Во рамки на 20 годишнината од формирањето и работата на Еко-свест, вчеравечер во Скопје организиравме свечен настан. Одбележувањето на дваесет годишното постоење на организацијата беше под покровителство на Претседателот г. Стево Пендаровски.

Во своето обраќање, Претседателот Пендаровски ја потенцираше улогата на Еко-свест како една од водечките организации во државата во областа на заштитата на животната средина и јавното здравје, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, а активно се залага за намалување на последиците од климатските промени.

На свеченоста концептуално беше претставен и дел од работата на Еко-свест преку хронолошки историјат на бројните и значајни активности реализирани низ минатите две децении работа.

За долгогодишна посветеност и работа во унапредувањето на животната средина, природата, одржливиот развој, јавното здравје и објективното информирање на јавностата, со посебни благодарници беа наградени академик Владо Матевски, проф. д-р Трајче Стафилов, д-р Диме Меловски, проф. д-р Сашка Петрова, проф. д-р Драган Ѓорѓев и Ана Петрушева.

Еко-свест се заблагодарува на сите поранешни и сегашни соработници, пријатели, колеги, партнери и поддржувачи за досегашната соработка.

Директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска во својот поздравен говор потенцираше дека работата во организацијата е всушност начин на живот за вработените. Тие несебично се трудат да придонесат во унапредувањето на заштитата на животната средина, подобрувањето на јавното здравје и еколошкиот активизам.

Во своето дводецениско работење, Еко-свест реализираше над 80 проекти, спроведе бројни кампањи кои досегнаа до над 1,2 милиони граѓани и издадовме над 100 релевантни публикации.

Како што порача и Претседателот Пендаровски, во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија.

Share This

Share this post with your friends!