Од Невена Смилевска

Фотографија: Рудникот Суводол и РЕК Битола. Автор: Давор Пeхчевски

Тековната енергетската криза не потсети дека не сме направиле ништо за реален развој на енергетскиот сектор во изминатите 30 години. Исто така не потсети и дека сме комплетно зависни од фосилни горива и дека комбинацијата од овие два фактори предизвикува да одиме во потешка енергетска криза и потешко финансиско оптеретување на граѓаните. Ни покажа и дека во овие услови немаме избор освен да се помириме со фактот дека мораше да се увезе јаглен и да се вклучи ТЕЦ Неготино, колку и да е тоа штетно за здравјето на луѓето.

Единствената алтернатива, кон која и се имаме обврзано како земја со повеќе регионални заложби и која е вградена во националните стратегии, е да ја декарбонизираме економијата и да се свртиме кон обновливите извори на енергија. Продолжувањето на зависноста од јаглен кој го немаме и на агонијата на Битолчани и Кичевчани додека живеат во екстремно загадена животна средина која буквално ги чини нивните деца живот, истовремено давајќи им само лажна долгорочна економска сигурност, е само губење време додека се купува социјален мир по цена на здравјето на граѓаните.

Дури и би можело да се побара од граѓаните да го толерираат неприфатливото работење на двете термоелектрични централи на лигнит без да ги исполнуваат стандардите за животна средина кои требаше да ги исполнат уште во 2007 година, кога тоа време би се користело за нешто корисно – да се постават доволно фотоволтаични централи за да се замени барем еден од вкупно четирите блока на термоелектраните на кои во моментов се потпираме, да се направат капацитети за зачувување на енергијата произведена од сонце или да се направи план како засегнатите бизниси во Кичевскиот и Битолскиот регион минимално да страдаат од затворањето на термоелектраните кое неминовно претстои. Меѓутоа, во услови кога Стратегијата за развој на енергетиката е само документ чија имплементација сеуште не е започната и кога никој, со исклучок на невладиниот сектор, не ги прашал граѓаните во Кичево и Битола како би го развивале својот регион кога би ги немале овие економски капацитети кои работат на „позајмено“ време, заложбите за Зелена Агенда за западен Балкан, Софиската декларација и целата дискусија за зелен развој или енергетска транзиција се само тоа – дискусии во медиумите на теми кои се привлечни за донаторите и ѝ нудат на јавноста илузија дека работите се менуваат или дека се прави нешто.

Болната вистина е дека обврските за декарбонизација на економијата кои ги имаме преземено тапкаат во место и дека се работи само на ниво на документи, стратегии и програми. Роковите за затворање на термоелектраните на лигнит кои постојано ги поместуваме за подоцна и подоцна не се користат за да се подготват регионите за економската транзиција која им претстои и која никој не сака да ја спомене поради лошите искуства кои граѓаните ги имаат со неправедната транзиција која беше резултат на затворање на големи економски оператори во изминатите 30-тина години. Истовремено, многу малку се прави за да се подготви терен за поинаква (и подобра) судбина на Кичевчани и Битолчани.

Фотографија: Поглед кон РЕК Битола од Пелагонија. Автор: Давор Пехчевски

Единствен начин за да се обезбеди дека заедно со енергетската транзиција кон развој без јаглен, која сегашната криза само потврдува дека е неминовна, нема да настапи и неправедна транзиција на регионите каде има термоелектрани е нивниот развој да се планира веднаш. Детално да се истражат можностите за развој во овие региони кои не се поврзани со електраните на јаглен. Да се бараат начини како овие региони да станат привлечни за инвестиции и привлечни за нови, незагадувачки индустрии. Впрочем, зошто се зборува за намалување на данокот за одредени високоплатени професии (како што се програмерите), а тоа истовремено не се условува со релокација на овие професионалци во регионите кои би имале значителна придобивка од нивното присуство бидејќи нивните високи приходи би придонесле кон движење на локалната економија? Зошто не се зборува како да се поддржат микро и малите бизниси или индивидуалните производители во регионите со термоелектрани? Зошто не се зборува за мали локални енергетски заедници или за микро и мали локални системи за греење? Сите овие (и повеќе) можности и идеи би излегле во јавниот дискурс доколку се спроведе консултативен процес за тоа како да се поттикне развојот на регионите каде има термоелектрани како дел од процес за развој на територијален план за праведна транзиција (или негов еквивалент).

Територијалните планови за праведна транзиција се услов за добивање средства од Фондот за праведна транзиција кој функционира во Европската Унија и е достапен за земјите членки на унијата. За земјите од западен Балкан засега не постои ваков фонд, но никој не нѐ спречува да научиме од искуствата на земјите кои имаат вакви планови, напр. соседна Грција и да го испланираме развојот на Кичевскиот и Битолскиот регион согласно барањата на фондот. Територијалниот план за праведна транзиција ги дава деталите на процесот на транзиција кој ќе биде применет во дадениот регион за да се осигура дека економијата на тој регион ќе биде климатски неутрална. Овој план содржи временска линија на активностите, вклучително и планираните инвестиции и е во согласност со долгорочните национални стратегии. Неговиот фокус е на диверзификација на локалната економија и давање нови вештини на работниците или унапредување на вештините кои веќе ги имаат за да се овозможат подобри и порелевантни можности за вработување. Во ситуација кога е веќе одлучено дека термоелектраните ќе се затворат во догледно време, единствен избор за граѓаните кои живеат во регионите кои со тоа затворање ќе бидат засегнати е да бараат од локалната самоуправа и од националните донесувачи на одлуки нивниот регион да има ваков план за праведна транзиција кој ќе осигура дека никој нема да остане „на улица“.

Share This

Share this post with your friends!