Чоловиќ Лешоска: Природниот гас е ќорсокак, а не „преодно гориво“, Македонија мора итно да ги преиспита плановите за гасификација

Во текот на последните години Македонија постепено ја зголемува употребата на природен гас и планира уште повеќе да ја зголемува во иднина. Мора да биде јасно дека природниот гас е фосилно гориво што и штети на климата и на здравјето на луѓето и токму поради тоа, како и поради зависноста од увоз на истиот, како и нестабилната цена, државата мора да ги преиспита плановите за гасификација, истакна извршната директорка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Нагласувајќи дека природниот гас е ќорсокак, а не „преодно гориво“, Чоловиќ Лешоска, во интервјуто ги образложи сите негативни страни на планот за гасификација во земјава, односно штетноста од користењето на природен гас.

Во текот на изминатите години во јавноста се пласираат информации според кои со примената на природен гас ќе се намали загадувањето на воздухот. Колку природниот гас е чист енергенс?

Чоловиќ Лешоска: Загадувањето на воздухот ќе се намали до одреден степен со користењето на природен гас, но во моментов тоа не е најдобрата опција за Македонија, бидејќи на нас ни требаат долгорочни решенија. Гасот е сепак фосилно гориво што ѝ штети на климата. Како јагленот и нафтата, гасот е необновливо фосилно гориво кое испушта стакленички гасови кога се согорува, предизвикувајќи зголемен климатски хаос што го видовме во последниве години. Индустријата за гас го претстави ова гориво како чиста алтернатива на јагленот, означувајќи го како “природен гас“ за да звучи здраво и привлечно. Сепак, ова е далеку од вистината.  Фосилниот гас претежно се состои од метан, моќен стакленички гас до 84 пати помоќен од јаглерод диоксидот. Емисиите на метан започнуваат уште од фазата на екстракција на гасот од почвата и продолжуваат со неговиот транспорт. Секако, гасот содржи значително помалку сулфурни и азотни оксиди, што го прават помалку штетен за квалитетот на воздухот. Ако ги споредуваме гасот и јагленот, секако гасот е почист енергенс, но ако го споредуваме со алтернативите од обновливите извори, гасот не е чиста опција.

Според владините претставници, природниот гас е најдобрата опција за нашата држава, односно истиот се претставува како преодно гориво. Кој е вашиот став за тоа?

Чоловиќ Лешоска: Гасот е ќорсокак, а не „преодно гориво“. Премногу често, претставниците на Владата и Европската унија го карактеризираат гасот како „преодно гориво“, што значи дека за да се премине кон систем заснован на обновливи извори на енергија, земјите од Западен Балкан прво треба да инвестираат во гас.  Ова би можело да биде точно пред 40 години, но не и сега. За да преминат кон систем заснован на обновлива енергија, земјите треба да ги искористат новите чисти технологии и да инвестираат во обновливи извори на енергија – како и во енергетската ефикасност и подобрување на мрежата. Технологиите како што се фотоволтаици, топлински пумпи и складирање со батерии се многу поевтини и пошироко достапни отколку пред неколку години и ќе ја олеснат транзицијата.

Сметам дека е доцна за привремени решенија пред декарбонизацијата, која треба да се постигне најдоцна до 2050 година. Привремените решенија за нас се прескапи бидејќи секоја инфраструктура за фосилни горива изградена сега ќе трае најмалку четири децении – и многу подоцна од 2050 година. Тоа значи дека инвестирајќи во гасот, ние ќе станеме „заробени“ со стари технологии и системи и притоа ќе останеме без финансии кои би ги инвестирале во технологиите на иднината. Оваа инфраструктура ќе биде осудена да не се користи по одредено време, а вложените средства ќе се залудно потрошени. Се проценува дека гасоводите ќе нé чинат над милијарда евра и наместо тие средства да ги вложиме во технологија на иднината, власта планира да ги потроши на цевки кои ќе скапуваат под земја бидејќи на долг рок тие нема да пренесуваат гас. Како што нагласија и Меѓународната агенција за енергија и Меѓувладиниот панел за климатски промени, нема повеќе простор за изградба на нова инфраструктура за фосилни горива доколку сакаме да спречиме уште посериозен климатски хаос.

Гасификацијата е присутна во плановите и стратегиите, но никогаш не е јасно што всушност е приоритет на државата. Ве молам да го изнесете вашиот став околу ова прашање.

Чоловиќ Лешоска: Во последниве години, Македонија постепено ја зголеми употребата за фосилен гас и планира уште повеќе да ја зголемува во иднина. Спротивно на тоа, ЕУ ги помина последните две години обидувајќи се брзо да ја намали потрошувачката на гас, бидејќи високите ризици од зависност од увезениот гас станаа повеќе од евидентни. Но, македонските власти се однесуваат како тоа да не се случило, а ЕУ продолжува да ги поддржува во повторувањето на сопствените грешки. Плановите за гасоводниот систем на земјата постојат многу одамна и полека прогресираат. Во ноември 2019 година беше објавено дека гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар е 53 проценти завршен, но четири години подоцна, тој сè уште не е ни приближно готов, и покрај тоа што Владата вети дека ќе биде комплетиран до 2020 година. Не е јасно дали проблемите се поврзани со експропријација, ерозија на земјиште или нешто друго. Како што и заклучува последниот извештај од Државниот завод за ревизија, изготвените планови за гасификација не биле следени, а реализацијата се одвивала забавено, при што и изградените гасоводи не добиле одобрение за работа и со децении веќе скапуваат во земјата. Ова во голема мера го покажува нашиот капацитет да ги спроведеме овие амбициозни планови, а прашањето за што всушност и ги спроведуваме останува неодговорено.

Главниот фокус сега е на изградба на гасовод од Грција до Македонија, која неодамна се интензивираше. Сепак, проектот е предмет на неколку правни жалби, вклучително и жалба до Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Задолжителните јавни консултации не беа одржани, а државната гаранција за заем е донесена без одобрение на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Дополнително на тоа, непознато е за што всушност и ќе го користиме гасот кој ќе дојде од Грција.

Плановите за гасовод до Косово се споменуваат и во неколку стратегии, но во меѓувреме косовската Влада одлучи да не го реализира овој проект. Плановите за нови гасни централи постојано се прошируваат, на нетранспарентен начин. Владата не даде јасни објаснувања зошто е потребен сѐ поголем капацитет и зошто смета дека не постојат соодветни алтернативи.

Националниот план за енергија и клима вели дека Македонија треба да размисли за изградба на една гасна централа доколку не се изгради хидроцентралата Чебрен.  Во енергетската стратегија се вели дека ќе бидат изградени меѓу 0 MW и 245 MW нови гасни постројки, во зависност од сценариото.  Но, во програмата за имплементација на енергетската стратегија – која треба да ја спроведе енергетската стратегија, а не да ја препишува – вели дека земјата во секој случај треба да изгради 450 мегавати нови гасни централи и споменува гасни централи и во Неготино и во Битола. Но, неодамна беа обелоденети плановите за централа од 800 MW во Битола. Не е познат капацитетот на планираната гасна централа во Неготино.  Оттогаш, се појавија и планови за дополнителна електрична и топлинска централа на гас во Скопје, со капацитет од 90-105 MW, што би ја градела грчката компанија „Митилинеос“, проект кој Владата ги прогласи за „стратешки“, иако не е во ниту еден стратешки документ. 

Власта често зборува за „пренамена“ на централите на јаглен во Битола и Неготино на гас, но тоа е дезинформација. Гасните електрани користат значително поинаква технологија од оние на јаглен и најважните делови од централите би требало да се изградат одново. Зголемената потрошувачка на фосилен гас често се тврди дека е потребна за да се замени јагленот, но оваа идеја е застарена и погрешна: одржливите форми на обновлива енергија како што се сончевата, ветерот и геотермалната енергија се иднината и земјата не може да си дозволи да биде застранета од лажни решенија.

Имајќи го предвид ограничувањето на гасоводот од Бугарија до Македонија, кои се опциите за снабдување со гас и како тоа се одразува на цената на овој енергенс?

Чоловиќ Лешоска: Заврши ерата на евтин гас. Една од причините зошто рускиот гас толку широко се користи е поради тоа што беше релативно евтин. Плановите за проширување на гасот во Македонија беа направени пред инвазијата на Русија врз Украина и нема јавен доказ за да се докаже дека тие сè уште се реални и остварливи.  Главните потенцијални алтернативни извори на гас за Македонија се Азербејџан или течен гас (LNG). Но, ветувањето на Азербејџан дека ќе го удвои протокот на гас за ЕУ до 2027 година ќе биде ограничено од инфраструктурниот капацитет и зголемената домашна потрошувачка, со што ќе ги зголеми цените. LNG е поскап од гас воден преку гасоводи бидејќи треба да се втечни, транспортира и регасифицира. Тоа исто така предизвикува силни флуктуации на цените бидејќи се тргува на глобално ниво, затоа што LNG заради природата на неговиот транспорт по правило се насочува во оние региони каде цената е повисока.

Имајќи ги предвид досега изнесените состојби, каква стратегија треба да примени државата во однос на енергетскиот сектор?

Чоловиќ Лешоска: Македонија мора итно да ги преиспита своите планови за гас имајќи ја предвид оваа нова реалност. Македонија е единствената земја во регионот со поголема зависност од увезена енергија од просекот на ЕУ. Тоа е затоа што го увезува целиот свој гас и нафта, како и дел од електричната енергија, а во последниве години дури и јаглен. Нејзината вкупна зависност од гас е сè уште ниска во споредба со ЕУ, и таа треба да се труди колку што е можно да ја задржи на ниско ниво, а истовремено да го намали увозот на електрична енергија со зголемување на искористувањето на ветер и сончева енергија.

Иако Македонија има краткорочни потешкотии во снабдувањето со енергија поради долгогодишното недоволно инвестирање во обновливите извори на енергија, ниската зависност од гас на регионот е предност што треба да се искористи, а не проблем што треба да се реши. Владата мора итно да ги ревидира своите неусогласени планови за гас и наместо тоа да ги зголеми инвестициите во соларна енергија, ветер, геотермална енергија, топлински пумпи и електродистрибутивни мрежи. На тој начин ќе се реши проблемот со загадувањето на воздухот, бидејќи ќе се користат обновливи извори на енергија, средствата наменети за инсталации за производство и дистрибуција на енергија ќе се наменат во правилна насока, а дополнително, нема повеќе да бидеме увозно зависни. Не смееме да ги заборавиме и потребните инвестиции во енергетска ефикасност бидејќи е неопходно прво да ја заштедиме енергија пред да размислуваме од каде би ја произвеле. Затоа, воспоставувањњето на Фондот за енергетска егфикасност е повеќе од потребно. Сметам дека имаме капацитет, средства и поддршка со правилни чекори да станеме држава која искористува обновливи извори на енергија, рационално ја користи енергијата и создава зелена иднина каде придобивките ги имаат првенствено граѓаните на Македонија.

Интервјуто е објавено во магазинот „Економија и бизнис“ во мај 2024 година.

Share This

Share this post with your friends!