На почетокот на јуни оваа година тимот на Еко-свест го посети Националниот парк на делтата на Вардар во Термискиот залив. Oд нејзиниот извор во Вруток кај Гостивар за нашата најголема и најопеана река, на нејзиниот пат низ Македонија, знаеме многу, но малку за нејзиниот раскошен влив во Егејското море. За среќа, оваа област со богат биодиверзитет е заштитена и е отворена за посета на сите вљубеници во природата.

Националниот парк на делтата на Вардар е еден од најважните мочуришни системи во Северна Грција. Се наоѓа на неколку километри југозападно од Солун, граничи јужно од автопатот А1/Е75 и се протега на површина од 338 квадратни километри. Сегашната конфигурација на теренот е резултат на природни процеси, како што се одлагање на седиментот од реките, но и на човечка интервенција, вклучително и интервентни проекти за наводнување и одбрана од поплави во почетокот на 20-от век. И покрај менувањето на природната околина, оваа област ја зачувала својата огромна важност за биодиверзитетот, особено за птичјата фауна. Поради ова, областа е заштитена според Рамсарската конвенција како мочуриште од меѓународна важност и е дел од мрежата Натура 2000 како заштитено подрачје.

Четири речни устија и две големи лагуни формираат еден од најголемите и најсложените мочуришни системи во регионот, со солени мочуришта и водни ливади, крајбрежни островчиња и шуми, како и култивирани полиња со ориз, памук и пченка кои обезбедуваат одржливи живеалишта за птиците. Во паркот опстојуваат 295 видови на птици и може да видите јата на фламинга, сјајни ибиси, виолетови чапји, црни патки, пеликани, корморани, галеби со црни крилја, медитерански галеби, ластовици, орли со големи дамки, птици грабливки, песочни скитници, кои опстојуваат во нивните природни живеалишта. Во паркот се одгледува сол, има фарми на школки, пасат водни биволи и говеда и има стада на диви коњи.

Постојат повеќе можности за посета и рекреација за на различни начини да се искуси паркот во текот на целата година. Добар почеток е посета на Информативниот центар на делтата на Вардар во Халастра во кој се наоѓа интерактивна изложба за историскиот развој на овој регион, за антропогените интервенции и за неговата сегашна природна состојба. Тука може да се добие совет и препорака за посета на некоја од означените рути и патеки. Низ паркот има патокази, ознаки и табли со информации за одредени локации и биодиверзитетот кој постои на нив. Во мрежата од патеки за пешачење или возење точак има можности за следење на птици од две кули за набљудување, едната кај Неа Агатополи, а втората точно на вливот на Вардар во Егејското море.

Националниот парк има 10 влеза и два означени паркинга. Еден е кај Калохори, на влезот од/кон Солун, и вториот кај Неа Агатополи, на патот кон/од Катерини и Олимписката ривиера. Пожелно е посетата да се најави во Информативниот центар во Халастра за да се проверат условите на локалните патишта и рути низ националниот парк. Движењето е со сопствен превоз, некаде е потребно возило со погон на 4х4 тркала, може да се користат велосипеди или едноставно да се пешачи. Постојат шест означени рути за посета со должина од 3 до 28 километри за кои треба време од 8 минути до најмногу 1 и пол час по рута. Националниот парк не нуди можности за сместување, но се наоѓа блиску до населените места во околината. Овој национален парк е управуван од единица на заштитени подрачја во Халастра и е дел од Агенцијата за природна животна средина и климатски промени на Грција.

Реката Вардар е долга 388 километри, од кои 301 км во Македонија, а 76 км во северниот дел од Грција. Одводнува вкупна површина од 25.000 квадратни километри, а има максимална длабочина од 4 метри. Одводната површина на Вардар со сите нејзини притоки опфаќа околу 87% од територијата на државата (околу 23.747 квадратни километри), додека во Грција опфаќа територија од околу 3.212 квадратни километри. Изворите на Вардар во Вруток (Гостивар) се на надморска височина од 683 метри, додека просечна надморска височина на Вардарскиот басен е 793 метри. Најголеми притоки на Вардар во Македонија се Треска, Пчиња, Брегалница, Црна река, Лепенец и Бабуна, додека во Грција се Горгопис и Вардароваси.

Share This

Share this post with your friends!