На 14.10.2023 година во Демир Капија се одржа настанот „Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје” кој е првиот во низата на активности поврзани со процесот на репрогласување на Демир Капија како заштитено подрачје.

Преку низа на едукативни активности, пред заинтересираните присутни беше презентирано значењето на иницијативата за репрогласување на Демиркаписката Kлисура и целосна заштита на реките Бошава и Дошница, заедно со околното подрачје, како и сите наредни чекори во процесот на прогласување на заштитеното подрачје.

Пред присутните се обратија Градоначалникот на Општина Демир Капија г-дин Лазар Петров, Заменик Министерката за животна средина и просторно планирање г-ѓа Христина Оџаклиеска, претставник од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ г-дин Ѓорѓи Митревски и Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот г-дин Љупчо Јаневски, кои несебично дадоа целосна поддршка за оваа иницијатива и ги потврдија придобивките кои може да ги уживаат сите засегнати страни.

Вечерта заврши со концертите на Љубојна и Летечки пекинезери, каде заедно со демиркаписката публика се прослави отпочнувањето на иницијативата.

Share This

Share this post with your friends!