На форумот на заедницата организиран од Еко-свест во соработка со локалните партнери,
општина Кичево и месната заедница Белица, претставници на институции, општини, ТЕЦ
Осломеј, бизнис секторот, синдикатите, граѓанските организации и образовните институции
разговараа за улогата на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) Кичево во процесот на
праведната транзиција и за можностите регионот поактивно да се вклучи во националните
процеси на енергетска трансформација.
Една од главните препораки беше повторно активирање на ЛЕСС Кичево, кој е формиран уште
во 2016 година, меѓутоа неактивен. Учесниците оценија дека ЛЕСС Кичево треба да биде
проширен со претставници на сите релевантни локални чинители и да стане постојана
платформа за дијалог, подготовка на заеднички проекти и застапување на интересите на
регионот.
Потребно е поголемо вклучување на општините во подготовката на националните стратегии и
планови. Регионите со јаглен имаат потреба од дополнителни финансиски средства, подобра
инфраструктура и јавен транспорт за економски развој – изјави Дарко Белески, раководите на
сектор ЛЕР во општина Кичево
Како приоритетни можности за развој беа посочени индустриските развојни зони,
обновливите извори на енергија, земјоделството, пчеларството и туризмот. Беше потенцирано
дека Кичевскиот регион располага со значителен туристички и културен потенцијал кој треба
системски да се поддржи. Воедно беше укажано и на потребата од зајакнување на
електроенергетската инфраструктура и подобрување на условите за развој на локалното
претприемништво.
Еко-свест уште во 2020 работеше на повеќе сценарија и анализи за алтернативен економски
развој на Кичевскиот регион заедно со претставници на локалните заедници. Мапиравме
бројни природни и културни атракции кои воопшто не се искористени. Кичевчани многу
добро ги препознаваат овие потенцијали и токму затоа мора да бидат активно вклучено во
носењето одлуки за трансформацијата на регионот. – рече Елена Николовска од Еко-свест
Како позитивен пример беа претставени искуствата на ЛЕСС Битола, каде активното
вклучување на локалните институции, синдикатите и граѓанските организации придонесе за
посилно учество на регионот во националните процеси на праведна транзиција. Во таа насока
беше најавена иницијатива за формирање мрежа на ЛЕССови на национално ниво и
обезбедување стабилно финансирање за нивното функционирање.
Заклучокот од средбата беше дека успешната праведна транзиција бара силни локални
институции, активно учество на граѓаните, транспарентно управување со средствата и
поголема улога на општините во креирањето на политиките за развој на регионите зависни од
јаглен.

Share This

Share this post with your friends!