За еден вложен денар може да се создаде вредност како за три. И преполовени емисии на стакленички и загадувачки гасови, а со тоа и намален број на луѓе со здравствени проблеми и намалени трошоци за јавното здравство и намалено влијание врз природата. Тоа може да бидат дел од резултатите од опсежна политика за енергетска ефикасност. Но, и покрај тоа што овој поим со години е присутен насекаде во јавната сфера, тој не е поткрепен со соодветни политики, информации и пред сѐ пари.

Во суштина тоа е една од најефикасните, а најзапоставени начини за справување и ублажување на климатските промени. Енергетската ефикасност овозможува наместо постојано да ја водиме трката за зголемување на производството на енергија за да ги задоволиме растечките потреби, да ги лоцираме местата каде непотребно ја трошиме енергијата која веќе ја произведуваме и од неа да извлечеме многу повеќе вредност. Со тоа можеме да заштедиме на отворање на нови рудници или централи за енергија. А такви места имаме многу и за тоа денеска има и нова достапна технологија.

Ова беа дел од темите на кои се осврнаа говорниците на панел дискусијата „Потрошувачите во срцето на енергетската политика“ организирана од Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ и Еко-свест.
„Ние ја сметаме енергетската ефикасност како една од главните, клучни климатски акции, но за жал таа не е многу присутна како тема, ниту како финансиска импликација во буџетите. Таа е занемарена како една од климатските акции кои може да имаат значително влијание врз подобрување на состојбата не само за секое домаќинство, туку, и на целосната економија“ рече Ана Чоловиќ од Еко-свест потенцирајќи дека анализите покажуваат дека енергетската ефикасност има поголем потенција за создавање на „зелени“ работни места споредено со работата во нашите најголеми електрани.

Маријана Лончар Велкова од ОПМ посочи дека домаќинствата и малите потрошувачи се надвор од фокусот на енергетските политики. Споредено со други земји, во Македонија се нудат мали бенефиции и поттици за инсталирање на соларни панели, но и за набавка на нови енергетски ефикасни уреди со кои може да намали уделот во потрошувачката на секој одделно, а преку тоа и заедничката. Клучно, од ОПМ, сметаат дека денеска за потрошувачите кај нас не постои никаков начин на советување или советувалиште кое на заинтересираните граѓаните ќе им ги објасни политиките и достапните мерки и ќе им помогне како да испланираат подобра и поефикасна инвестиција во енергетска ефикасност со ограничените пари што ги имаат на раполагање.

Таа ја презентираше и акцијата на ОПМ за колективно купување на инвертер клима уреди на околу 38.000 потрошувачи од 6 земји, меѓу кои и од Македонија која е достапна на страницата kolektivnokupuvanje.mk . Целта на акцијата преку масовно здружување на организации и на потрошувачи од повеќе земји да се овозможи купување на сертифицираните штедливи уреди за загревање и ладење по најдобро можни услови и со најголем можен квалитет вклучително и на професионална монтажа.

Со каква состојба пак директно ќе се соочи домаќнство на граѓани кои се во социјален ризик наједоставно покажа пресентацијата на студијата на случај на Филип Стојановски од Центарот за климатски промени. Тие анализираа потрошувачката и трошоците на домаќинство во куќа од 45 м2 без изолација во скопско кое во зима се грее на дрва. Домаќинството е репрезентативно за иллјадниците низ државата кои патем постојано се посочуваат како фактори на загадување на воздухот поради тоа користат огревно дрво во стари печки. Со примена на мерки за енергетска ефикасност како изолација на ѕидови, покрив, нови прозорци и инсталирање на топлинска пумпа потрошувачката на енергија и емисиите на загадувачки гасови се намалуваат за три пати. Но, инвестицијата е преголема за домаќинство во социјален ризик, а мерките за поддршка се премногу ретки и мали за да овозможат ваква масовна транзиција и на крајот никој не им нуди советување за да можат да го изберат најповолното за нив.

„Кон енергетската ефикасност треба да се заземе пристапот за заштитата на животната средина и здравјето, наместо економскиот како што е досега. Ако се гледа само од економски аспект повратот на овие инвестиции е на премногу голем период за да биде примамлив за потрошувачите. Влијанието врз животната средина пак е нешто што го оправдува целото вложување и тој е пристапот кој треба да го водат институциите. Мора да зборуваме еколошки, не економски“ сумираше Стојановски.

Сања Поповска Василевска, даде осврт на степенот на усогласеност на законодавството од областа на енергетиката во однос на правата на потрошувачите имајќи ги предвид обврските на Република Северна Македонија кои ги презема со Договорот за основање на Енергетската заедница, статусот на транспонирање на Регулативата за етикетирање, како и транспонирањето и имплементирањето на современа регулатива која се однесува на енергетиката и вклучувањето на потрошувачот/граѓанинот во истата.

Мартина Грнчаревска се осврна и на субвенциите за енергетска ефикасност кои ги даваат само 6 од сите општини во државата, и за кои посочи дека најчесто се без конкретни спецификасии за типовите и квалитетот на опремата која би се набавувала со субвенциите, односно не се бара новите уреди да имаат квалитет што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа и на загадувањето. Така се случува со субвенциите да се набави опрема која брзо ќе се расипе и со тоа само дополнително да придонесе за загадување наместо за обратното. Воедно даде и краток пресек на Еко-кредитите коишто се нудат од банките и условите за овие кредити.

На законската регулатива и неускладеноста на повеќе правила во легислативата која ги регуира градењето, енергетиката, ефикасноста, енергетските задруги се осврна Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Тој посочи низа недоследности во правилата кои кај потрошувачите предизвикуваат конфузија, ги усложнуваат процесите за енергетска транформација и на крајот создаваат и правна несигурност.

Како што заклучува Елена Николовска од Еко-свест, енергетската трансформација не може да се случи без мерките за енергетската ефикасност. Енергетската ефикасност значи размислување за намалување на емисиите на стакленички гасовиво секторот енергетика како највиновен за климатската криза и заштеда на пари за граѓаните.

„Македонија има добра регулатива за енергија, но потребно е навремено транспонирање на ЕУ директивите и олеснување на административните процедури за граѓаните како и капацитетите на институциите и локалните. Потрошувачот треба да има на располагање механизми/процедури за мерки за ЕЕ и ОИЕ како и советодавна, финансиска и административна подршка за да ги реализира овие инвестиции.“.

Share This

Share this post with your friends!