Во рамки на едукативната програмата  за деца на Еко свест на 11 и 12 јуни 2024 година беа одржани работилници во Национален парк Маврово и во Демир Капија.

Првата работилницата се одржа во основното училиште во Ростуше и беше фокусирана кон заштита на природата во Националниот парк Маврово со особен фокус кон реките од овој регион. Истата беше насочена кон зголемување на свесноста за тоа како човекот може да допринесе кон заштитата на овие заеднички добра кои имаат директно влијание врз здравјето и благосостојбата на целиот регион. Ставајќи ги учениците во улога на самураи заштитници, со четки во рацете наместо мечови, истражувајќи во областа на графиката преку насочена работа во група постигнаа извонредни резултати претставувајќи ја ноќта во националниот парк Маврово. Работилницата резултираше со ликовни графики -монотипии кои ќе се користат за изработка на џебна книга чија цел ќе биде понатамошно да делува во освестување на заштитата на заедничките добра од национално значење. Учејќи индиректно преку игра и визуелен приказ децата полесно стекнуваат увид и природно  ја интегрираат улогата на свесни чинители во средината во која живеат. Организираната работилница е дел од проектот „Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја“, поддржан и финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).

Во Демир Капија се одржа работилница која беше посветена на значењето на реките во овој регион за опстанокот на ендемските видови како египетскиот мршојадец и белоглавиот мршојадец. Преку игри, цртање и боење учениците од основното училиште во Демир Капија директно се запознаа со значењето на овие видови во поширок контекст. Визуелноста и едукацијата преку игра се најблиски до децата овозможувајќи им да интегрираат здрави навики кои во фокус го ставаат значењето на средината од која доаѓаат. Материјалите добиени од работилницата ќе бидат искористени за боенка која со понатамошна дистрибуција ќе продолжи да врши едукација и инспирација за деца. На почетокот на работилницата беше промовирана и џебна книга „Да ја заштитиме Демир Капија” која со своите бои и несекојдневен визуелен пристап предизвика особена радост и интерес. Оваа работилница е дел од регионалната иницијатива „Заедно за реките“ која е поддржана од The Nature Conservancy, а се спроведува во соработка со пет граѓански организации од регионот.

Share This

Share this post with your friends!