Промената на секојдневните навики во насока на заштеда на електрична енергија, вода, намалување на отпадот во домот и употреба на одржлив транспорт е огромен предизвик во држава која не секогаш има услови за тоа, но убаво е чувството на превземање чекори за подобрување на условите за живот во заедницата и намалување на индивидуалното влијание врз климатските промени. Ова беше заклучокот од панел дискусијата на завршниот настан од наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза.

Наградната кампања Акција во низа за стоп на климатска криза се спроведе во период од 11 декември 2023 до 22 јануари 2024, и граѓаните на Македонија имаа можност да ги споделат одржливите навики кои ги применуваат во своето секојдневно живеење со цел намалување на јаглеродниот отпечаток. Вкупно 73 граѓани ги споделија промените кои ги прават во секојдневните навики за да влијаат помалку на загадување на животната средина. На настанот се прикажаа петте добитници и нивните одржливи навики, како и останатите пријави кои навистина инспирираа. Погледнете ги сите учесници тука.

Од употреба на реупотреблива амбалажа како тегли и торби од реупотребени ќеси за пазарење локални производи на пазар, до заштеда на вода со ситем за фаќање на дождовница, заштеда на електрична енергија и употреба на сончева енергија и компостирање за намалување на отпадот во домот. Граѓаните покажаа дека со мали промени во секојдневните навики, возможно е да се направи големо влијание врз ублажување на последиците од климатските промени. Уште поважно е дека секој од учесниците претставува добар пример во зедницата каде живее и мултипликатор на одржливи практики.

„Нашата куќа ја направивме сами од конструкција на веќе постоечка монтажна барака која ја расклопивме и склопивме одново, надвор од градот. Во неа живееме веќе 14 години. Не сме приклучени на електрична мрежа, домот се пои со соларна енергија. Тоа нѐ учи да штедиме и да бидеме поврзани со циклусот на природата. Тој начин на живот е една дисциплина во свесното користење на енергија, во себе и околу себе. Внимаваме колку земаме, колку создаваме и колку оставаме.“

Ивана Батев, добитничката на првата награда

„Купуваме во големи количини за да одбегнеме непотребно фрлање на пластика, стакло, метал, одбегнуваме користење пластика за еднократна употреба и никогаш не земаме пластични ќеси за пазарување. Купуваме локална органска храна колку што е возможно повеќе, старата облека ја донираме или организираме маалска распродажба.“

семејството Карашови од Охрид кои ја добија втората награда

Заштедата на ресурси, намалувањето на отпадот кој го создаваме во домот и користење одржлив транспорт се активности со најголемо влијание врз ублажувањето на последиците од климатските промени кои може да ги направи секој, меѓутоа за да станат помасовни потребно е државата да обезбеди политики и мерки кои ги подржуваат како и потребна инфраструктура. Но, искуството на развиените земји покажува дека често граѓаните се оние кои преку самоорганизирање можат да поттикнат промени во политиките и мерките на државата.

Јавниот награден конкурс се спроведе во рамки на проектот ,,Граѓанските организации во акција за климатските промени” е финансиски поддржан од страна на владата на Шведска, а спроведуван од Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP).

Share This

Share this post with your friends!