Аерозагадувањето претставува национален проблем поради тоа што многу од нашите градови се соочуваат со него, но е и локален проблем и неблагодарно е да се каже дека може да се реши со една или две мерки. Причината за ова се крие во тоа што изворите на аерозагадувањето се различни. Поттекнуваат и од транспортот, од термоелектраните, од индустриските капацитети, од прашина од градежништвото и од домаќинствата.  

Долго време притискаме за стратешки пристап кон решавање на аерозагадувањето иако пристапот е различен за Скопје, за Битола или за Тетово. Заради тоа во законот е предвидено локалните власти да бидат носители на овие мерки, а не централните институции како Министерството за животна средина.  

Сметаме дека од тие причини мора да се зајакнат капацитетите, знаењата и ресурсите на општините за да можат да го решаваат овој проблем. Случајот со Битола е многу карактеристичен бидејќи во оваа општина има индустриски капацитет кој е од национално значење и загадува локално. Таму, на пример е многу важно и државата да има удел и да се види каква трансформација се планира за регионот.  

Во Скопје не гледаме дека во изминатите години се работи многу интензивно на решавање на проблемот со аерозагадувањето. За жал, интерсекторската работна група за аерозагадување не се воспостави повторно и сега нема тело кое ќе дискутира какви политики ќе треба да се спроведат во овој правец. Знаеме дека има буџет за јавните објекти да го сменат начинот на затоплување и да го намалат локалното загадување, но не знаеме до каде е таа активност, колкав процент од загадувачите се елиминирани и колку уште средства се потребни за да се заврши таа активност.  

Треба институциите да имаат поголема транспарентност, да споделат со јавноста што прават по прашањето за аерозагадувањето, граѓанскиот сектор може само да даде препораки, но институциите мораат да ги применуваат усвоените мерки. Секоја година го кажуваме истото, потребно е буџетот за животна средина да се зголеми, а тоа значи сите еколошки такси кои влегуваат во буџетот да се искористат  за проекти за подобрување на животната средина и зачувување на човековото здравје преку намалување на загадувањето. Без тоа нема да можеме да влеземе во големите проекти од зелената агенда кои предвидуваат делумно грантирање, но и кредитирање. Тоа значи дека ние како држава мора да гарантираме дека вакви проекти можеме да финансираме. Заради тоа и долги години дискутираме дека мора да формираме Фонд за животна средина каде ќе се влеат средствата од еколошките такси и со него треба да управува Агенција за животна средина за да видиме реална имплементација на овие проекти. 

Share This

Share this post with your friends!