По објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест го објавува својот став и коментари по избрани делови од овој извештај. Поконкретно, дава свое мислење за Поглавјето Енергетика и избрани делови од Поглавјето Животна средина.

На почетокот, општ коментар за состојбата која се проценува оваа година е дека многу од клучните закони во овие две поглавја кои се во фаза на изработка повеќе од 5 години сеуште не се усвоени со што директно се запрени процесите за декарбонизација и соодветна заштита на воздухот и природата во земјата. Сериозно недостасуваат институционални и технички капацитети за имплементација на законите кои се усвоени или ќе се усвојат. Спроведувањето на политиките и мерките се одвива многу бавно и некоординирано.

За секторот животна средина потребно е значително да се подобрат административните и инспекциските капацитети и да започне имплементација на структурни реформи во сите сектори. Нецелосна и несоодветна имплементација на директивите за оцена на влијанието на животната средина и стратегиска оцена на животната средина негативно влијае на сите сектори во ова поглавје. Учеството на јавноста во донесувањето одлуки во област на животната средина останува како предизвик на локално и национално ниво.

Енергија

Потребно е подобрување на рамката за управување и институционалните капацитети за имплементација на законите и политиките, особено за регулативата за енергетска ефикасност за која има ограничен човечки и технички капацитет во Секторот енергија во Министерството за економија.
Поради ограничени домашни и увозни ресурси за ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола потребно е да се забрза транзицијата кон зелена енергија и инвестиции во обновливи извори на енергија која треба да вклучи и мерки за ублажување на негативните социјални и економски влијанија. Но, зелената транзиција не смее да подразбира долгорочна зависност од фосилни горива кои се сметаат за горива за транзиција како што е тоа фосилниот гас. Градење на нова гасоводна мрежа во нашата држава бара енормни финансиски ресурси кои, доколку се вложат во овој енергенс, ги оневозможуваат инвестициите во вистинската зелена транзиција кон обновливи и одржливи начини на производство на енергија.
Директивата за обновливи извори на енергија сеуште не е транспонирана, инвестициите во пренос и складирање на енергија треба да се промовираат и подобрување на мрежата е клучно. Административните процедури за поставување на фотоволтаици на згради се комплицирани и претставуваат пречка за нови инвестиции.
Потребно е ревизијата на Стратегијата за енергетика да ги задржи и унапреди зацртаните енергетски цели за напуштање на јагленот како главен енергенс до 2030 година и да ги преслика сите Европски насоки за декарбонизација и трансформација на целиот енергетски сектор. Но, во овој процес, потребно е јасно да се дефинира патоказот по кој државата ќе чекори за да ги постигне тие цели, односно, неопходно е да се утврдат стратешките приоритети и конкретни проекти и инвестиции за плановите да станат реалност.

Клима

Извештајот за напредок во секторот клима повеќе години наназад забележува дека е потребно е да се имплементира Договорот од Париз, да се донесе законот за климатска акција и Националниот план за адаптација како клучни политики и закони кои ја поставуваат рамката за климатска акција на земјата. И покрај тоа што законот за климатска акција е во фаза на изработка повеќе од пет години, моментално е сеуште во фаза на меѓуресорска координација и добивање мислења од другите ресори. Станува збор за закон со зголемени обврски за институциите, но обврските за транспонирање на ЕУ регулативата од оваа област се зголемуваат секоја година, а ние сеуште работиме на првична законска рамка за клима.
Овој закон содржи данок за јаглерод како една од клучните алатки во напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови и декарбонизација на сите сектори во земјата како и рамка за следење и известување за емисиите и координација на сите активности за климатска акција. Данокот на јаглерод како механизам за финансирање на мерките и активностите за климатска акција, испраќа и порака до секторите кои емитуваат емисии на јаглерод како енергетиката, цементната индустрија и металургијата дека мора да ги забрзаат напорите кон транзиција на чисти технологии меѓутоа и порака до граѓаните дека и големите загадувачи и физичките лица ги споделуваат истите обврски за постигнување на климатските цели.
Без овој закон земјата останува без клучни механизми за следење, известување и намалување на емисиите на стакленички гасови.
Недостасува координација и комуникација помеѓу сите релевантни институции и агенции со надлежности во спроведување на мерките за климатска акција кои потекнуваат од Долгорочната стратегија за климатска акција што е видливо во најновите предлог- измени на релевантни закони и стратегии каде воопшто не се пресликани зацртаните климатски цели.

Природа

Потребно е намалување на локализирано и дисперзирано загадување на слатководните ресурси.
Процесот на прогласување на заштитени подрачја треба да се забрза, особено за оние за кои веќе постојат одлуки за прогласување (Охридско езеро, Студенчишко блато, Белчишко блато, Кањонот на Матка). Дополнително треба што поскоро да се започне процесот на повторното прогласување на подрачјата и назначување на управители со цел нивно ефективно управување (Демиркаписка клисура, Таорска клисура, Долна Брегалница).
Законот за заштита на природа треба да биде усвоен што поскоро. Овој закон треба да воведе механизам за соодветна проценка на инфраструктурни проекти и нивното влијание врз природата во согласност со ЕУ Директивата за живеалишта и Директивата за птици. Неопходно е што поскоро да се воспостави механизам за одржливо финансирање за заштитата на природата кој ќе овозможи финансирање на заштитените подрачја и ангажирање на потребните административни капацитети за управување. Со приклучувањето на земјата во LIFE програмата ќе се овозможи поддршка во активностите за зачувување на биодиверзитетот и климатска акција.

За повеќе информации контактирајте нѐ преку
[email protected]

Share This

Share this post with your friends!