Честата појава на екстремни временски настани и природни катастрофи на глобално ниво вклучително и
во Северна Македонија e директна последица од климатските промени. Како држава во развој која нема финансиски средства да се справи со последиците од климатските промени за нас е особено важно да развиеме мерки за навремено прилагодување кон овие промени. Адаптацијата кон климатските промени значи преземање акција за планирање и прилагодување на сегашните и очекуваните влијанија на климатските промени.

Ова беше дискутирано и на завршната конференција на проектот Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво, имплементиран од Центарот за климатски промени во рамките на програмата Граѓанските организациии за климатските промени финансирана од Владата на Шведска и имплементирана од Еко-свест, МЗМП и Фондацијата CNVP. На конференцијата беше презентирана и Анализата на природни непогоди во Република Северна Македонија 2005 – 2023 година изработена како дел од проектот која може да ја прочитате на линкот.

Во Македонија, од сите климатски опасности, најчесто се случуваат пожари (80% од вкупните настани), а со овие настани се поврзани и сериозни материјални штети. Затоа посебно внимание треба да се посвети на превенцијата, пред се преку едукација на населението. Фокусот треба да биде на регионите каде населението се занимава со земјоделство, бидејќи значителен дел од пожарите се на отворени површини и во сезоната на подготовка на нивите за сеидба (палење стрништа и сл.). Многу пожари се случуваат во летниот период, но не може да се утврди дали се случиле во периоди на топлотни бранови/високи температури бидејќи базата на податоци не ги евидентира овие настани при екстремни временски настани.

Во иднина потребно е да се прошири и ажурирањето на настаните во овој дел, особено поради големиот удел на пожарите, но и поради трендот на почести и подолготрајни топлотни бранови во последните години. Поплавите, како поради излевање на реки, така и поради атмосферските води, се исто така честа појава, па затоа е неопходно да се зајакне отпорноста на општините преку проектирање и изградба на цврста инфраструктура која ќе може да одговори на ваквите закани.

Неопходно е да се посвети сериозно внимание на проектирањето, одржувањето и реконструкцијата на системите за атмосферска канализација. Соодветните механизми засновани на системи за рано предупредување и приоретизирање на овие проблеми на локално ниво, бараат поголеми средства за реализација, но и планирање и спроведување мерки соодветно и навремено за да се овозможи соодветен одговор на идните природни катастрофи и климатски екстреми.

Share This

Share this post with your friends!