Преку почитувањето и имплементацијата на Директивите за птици и живеалишта на територијата на цела Европа популацијата на волците (Canis lupus) расте, но е далеку од посакуваното ниво на „поволен статус“ на заштита. Согласно Црвената листа на загрозени видови на IUCN статусот на волците е карактеризиран како стабилен. Сепак, од 9-те прекугранични популации на волци во Европа, 6 се во категорија “ранлив”  или “близу засегнат”.

Секоја година се убиваат стотици волци низ Европа под изговорот дека се опасни за луѓето и стоката, користејќи го исклучокот од постоечките Директиви. Преку ширење на дезинформации дека се опасни и дека нивното убивање е единствено решение, создаваат погрешна слика кај населението и со тоа ја отежнуваат примената на постоечките алатки достапни за заштита на стоката, како: целосен надомест на претрпената штета, обука на овчари и овчарски кучиња, инсталирање на електрични огради и слично.

Во 2023 година на ниво на ЕУ се покрена еден вид кампања од највисокото раководство на Европската комисија, охрабрувајќи ги властите на членките, да го користат токму истребувањето како мерка (Wolves in Europe (europa.eu)). Фронт од над 150 невладини организации директно инволвирани во сферата на заштита на животната средина и животните, настапи со Отворено писмо до претседателката на Комисијата на ЕУ (Open letter to Commission President von der Leyen on protection of wolves) во кое точно е наведено која е ситуацијата со волците на теренот, дека податоците изнесени во јавноста не се базирани на наука, и детално наведе кои чекори треба да се преземат.

Според Црвената листа, волкот кај нас е со статус “близу засегнат”. Сепак, за утврдување на точната бројка, како и нивната понатамошна заштита и мониторирање, потребно е да се изготви, усвои и имплементира солиден план за управување заснован на структуриран мониторинг. Поради непостоењето на таков план за крупни месојади, проценката е паушална и не е базирана на наука.

На меѓународниот ден на волкот, 13.08.2024 година, Еко-свест ја потенцира важноста што е можно поскоро да се актуелизира прашањето на заштитата на волкот и да се изработи план за управување со овој вид, како и да се започне со сериозен мониторинг и прибирање на податоци.

За состојбата со волкот во Македонија, но и пошироко, погледнете на следните линкови:

Волк – National Red List (moepp.gov.mk)

Canis lupus (Grey Wolf) (iucnredlist.org)

Share This

Share this post with your friends!