Околу 20 организации, членки на Коалицијата за клима и други организации го поддржаа барањето до Претседателката со кое се бара Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање да се врати во Собранието, каде истиот беше усвоен по скратена постапка.

„Како граѓанска организација која делува во доменот на заштита на животната средина, но и како дел од еколошкото движење, сметаме дека со неговото усвојување државата ќе нанесе повреда на националното и меѓународното законодавство. Нашата држава ја има ратификувано Архуската конвенција која го гарантира учеството на јавноста во сите процеси на донесување на планови, програми, закони и проекти кои имаат влијание врз животната седина. Над 20 години посочуваме дека учеството на јавноста во овие процеси е основен елемент на демократското општество. Ако сакаат да демонстрираат транспарентност, отвореност и отчетност, институциите треба да ги вклучат сите чинители во анализата и изготвувањето на законите за да добјат одржливи и долгорочни решенија. Јавноста, научната фела, синдикатите и бизнис заедницата не сакаат постојано да бидат критизери на власта, потребно е тие да бидат ко-креатори на одлуките. Затоа не се согласуваме со тоа овој закон да биде донесен без јавна и стручна дебата. Без тоа не можеме да ги предвидиме и анализираме можните последици од овие измени. Сметаме дека Законот за урбанистичко планирање, кој ја засега животната средина треба да биде донесен по редовна постапка со широка јавна и стручна дебата“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска,  извршна директорка на Еко-свест на денешната прес конференција.

Share This

Share this post with your friends!