Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје отвара повик за вработување на Правен советник за прашања од областа на животната средина.

За Еко-свест

Мисијата на Еко-свест е да истражува, информира и делува кон унапредување на јавните политики и навиките за одржливо живеење и заштита на животната средина.

Еко-свест поддржува и поттикнува граѓанска свесност и активно учество и промовира практични решенија во соработка со организации и институции.

Посебни цели и задачи на „Еко-свест“ се:

– Информирање за потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и луѓето;

– Промовирање на решенија за здрави и одржливи пракси и политики во областа на заштита на животната средина и застапување на истите во процесите на креирање политики;

– Истражувања и анализи во област на заштитата на животната средина и човековото здравје;

– Промовирање и застапување за учество на јавноста во процесите на донесување одлуки во област на животната средина и поддршка на заедниците за остварување на ова право;

– Информирање и едуцирање на јавноста за можните негативни влијанија и начините за спречување и избегнување на истите врз животната средина и човековото здравје особено кај жените, децата и старите лица;

– Формирање и водење на коалиции и други тела составени од организации, експерти и институции со цел заедничко застапување за заштита на животната средина;

– Активно учество во постапките на измена и донесување на законски акти во област на заштита на животната средина;

– Спроведување на посебни активности во областите на:

  • заштита на климата
  • заштита на природата
  • заштита на медиумите на животната средина (воздух, води, почва)
  • одржлив развој на локалните заедници
  • одржлив транспорт
  • одржливи и паметни решенија за енергетскиот систем
  • одржливо управување со отпадот
  • иновации во заштитата на животната средина
  • паметно просторно планирање
  • поддршка на заедниците и активно граѓанство.

Повеќе информации за областите на делување на Еко-свест: https://ekosvest.com.mk/

Работни задачи и одговорности:                                                               

Во согласност со стратешките приоритети, Еко-свест има потреба од ангажирање на Правен советник кој ќе работи заедно со програмските тимови на правни прашања поврзани со теми од областите на делување на организацијата.

Ангажираниот Правен советник ќе ги има следните работни задачи:

  • Обезбедување на правни информации, правна поддршка и правни совети на прашања кои произлегуваат од областите на делување на Еко-свест: клима, енергетика, природа, води, активно граѓанство;
  • Следење на националната законска рамка и работата на институциите од областа на животната средина и други релевантни сектори во корелација со животната средина (енергетика, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство), поврзување со меѓународни обврски и институции (по потреба и во координација со тимот на Еко-свест);
  • Документирање на случаи за прекршување на законите и обврските од областа на животната средина, анализа на податоците и подготовка на извештаи или коментари;
  • Застапување за унапредување на законите, политиките и практиките во областа на животната средина и други релевантни области во корелација со животната средина (економија, земјоделие, шумарство, транспорт, здравство и др.);
  • Креирање на предлиози за законски измени и дополнувања и други правни акти, вклучувајќи следење на процесите на донесување, подготовка на коментари и препораки за подобрување на закони, подготовка на барања, предлози до институции за нивно прифаќање во сите фази на донесување на правните акти;
  • Подготовка на правни иницијативи, жалби, претставки и тужби по потреба;
  • Идентификување на правни проблеми при спроведувањето и планирањето на политики од областа на животната средина;
  • Спроведување на истражувања и подготовка на компаративни анализи на теми поврзани со унапредување на политиките и практиките од областа на животната средина;
  • Поддршка на персоналот на Еко-свест во подготовката на извештаи;
  • Координирање на активности кои имаат правна природа и се важни за целите на Еко-свест со партнерските организации и институции;
  • Комуникација на целите, резултатите на Еко-свест пред медиумите и јавноста;
  • Други задачи во врска со работата на Еко-свест поврзани со правни прашања од областа на животната средина.

Кандидатите треба да ги исполнуваат општите, како и следните посебни услови:

  • Високо образование од областа на правните науки;
  • Добро разбирање на основните аспекти, проблеми и правни прашања од областа на животната средина;
  • Најмалку една до три години работно искуство во здружение на граѓани или пружање на правни услуги во здруженија, други организации/или институции; 
  • Познавање на MS Office и интернет алатки за објавување на информации (WordPress, социјални медиуми);
  • Добри комуникациски и организациски вештини;
  • Искуство во подготовка на анализи, истражувања, студии;
  • Одлично познавање и користење на устен и пишан англиски јазик е задолжително;  
  • Развиени истражувачки и аналитички способности;

Услови кои се сметаат за предност:

  • Завршени постдипломски студии, особено на теми поврзани со прашања од областа на животната средина;
  • Познавање на националната и меѓународната правна рамка за заштита на водите, природата, видовите и нивните живеалишта, климатските промени, енергетиката, стандарди за оцена на влијанијата врз животната средина, учество на јавноста во донесување на одлуки и сл.;
  • Познавање на раководење со проектен циклус;
  • Искуство со застапување за политики и практики во областа на животната средина (или други прашања од јавен интерес);
  • Желба и мотив за работа во граѓанска организација која третира прашања и политики од животната средина и граѓанскиот активизам;
  • Желба за континуирано учење и надоградување.

Кандидатите треба да ги поседуваат следните вештини и способности:

  • отворена комуникација (усна и писмена) и презентација;
  • брзо прифаќање и прилагодување кон нови задачи;
  • тимска работа во мултикултурно опкружување;
  • извршување повеќе задачи истовремено;
  • уредност и организираност.

Работни услови:                                                                                                

Неделното работно време е 40 часа. Локација на вршење на работните обврски е во Скопје. Со избраниот/ата кандидат/ка ќе биде потпишан договор за вработување на определено време, со пробен период од 1 (еден) месец кој може да се продолжи врз основа на покажаните квалитети и перформанси. Месечна нето плата, согласно политиката за личен доход на Еко-свест е помеѓу 30 000 и 60 000 денари нето и се утврдува согласно искуството и вештините на кандидатот. Конкретната плата на избраниот кандидат/ка ќе биде утврдена при потпишувањето на договорот за вработување.

Начин на пријавување:                                                    

Заинтересираните кандидати/тки при пријавувањето треба да достават:

  • Mотивациско писмо (максимум од 1 страна);
  • Професионална биографија во EuropassEUформат;
  • Контакт информации за најмаку три лица/организации кои би можеле да дадат професионална препорака.

Пријавувањето се врши на електронската адреса: [email protected], а пријавата мора да се наслови со: Пријава за Правен советник

Пријавувањето е тековно и трае до пополнување на работната позиција.                                                           

Еко-свест ќе ги контактира само оние лица кои ќе бидат селектирани за тестирање и интервју. Нецелосните и неправилните пријави нема да бидат разгледани. Изборот на кандидатите/ките ќе се изврши врз основа на Законот за работни односи. Еко-свест е рамноправен работодавач.

Share This

Share this post with your friends!