Губењето на биодиверзитетот поради човековите активности е алармантно и итно прашање во денешниот свет. Човечките активности како што се уништувањето на реките, уништувањето на живеалиштата, загадувањето, прекумерната експлоатација на природните ресурси и климатските промени доведоа до брз пад на биолошката разновидност во светот. Оваа загуба не само што го загрозува опстанокот на безброј растителни и животински видови, туку и нарушува цели екосистеми кои го поддржуваат животот на Земјата.

Во свет каде еколошките предизвици се сè покомплексни, уметноста не само што е важна, туку и неопходна за зајакнување на чувството на заедничка, или „колективна“ сопственост на планетата. Уште повеќе,  уметноста има суштинско значење во подигање на свеста, будење на критичката мисла и инспирарање акција. Токму затоа, Еко-свест ја започна соработката со фестивалот за европски авторски анимиран филм Флипбук во чиишто рамки секоја година доделува наградата за анимиран филм со силна еколошка порака.

Наградата за анимиран филм со силна еколошка порака во 2024 година ја доби филмот The Waiting на режисерот Volker Schlecht, кој на еден лесен и спонтан начин успева на емотивно ниво да се поврзе со публиката, надминувајќи ги бариерите на јазикот, географијата или образованието. Преку една лична, човечка приказна, раскажана со еден високо естетски, но воедно непосреден визуелен јазик, филмот веднаш ја буди нашата емпатија, нѐ добива како соучесници и нѐ поттикнува суштински да се запрашаме како ние лично може да придонесеме во заштитата на природата.  

Share This

Share this post with your friends!