Обновен повик за доставување понуди за набавка на 3Д печатачи

Обновен повик за доставување понуди за набавка на 3Д печатачи

Опис на услугата

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје, има потреба од ангажирање на компанија за набавка на два исти 3Д печатачи кои работат со FDM технологија и можеда печатат со ПЕТ пластика.

Основни информации

Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во партнерство со Јавното претпријатие за комунални дејности и облагодарување на природните ресурси Еремја – Вевчани го спроведува проектот „Собери, рециклирај, креирај – Од рециклирана пластика до иновација“ со цел унапредување на управувањето со отпадот во општина Вевчани. Во овој проект се предвидува ангажман на компанија за набавка на два 3Д печатачи кои ќе бидат донирани на локалните основни училишта. Повеќе информации на www.ekosvest.com.mk

Цел на услугата

Главна цел на оваа задача е воведување на 3Д печатањето како начин на рециклирање и реупотреба на отпадот од пластика. Еко-свест, како дел од проектот ќе донира два 3Д печатачи во локалните основни училишта. Младите ќе имаат можност да се запознаат со иновативен третман на отпадот од пластика и да научат како да ракуваат со 3Д печатар.

Обем и детален опис на услугата

Избраниот понудувач ќе биде задолжен за:

1. Набавка на два исти 3Д печатачи;

  • 3Д печатачите треба да работат на методот Fused Deposition Modelling (FDM);
  • 3Д печатачите треба да имаат можност да печатат со ПЕТ пластика, односно на температура од 220-260⁰C
  • 3Д печатачите да можат да се испорачаат од лагер или најмногу 10 дена од склучувањето на договорот.

2. Достава на 3Д печатачите до локалната канцеларија во Вевчани.

Временска рамка

Задачата за набавка на два 3Д печатачи ќе биде финализирана 10 дена од склучување на договорот, но не покасно од 08.07.2024 година.

Буџет

Вредноста на договорот не може да надмине 132.700 денари.

Потребна документација за аплицирање

  • Краток опис на компанијата (портфолио);
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци;
  • Финансиска понуда (за две парчиња без ДДВ);
  • Техничка спецификација за уредот и информација за гарантни услови;
  • Пополнета и потпишана изјава дека понудувачот не запаѓа во ситуација која е основа за исклучување од учество во набавката (Анекс 1).

Компанијата која аплицира мора да ги исполнува следниве критериуми:

  • Активна компанија која е формирана со согласно Законите во Република С. Македонија, и постои најмалку 2 години.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Во понудата задолжително да се наведе:

  • Единечната цена за производот без ДДВ;
  • Временски рок за извршување на набавката;
  • Технички карактеристики на производот;
  • Начин на плаќање.

Од избраниот понудувач, освен горенаведените податоци, ќе се побара да достави дополнителна документација која вклучува тековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; завршна сметка за 2023 (за правни лица); потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси, изјава за неосудуваност од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исполнува критериумите за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Евалуација на кандидатите

Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Краток опис на компанијата (портфолио): 20 бодови;
  • Техничка спецификација и гаранција: 40 бодови;
  • Понудена цена за 3Д печатачите: 40 бодови.

Евалуационата комисија ќе ја извести само онаа компанија чија понуда ќе биде избрана.

Договор ќе биде склучен само со онаа компанија чија понуда ќе биде оценета како најповолна, однодно освоила најголем број бодови во сооднос квалитет на понуда и цена.

Услови за поднесување

Комплетната понуда апликантите треба да ја испратат на email: [email protected], со назнака „Понуда за набавка на 3Д печатачи“.

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.

Краен рок за достава на понуди е 26/06/2024 година.

Некомплетни понуди и понуди поднесени по крајниот рок нема да бидат земени предвид.

Надзор на проектот

Еко-свест ќе биде одговорен за надзорот на спроведувањето на активноста и почитување на договорите и договорните задачи.

Контакт лице Леонора Велкоска, [email protected]

Контакт лице

За повеќе информации, ве молам контактирајте со Леонора Велкоска, [email protected] или на +389 78 300 219

Еко-свест со три едукативни прирачници посветени на Споменикот на природа Вевчански Извори

Еко-свест со три едукативни прирачници посветени на Споменикот на природа Вевчански Извори

Децата учат преку игра. Ова е факт докажан со толку многу истражувачки трудови, а сепак често се игнорира при развивање образовни програми. Со фокусирање на фактите, резултатите од учењето и способностите, сакајќи децата да постигнат резултати што е можно поскоро, недоволно се посветуваат време и мисли за тоа „како“ да се стигне до таму. Токму таму лежи клучот на успехот. Улогата на возрасните е да ги искомбинираат знаењата и вештините што сакаме да ги стекнат во играта. Овој „магичен трик“ функционира со секој предмет, дури и секоја возраст и е вистинското решение за еколошко образование. Ако, згора на тоа, имате природна околина која може да се искористи како училница на отворено, магијата е целосна. Имате можност секој двор, градски парк, рид, поток или дел од шума да го претворите во највозбудливото место за играње и учење. Децата учат преку игра. Па, нека си играат.

Еко-свест со цел поврзување на децата со природата уште од најмала возраст, а особено низ игри и учење на отворено, изработи три нови Едукативни прирачници посветени на Споменикот на Природа Вевчански Извори.

1. Споменик на Природа Вевчански Извори – Експериментално поле за млади научници Практичен водич за наставници од повисоки одделенија за спроведување активности во природа

2. Споменик на Природа Вевчански Извори – Игралиште за млади истражувачи

Практичен водич за наставници од пониски одделенија за спроведување активности во природа

3. Споменик на Природа Вевчански Извори – Природата во очите на децата

Практичен прирачник за воспитувачи во градинки за активности во природа

Eдукативните прирачници опфаќаат три возрасни групи, од претшколска возраст, пониските како и повисоките одделенија во основно училиште.

Овие прирачници може да се применуваат на различни начини:

-Во училница: Како дел од редовната настава, за да се воведат теми поврзани со природата и екологијата.

-Надвор од училница: За организирање на екскурзии, настава во природа или научни денови во природа, кадешто учениците ќе можат практично да го применуваат наученото.

-Во еко-секции: Како водич за активности кои ги поттикнуваат учениците да размислуваат и дејствуваат еколошки свесно.

-Дома: Родителите можат да ги користат прирачниците за забавни и едукативни активности со своите деца.

Прирачниците одработуваат различни теми поврзани со природата и екологијата, вклучувајќи:

-Разновидност на флората и фауната: Запознавање со локалните видови на растенија и животни.

-Заштита на природата: Важноста на одржувањето и заштитата на природните ресурси.

-Набљудување и истражување: Техники за набљудување и документирање на природните појави и елементи.

-Научни експерименти: Спроведување на едноставни експерименти за полесно разбирање на природните појави и процеси.

Секој од прирачниците е прилагоден за возраста на децата за кои е наменет, со активности кои се забавни и интерактивни.

Прирачниците се изработени од Еко-свест како дел од проектот Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори, спроведуван од преку локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONТ.

Пристапот до правда на засегнатата јавност во постапките за издавање дозволи за усогласување со оперативните планови (ДУОП)

Пристапот до правда на засегнатата јавност во постапките за издавање дозволи за усогласување со оперативните планови (ДУОП)

Според Законот за животната средина (ЗЖС), за вршење на активностите на индустриските инсталации, операторите мора да добијат соодветна дозвола за тоа – Интегрирана еколошка дозвола (ИЕД). Со ИЕД се врши соодветно регулирање на капацитетот на работа на индустриските инсталации, но и последователно мониторирање, контролирање и санкционирање од страна на државата.

Во однос на операторите на инсталациите кои согласно ЗЖС се дефинирани како постојни, односно кои почнале со работа пред 01.07.2007, е предвидено да обезбедат Дозвола за усогласување со оперативен план (ДУОП). Тоа е услов за продолжување, односно започнување со работа на инсталацијата, до исполнување на условите за добивање на интегрирана еколошка дозвола, вид на преодна фаза. Постапките за издавање на ДУОП, како и самиот оперативен план кој е составен дел од дозволата, се од голема важност заради соодветно функционирање и причинување на што помала штета на животната средина согласно начелото на претпазливост.

Вклучувањето на јавноста во постапките и овозможување пристап до правда е од исклучително значење, но и законска обврска, имајќи ги во предвид начелото на учество на јавноста и пристап до информации и правото на пристап до правда пропишани како во националното законодавство, така и во Архуската конвенција која е ратификувана од страна на РС.Македонија.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) донесува решение со кое се издава А-интегрирана еколошка дозвола (А-ИЕД), кое се објавува на интернет-страницата на МЖСПП, и во најмалку еден дневен весник достапен на целата територија на државата. Жалба против решението за издавање на А-ИЕД може да се поднесе од страна на засегнати правни и физички лица, како и од здруженија на граѓани основани заради унапредување и заштита на животната средина, во рок од 15 дена од објавувањето на решението.

Согласно предвидените законски одредби при издавање на ДУОП, учеството на јавноста е делумно предвидено и запазено во постапката. Пристапот до правда, пак, директно не е предвиден бидејќи ЗЖС изречно не регулира дека ДУОП се издава со решение. Но, во членот 134 став 2 е пропишано дека доколку не е регулирано поинаку, во постапката за добивање на ДУОП соодветно ќе се применуваат одредбите што го регулираат издавањето на А-ИЕД.

Заклучно на претходно наведеното, начин на издавање на ДУОП и пристап до правда е издавањето на ДУОП да се врши со решение, на кое јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од неговото објавување. Следствено, неносењето решение со кое се издава ДУОП значи оневозможување на засегнатата јавност да поднесе жалба и да го оствари своето право на пристап до правда. Во ваков случај, кога има ДУОП а не е издадено решение, на засегнатата јавност ѝ преостанува да го оспори управниот акт кој може да го добие преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Подеталната анализа прочитајте ја тука.

Трајна поставка за природа “Патување низ природните богатства на Вевчански извори”

Трајна поставка за природа “Патување низ природните богатства на Вевчански извори”

Ве покануваме на отворање на Трајна поставка за природа “Патување низ природните богатства на Вевчански извори”

Свеченото отворање ќе се одржи во петок 22 март, од 13 часот во Мултикултурен Центар “Коста Србакоски” Вевчани.

Трајната поставка со својот едукативен карактер има цел да ги доближи до посетителите информациите за природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и планината Јабланица. 💧🌿🐞🦎🐾

Трајната поставка е изработена од Еко-свест како дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT. 🦋🦌🌳🐻🍄

Eko-svest Вевчански извори-Споменик на природата/Vevchani springs-Monument of nature #ЗаедноЗаПриродата #Вевчани #Природа #Vevcani #СпоменикНаПриродаВевчанскиИзвори

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРАВЕН СОВЕТНИК ЗА ПРАШАЊА ОД ОБЛАСТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПРАВЕН СОВЕТНИК ЗА ПРАШАЊА ОД ОБЛАСТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на Правен советник за прашања од областа на животната средина.

За Еко-свест

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Повеќе информации за областите на делување на Еко-свест: https://ekosvest.com.mk/

Работни задачи и одговорности:                                                               

Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на Правен советник кој ќе работи заедно со програмските тимови на правни прашања поврзани со теми од областите на делување на организацијата.

Ангажираниот Правен советник ќе ги има следните работни задачи:

  • Обезбедување на правни информации, правна поддршка и правни совети на прашања кои произлегуваат од областите на делување на Еко-свест: клима, енергетика, природа, води, активно граѓанство;
  • Следење на националната законска рамка и работата на институциите од областа на животната средина и други релевантни сектори во корелација со животната средина (енергетика, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство), поврзување со меѓународни обврски и институции (по потреба и во координација со тимот на Еко-свест);
  • Документирање на случаи за прекршување на законите и обврските од областа на животната средина, анализа на податоците и подготовка на извештаи или коментари;
  • Застапување за унапредување на законите, политиките и практиките во областа на животната средина и други релевантни области во корелација со животната средина (економија, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство и др.);
  • Креирање на предлиози за законски измени и дополнувања и други правни акти, вклучувајќи следење на процесите на донесување, подготовка на коментари и препораки за подобрување на закони, подготовка на барања, предлози до институции за нивно прифаќање во сите фази на донесување на правните акти;
  • Подготовка на правни иницијативи, жалби, претставки и тужби по потреба;
  • Идентификување на правни проблеми при спроведувањето и планирањето на политики од областа на животната средина;
  • Спроведување на истражувања и подготовка на компаративни анализи на теми поврзани со унапредување на политиките и практиките од областа на животната средина;
  • Поддршка на персоналот на Еко-свест во подготовката на извештаи;
  • Координирање на активности кои имаат правна природа и се важни за целите на Еко-свест со партнерските организации и институции;
  • Комуникација на целите, резултатите на Еко-свест пред медиумите и јавноста;
  • Други задачи во врска со работата на Еко-свест поврзани со правни прашања од областа на животната средина.

Кандидатите треба да ги исполнуваат општите, како и следните посебни услови:

  • Високо образование од областа на правните науки;
  • Добро разбирање на основните аспекти, проблеми и правни прашања од областа на животната средина;
  • Најмалку една до три години работно искуство во здружение на граѓани или пружање на правни услуги во здруженија, други организации/или институции; 
  • Познавање на MS Office и интернет алатки за објавување на информации (WordPress, социјални медиуми);
  • Добри комуникациски и организациски вештини;
  • Искуство во подготовка на анализи, истражувања, студии;
  • Одлично познавање и користење на устен и пишан англиски јазик е задолжително;  
  • Развиени истражувачки и аналитички способности;

Услови кои се сметаат за предност:

  • Завршени постдипломски студии, особено на теми поврзани со прашања од областа на животната средина;
  • Познавање на националната и меѓународната правна рамка за заштита на водите, природата, видовите и нивните живеалишта, климатските промени, енергетиката, стандарди за оцена на влијанијата врз животната средина, учество на јавноста во донесување на одлуки и сл.;
  • Познавање на раководење со проектен циклус;
  • Искуство со застапување за политики и практики во областа на животната средина (или други прашања од јавен интерес);
  • Желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од животната средина и граѓанскиот активизам;
  • Желба за континуирано учење и надоградување.

Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:

  • отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • извршување повеќе задачи истовремено;
  • уредност и организираност.

Работни услови:                                                                                                

Неделното работно време е 40 часа. Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со пробен период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 30 000 и 60 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Начин на пријавување:                                                    

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија во EuropassEUформат;
  • Контакт информации за најмаку три лица/организации кои би можеле да дадат професионална препорака.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за Правен советник

Пријавувањето е тековно и трае до пополнување на работната позиција.                                                           

Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат селектирани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач.