за имплементација на енергетската стратегија – која треба да ја спроведе енергетската стратегија, а не да ја препишува – вели дека земјата во секој случај треба да изгради 450 мегавати нови гасни централи и споменува гасни централи и во Неготино и во Битола. Но, неодамна беа обелоденети плановите за централа од 800 MW во Битола. Не е познат капацитетот на планираната гасна централа во Неготино.  Оттогаш, се појавија и планови за дополнителна електрична и топлинска централа на гас во Скопје, со капацитет од 90-105 MW, што би ја градела грчката компанија „Митилинеос“, проект кој Владата ги прогласи за „стратешки“, иако не е во ниту еден стратешки документ. 

Власта често зборува за „пренамена“ на централите на јаглен во Битола и Неготино на гас, но тоа е дезинформација. Гасните електрани користат значително поинаква технологија од оние на јаглен и најважните делови од централите би требало да се изградат одново. Зголемената потрошувачка на фосилен гас често се тврди дека е потребна за да се замени јагленот, но оваа идеја е застарена и погрешна: одржливите форми на обновлива енергија како што се сончевата, ветерот и геотермалната енергија се иднината и земјата не може да си дозволи да биде застранета од лажни решенија.

Имајќи го предвид ограничувањето на гасоводот од Бугарија до Македонија, кои се опциите за снабдување со гас и како тоа се одразува на цената на овој енергенс?

Чоловиќ Лешоска: Заврши ерата на евтин гас. Една од причините зошто рускиот гас толку широко се користи е поради тоа што беше релативно евтин. Плановите за проширување на гасот во Македонија беа направени пред инвазијата на Русија врз Украина и нема јавен доказ за да се докаже дека тие сè уште се реални и остварливи.  Главните потенцијални алтернативни извори на гас за Македонија се Азербејџан или течен гас (LNG). Но, ветувањето на Азербејџан дека ќе го удвои протокот на гас за ЕУ до 2027 година ќе биде ограничено од инфраструктурниот капацитет и зголемената домашна потрошувачка, со што ќе ги зголеми цените. LNG е поскап од гас воден преку гасоводи бидејќи треба да се втечни, транспортира и регасифицира. Тоа исто така предизвикува силни флуктуации на цените бидејќи се тргува на глобално ниво, затоа што LNG заради природата на неговиот транспорт по правило се насочува во оние региони каде цената е повисока.

Имајќи ги предвид досега изнесените состојби, каква стратегија треба да примени државата во однос на енергетскиот сектор?

Чоловиќ Лешоска: Македонија мора итно да ги преиспита своите планови за гас имајќи ја предвид оваа нова реалност. Македонија е единствената земја во регионот со поголема зависност од увезена енергија од просекот на ЕУ. Тоа е затоа што го увезува целиот свој гас и нафта, како и дел од електричната енергија, а во последниве години дури и јаглен. Нејзината вкупна зависност од гас е сè уште ниска во споредба со ЕУ, и таа треба да се труди колку што е можно да ја задржи на ниско ниво, а истовремено да го намали увозот на електрична енергија со зголемување на искористувањето на ветер и сончева енергија.

Иако Македонија има краткорочни потешкотии во снабдувањето со енергија поради долгогодишното недоволно инвестирање во обновливите извори на енергија, ниската зависност од гас на регионот е предност што треба да се искористи, а не проблем што треба да се реши. Владата мора итно да ги ревидира своите неусогласени планови за гас и наместо тоа да ги зголеми инвестициите во соларна енергија, ветер, геотермална енергија, топлински пумпи и електродистрибутивни мрежи. На тој начин ќе се реши проблемот со загадувањето на воздухот, бидејќи ќе се користат обновливи извори на енергија, средствата наменети за инсталации за производство и дистрибуција на енергија ќе се наменат во правилна насока, а дополнително, нема повеќе да бидеме увозно зависни. Не смееме да ги заборавиме и потребните инвестиции во енергетска ефикасност бидејќи е неопходно прво да ја заштедиме енергија пред да размислуваме од каде би ја произвеле. Затоа, воспоставувањњето на Фондот за енергетска егфикасност е повеќе од потребно. Сметам дека имаме капацитет, средства и поддршка со правилни чекори да станеме држава која искористува обновливи извори на енергија, рационално ја користи енергијата и создава зелена иднина каде придобивките ги имаат првенствено граѓаните на Македонија.

Интервјуто е објавено во магазинот „Економија и бизнис“ во мај 2024 година.