Со огромно жалење сакаме да ве известиме дека на територијата на заштитеното подрачје е извршено кривично дело и украдени се две фото замки (камери), кои воедно се нашето основно средство за мониторинг на дивиот свет.

Системот на контиуниран мониторинг на природните вредности со кои се одликува ова заштитено подрачје е научно-истражувачка обврска на Општина Вевчани како управител на Споменикoт на природа „Вевчански извори“.

Преку мониторинг ја утврдуваме состојбата на популациите, ги идентификуваме заканите за опстанок, промените и нивниот интензитет.
Врз основа на овие сознанија треба да се предложат соодветни мерки за заштита, да се подобри состојбата со видовите или да се намалат штетните влијанија врз природните процеси. Најчесто истражувањето започнува на избрани локации со цел да се одредат демографските и животните циклусни карактеристики на клучните видови, а преку нив се поврзуваат промените на природата.
За таа цел, локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани со поддршка на ПОНТ во соработка со Општина Вевчани го спроведува проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Преку проектот се поддржува Општина Вевчани да воспостави систем на контиуниран мониторинг на видови кои се под закана и се значајни, како на локално, така и на национално и светско ниво.
Главната определба на мониторингот во заштитеното подрачје “Споменик на природата Вевчански извори” се следниве цели:
– Да се добијат статистички факти за статусот на постоење на
животинските и растителните видови, вклучително и за типовите на живеалишта.
– Утврдување на појавност на клучни видови на животни и растенија.
– Утврдување на миграторните рути и репродуктивните локалитети кај видовите.
– Утврдување на динамиката на растителните заедници и типовите живеалишта.
– Идентификување и следење на еколошките параметри што влијаат врз опстанокот.
– Идентификување на заканите и притисоците врз популациите.
– Обука на лица надлежни за спроведување мониторинг.
Споменикот на природата „Вевчански извори“ е заштитено подрачје бидејќи изобилува со биолошка и природна разновидност. Следењето на активностите со кои ќе се овозможи ефикасна заштита и зачувување на природните вредности на подрачјето ќе се постигне само преку континуиран мониторинг на видови. Сите ние кои живееме на териториторијата на заштитеното подрачје имаме одговорност да придонесеме во зачувување на природните вредности и намалување на директните закани, човекови штетни влијанија, неодржливото користење на природните вредности и нелегалните активности кои неповратно и наштетуваат на природата.

Кражбата е кривично дело. Според нашите законски обврски, за овој настан ги известивме надлежните институции и ги доставивме доказите и видео снимките кои што ги добивме.

Ги повикуваме и лицата кои учествува во ова кривично дело да ја вратат украдената опрема во канцеларијата на Еко-свест или Општина Вевчани.

Опремата (камерите) има налепница на која е внесен телефонски број за контакт во случај на пронаѓање. Ве молиме доколку ги пронајдете или забележите нелегални активности во заштитеното подрачје веднаш да не контактирате на телефонскиот број 070 225 604.

#ЗаедноЗаПриродата за заштита и мониторинг на природното наследство

Share This

Share this post with your friends!