Домот, куќата, станот, односно живеалиштето е медиум помеѓу човекот и природата. Човекот за да се заштити од природните неприлики, најпрво почнува да пронаоѓа засолништа во природата, како пештери на пример, а потоа почнува и сам да гради живеалиште, населба, град. Не можеме да го негираме фактот дека човекот е длабоко поврзан со природата и дека таа е нераскинлив дел од неговиот природен хабитат.

Уредувањето на просторот има големо општествено и социјално значење. Тоа ја обликува средината во која човекот опстојува и притоа влијае на системот за транспорт, инфраструктурата, развојот на сопственоста, густината на население, јавните сервиси, управувањето со отпадот. Оттука урбанизмот го определува квалитетот на животот преку обликување на природата.

Општественото значење на урбанизмот се отсликува и во Уставот на Република Северна Македонија кој го воспоставува уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок. Ваквото регулирање значи дека сите уставни одредби треба да се толкуваат и применуваат низ призмата на хуманизација на просторот и обезбедување поголем степен на заштита на животната средина. Токму затоа понатаму во Уставот е утврдено дека секој има право на здрава животна средина, при што на Републиката е обврската да ги обезбеди условите за остварување на ова право. Истовремено секој граѓанин има истовремено право, но и должност да го чува и унапредува сопственото и здравјето на другите.

Многу студии ги истакнуваат позитивните ефекти на природата врз човечкото битие како: храна, кислород, транспирација (испарување од растенијата), собирање на јаглеродот, различни медицински употреби итн. Болните луѓе побрзо закрепнуваат кога гледаат природа и зеленило, а истовремено човековата интелегенција и когнитивните способност се зголемуваат при прошетка во природа или во опкружување со природа. За жал често природата во градовите се сведува на саксиски растенија и се смета само за визуелна декорација.

Зеленилото се смета за украс и се мисли дека вертикална градина може да надополни за земјиштето кое се користи како недвижност. Врската помеѓу човекот и природата не смее да се сведе само на визуелна и не смее градините и парковите во градот да се преселат во објекти. Мора да се најде баланс каде човекот природата би биле застапени на земјата. Оваа пропорција е 1:8, односно значи дека секој еден човек треба да е опкружен со 8м2 природен зелелен простор (позитивен пример за ова е Сингапур).

Сесил Конинедијк (Cecil Konijnendijk) го предложува „Правилото 3-30-300“, како решение за здрава градска населба. Ова значи дека секој треба да може да види барем 3 дрвја од својот дом, училиште или работно место; секое соседство треба да има покривка од крошна на дрвја од 30%; и 300 метри треба да биде максимално растојание до најблискиот висококвалитетен јавен зелен простор.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк. Публикацијата е изработена во рамки на проектот ,,Граѓанските организации во акција за климатските промени” финансиски поддржан од страна на владата на Шведска, а спроведуван од Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP).

Share This

Share this post with your friends!