Македонија има сѐ поамбициозни планови за зголемување на употребата на фосилен гас. Но, овие планови беа разработени пред скорешната енергетска криза. Освен климатските катастрофи со кои се соочуваме, зависноста од увоз и ограничувањето во употребата на фосилни горива, пред сѐ гасот, новото истражување покажува дека трошоците за изградба на гасоводната мрежа се зголемени, а со тоа стапката на гасификација во домовите се повеќе ќе се намалува. Наместо тоа, значајни инвестирања може да се направат во алтернативни извори на енергија, како што се инсталирање на соларни системи, топлински пумпи или подобрување на енергетската ефикасност преку реновирање во домаќинствата. 

Пипа Галоп, Бенквоч и Ана Чоловиќ-Лешоска, Еко-свест

Во 2021 година, целиот Западен Балкан потроши помалку од 1 процент од фосилен гас што се користи во ЕУ. Но, Македонија има сѐ поголеми планови за зголемување на својата потрошувачка, пред сѐ во домовите, индустријата, како и за производство на електрична енергија. 

Плановите за изградба на прстенеста главна гасоводна мрежа и дистрибутивна мрежа постојат со години, но нивната реализација се одвива многу бавно. За гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар, во ноември 2019 година, беше објавено дека се завршени 53%, но од тогаш се поминати повеќе од 4 години и истиот сѐ уште не е завршен. Не е јасно дали проблемот е експропријација, со теренот или нешто друго. 

Владата сега се фокусира на изградба на гасниот интерконектор со Грција, со почетен капацитет од 1.5 милијарди кубни метри годишно. Во 2021 година, година во која потрошувачката на гас во Македонија беше најголема досега, земјата искористи 426 милиони , што е помалку од третина од планираниот капацитет на новиот гасовод. Имајќи предвид дека постоечкиот гасовод од Бугарија ќе продолжи да функционира, ова создава значителен ризик – било од заробени финансии или од зголемената употреба на фосилниот гас во децениите што доаѓаат.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) одобрија финансирање за проектот уште во 2021 година, непосредно пред целосната инвазијата на Русија врз Украина, што уште еднаш го истакна неумешно планираното зголемување на зависноста од увоз на фосилни горива. Но, не само што ниту една од тие институции не го разгледа повторно проектот оттогаш, туку и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) сега размислува за финансирање на истиот.

Бидејќи ниту една од овие институции, ниту Владата на Македонија не објавија информации до јавноста за изводливоста на гасоводот или прогнозите за потрошувачката на гас по почетокот на енергетската криза (последната студија на ЕБОР беше во 2020 година), Eко-свест, членка организација на Bankwatch спроведе истражување заедно со Регионалниот центар за истражување на енергетски политики од Унгарија (REKK) за да анализира што се променило оттогаш и какво би било влијанието на оваа инвестиција врз домаќинствата. 

Повисоките трошоци на мрежата го прават префрлувањето на фосилен гас неизводливо за домаќинствата

Не само што цените на гасот во последниве години станаа многу нестабилни, туку и трошоците за изградба на гсоводната мрежа, исто така, се зголемија. REKK проценува дека се очекува зголемување од најмалку 35% според плановите на Владата, што резултира во вкупните трошоци за изградба од 791 милиони до над 1 милијарда евра за гасоводната мрежа, без трошоците за користење на земјиштето и дополнителните инвестиции за компресори.

Ако се претпостави дека корисниците на системот плаќаат за изградбата и работењето на мрежата, ова би имало големо влијание на потрошувачите, со проценета тарифа за мрежата од 12-26.6 ЕУР/MWh. Сегашните тарифи за гасоводите кои изнесуваат 6 ЕУР/MWh, со изградбата на гасоводната мрежа би се зголемиле за 100 до >300% во однос на моменталните тарифи.

Според сегашните регулативи, трошоците за мрежата се потценети. Но, доколку корисниците мора да платат за изградба на мрежата – што би било единствената фер опција – цената на гасот на крајниот корисник може да изнесува 55-79 ЕУР/MWh во зависност од сценариото за гасификација.

Врз основа на деталниот пристап за моделирање за домаќинствата, REKK дојде до заклучок дека, доколку домаќинствата и другите корисници треба да ги платат вкупните трошоци за инвестирање во мрежата, тарифите за мрежата ќе бидат толку високи што ниту едно од домаќинствата нема да се префрли на гас.

Високите трошоци го оневозможуваат поврзувањето на домаќинствата на гас

Плановите за гасификација во Македонија предвидуваат високи стапки на поврзување од страна на домаќинствата на гас. На пример, студијата на Европската банка за обнова и развој од 2020 година предвидуваше стапки од 55-105% (105% значи сите постоечки згради плус уште некои од зградите кои не се уште изградени), во зависност од општината. Но, овие претпоставки се базираа врз искуството од Солун, Грција, а не на сопственото искуство во државата. Исто така беше истакнато дека многу од овие поврзувања ќе бидат овозможени преку укинување на таксите за поврзување на домаќинствата, иако трошоците потоа ќе бидат надокнадени преку тарифи за користење на системот.

Во Македонија, од друга страна, до 2022 година, беа потребни повеќе од 12 години за поврзување на само 503 потрошувачи директно на гасната дистрибутивна мрежа во Скопје, Куманово и Струмица. Ова е главно поради тоа што луѓето сметаат дека поврзувањето е скапо.

REKK исто така потврди дека опремата за греење и инсталацијата може да бидат премногу скапи за многу домаќинства во Македонија и разгледа различни сценарија за префрлување базирани на приходите на луѓето кои би можеле да се префрлат. Резултатот имаше значително влијание врз побарувачката, па затоа е важно точно да се предвиди: доколку 20% од домаќинствата се префрлат на гас, побарувачката ќе достигне најмногу 0.5 TWh/годишно по релативно ниски цени на гасот (дури и помалку при повисоки цени), додека во малку веројатното сценарио, доколку 80% се префрлат, ќе достигне 2 TWh/годишно.

Иако REKK истакна дека ова може до одреден степен да биде под влијание на субвенциите, ова според нас е многу недомаќинско употребување на јавните пари. Ако треба да се обезбеди поттик на домаќинствата, субвенциите мора да бидат за одржливи и обновливи технологии како што се топлински пумпи и соларни термални системи.

Трошоците за гас остануваат непредвидливи, но имаат силно влијание

РЕКК утврди дека релативните цени на горивата се клучни за резултатот од моделирањето. Цената на гасот вртоглаво порасна во енергетската криза, но не важи истото и за цената на регулираната струја за домаќинствата во Македонија. Така, само ниската цена на гас во споредба со електричната енергија и/или огревното дрво би ги поттикнала домаќинствата да се префрлат на гас.

Според истражувањето на РЕКК, цената на гасот во Бугарија, Грција и Македонија ја следи холандската големопродажна цена на берзата, која е доминантно одредена од глобалниот пазар на гас, проследена со влијанието на европската побарувачка. Иако ова е подложно на големи флуктуации, претходното истражување на Еко-свест сугерира дека потенцијалните потрошувачи на гас за домаќинствата во Македонија можеби не се свесни за ова и веруваат дека фосилниот гас е прилично евтин. Сепак, поради трошоците за поврзување наведени погоре, ова нема автоматски да резултира со поврзување на голем број домаќинства на мрежата.

Сето ова фрла голем сомнеж врз тврдењата на ЕБОР дека гасификацијата значително ќе го намали загадувањето на воздухот од греењето на домаќинствата.

Попаметно искористување на јавните пари

REKK исто така разгледа што би можело да се направи со парите кои се очекува да бидат потрошени за гасоводот. Студијата откри дека, со шема која покрива 90% од трошоците и доколку 10% покријат самите домаќинства, 49% од домаќинствата може да бидат покрени со 3 киловатни фотоволтаични инсталации, 40% со топлински пумпи кои работат на принципот воздух-воздух или 15% може да ја подобрат својата енергетска ефикасност преку подобрување на изолацијата.

Со ваквите итни и потебни опции, повеќе од крајно време е Македонија да ја преиспита својата одлука за употреба на фосилен гас и да ги прилагоди своуте енергетски планови кои ќе се реализираат следните неколку децении. И, доколку Европската Комисија и Европските јавни банки сакаат да направат добро за луѓето од регионот, тие мора веднаш да го поддржат овој процес.

Ако Ве интересира

Брифинг документ (на англиски јазик)

Блог (на англиски јазик)

Share This

Share this post with your friends!