Повик за доделување на ГРАНТОВИ ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА

Повик за доделување на ГРАНТОВИ ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА

Проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници(МЗМП) и Организација за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP), а финансиски подржан од Владата на Шведска, објавува

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ

ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА

Цел на повикот:

Програмата за доделување на грантови е една од главните елементи на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ чија општа цел е силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија.

Овој повик има за цел да ги подигне капацитетите и институционалниот развој на локалните граѓански организации кои работат на теми поврзани со климатските промени.

Право на учество:

На повикот може да се пријават граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник 52/10), кои се регистрирани најмалку 2 (две) години пред објавувањето на повикот. Граѓанските организации особено се стимулираат да изградат локални партнерства за спроведување на грантовите.

Времетраење на грантовите:

Грантовите за Институционална поддршка треба да се спроведат во временски период не помал од 12 месеци и подолг од 16 месеци.

Вредност на грантот:

Секој одобрен грант треба да е со вредност од 1.000.000,00 денари до 1.300.000,00 денари. Ќе бидат доделени од 7 до 10 грантови.

Начин на поднесување на пријави:

Пријавите се поднесуваат исклучиво по електронски пат (online) преку електронската платформа за грантови и повици достапна на веб страницата на Еко-свест https://ekosvest.com.mk или на директниот линк: https://ekosvest.azurewebsites.net/

Заинтересираните организации потребно е да креираат кориснички налози (профили) на електронската платформа. За полесно користење на електронската платформа достапно е упатство за користење на самата платформа како и на веб-страницата на Еко-свест.

Рок за доставување на пријавите:

Пријавите се креираат и доставуваат во периодот од отворањето на повикот 27.10.2022 година до неговото затварање до 20.11.2022 година до 23:59 часот.

Пријавите кои нема да бидат комплетирани во овој термин нема да бидат земени предвид.

Информативни сесии:

Во рамки на овој повик ќе бидат организирани четири информативни сесии во следните градови:

  • 03.11.2022 година (четврток) од 12 часот во Офицерски дом Битола;
  • 04.11.2022 година (петок) од 12 часот во хотел Холидеј Ин Скопје;
  • 11.11.2022 година (петок) од 18:00 часот во хотел Гранит, Охрид;
  • 14.11.2022 година (понеделник) од 12:00 часот во Млади хаб, (во рамки на Домот на културата Ацо Шопов) Штип.

Точните локации и времето за секоја од информативните сесии ќе бидат дополнително објавени на веб страницата на Еко-свест и социјалните медиуми.

Дополнителни информации:

Детални информации за повикот за грантови може да се добијат преку Водичот за Програмата за грантови кој е дел од овој повик, и е објавен на: https://ekosvest.azurewebsites.net/

Сите прашања и дополнителни информации може да се упатат најдоцна до 15.11.2022 година на [email protected]. Одговорите на сите прашања ќе бидат објавени на веб страницата на Еко-свест https://ekosvest.com.mk.

Нова студија на Еко-свест: Во Битола најисплатлива алтернатива е загревањето од сонцето

Нова студија на Еко-свест: Во Битола најисплатлива алтернатива е загревањето од сонцето

Скопје, 14.10.2022 г. – Најновите истражувaња од експерти во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ покажуваат дека воспоставувањето на централно греење зависно од ТЕЦ Битола не е најисплатливото и најефикасно решение за граѓаните. Студијата којашто ги истражува алтернативите за индивидуално и централно греење за Битолскиот Регион, препорачува поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди за индивидуални куќи и колективни згради коишто ќе овозможат поголеми заштеди на енергија и намалени трошоци за граѓаните.

Системот за централно греење кој е зависен од ТЕЦ Битола е повеќедецениски проект којшто сè уште не е спроведен заради несоодветно планирање. Анализите од студијата на Еко-свест и мрежата CEE Bankwatch Network сугерират дека достапноста на нови технологии базирани на обновливи извори го прават овој проект скапа и неисплатлива инвестиција.

„За да ја забрзаме енергетската транзиција и декарбонизацијата, мора да почнеме да имплементираме одржливи практики за домаќинставата преку воспоставување на системи за индивидуално и централно греење базирани на чиста енергија. Ваквите системи веќе се практикуваат во земјите од Европа и стануваат се поатрактивни бидејќи во тоа е иднината доколку сакаме да се стремиме кон независност и одржливост на енергетскиот систем. Сончевиот потенцијал кај нас е огромен и неговото искористување за загревање на домаќинствата претставува важен елемент за декарбонизација на регионите зависни од јаглен“ – потенцира Кристина Димитрова од Еко-свест.

Денес постојат алтернативи од поновите генерации на системи за греење кои се базираат на чиста енергија, а првичните наоди на Вања Џинлев, асистент и истражувач за енергетика при Федералниот институт за технологија во Цирих, препорачуваат искористување на потенцијалите од сончевата енергија за индивидуално и колективно загревање на домаќинствата во Битола.

„Анализата на алтернативите на планираното централно греење во Битола базирано на искористување на капацитетите на РЕК Битола покажува дека постои технолошко-економска исплатливост за употреба на други технологии во домаќинствата што ќе ги задоволат потребите за топлинска енергија. Прелиминарната анализа покажа дека индивидуални инвертер системи во комбинација со фотоволтаични системи, имајќи го во предвид моменталното ограничување на капацитетите на производители-потрошувачи (prosumer) и за физички и правни лица, е најсоодветната и најисплатливата опција за задоволување не само на топлинските потреби во домаќинствата, туку и на електричната енергија“, изјави Вања Џинлев, автор на истражувањето.

Ваквото прво практично применливо истражување од овој тип кое дава алтернативи на постоечките и планирани застарени технологии за загревање на домаќинствата во земјава. Дополнително, ова се решенија што може да се применат и стимулираат на краток рок, а позитивниот ефект врз енергетскиот систем, животната средина и здравјето на луѓето да е долготраен. Локалната и централната власт, доколку се посветени на декарбонизација на економијата и заштеда на енергијата, треба сериозно да ги разгледаат ваквите препораки и забрзано да ги применуваат за да се амортизираат негативните последици од енергетската криза.

На почетокот на ноември ќе биде објавена финалната студија со сите детали и можни сценарија за ваквата трансформација на системите за греење.

ОТВОРЕН ПОВИК за АНГАЖИРАЊЕ НА КОМПАНИЈА ИЛИ КОНСУЛТАНТ за дизајн на информативни табли, знаци и промотивни материјали

ОТВОРЕН ПОВИК за АНГАЖИРАЊЕ НА КОМПАНИЈА ИЛИ КОНСУЛТАНТ за дизајн на информативни табли, знаци и промотивни материјали

Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест” од Скопје, во рамки на проектот „Поддршка на ефикасно управување со заштитеното подрачје Вевчански извори“, финансиран од ПОНТ има потреба од ангажирање на компанија или консултант коj ќе дизајнира информативни табли, знаци и промотивни материјали.

Цел на активноста

Цел на активноста е брендирање и дизајнирање на информативните табли и промотивните материјали во проектот “Поддршка на ефикасно управување со заштитеното подрачје Вевчански извори” кој Еко-свест го спроведува во Споменикот на природата „Вевчански извори“ во периодот меѓу 15 август 2022 и 15 август 2025 година.

Работни задачи и одговорности на компанијата/консултантот:

  1. Концептуализација и изработка на брендинг за проектот;
  2. Дизајнирање на најмногу 30 информативни табли и 30 знаци (патокази);
  3. Дизајнирање на промотивни материјали (кратки брошури, летоци, упатства, карти, маички, беџови и сл).

Временска рамка и вредност на договорот

Вредноста на договорот не може да надмине 1500 евра во денарска противвредност (со вклучен ДДВ за правни лица или персонален данок за консултанти/физички лица).

Ангажанот не може да трае подолго од 1 јули 2025 година.

Критериуми за избор

Компанијата која ќе се пријави мора да ги исполнува следните критериуми:

  1. Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република Северна Македонија, и постои најмалку 2 години.

Потребна документација за аплицирање

За правни лица

  • Краток опис на компанијата;
  • Биографија од најмалку едно лице со искуство во дизајнирање кое би било ангажирано за активноста;
  • Портфолио;
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци.

За физички лица

  • Лична биографија на консултантот (потребно е искуство во дизајнирање);
  • Портфолио;
  • Финансиска понуда.

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Евалуација на кандидатите

Еко-свест ќе го извести само оној кандидат чија понуда ќе биде избрана. Договор ќе биде склучен со оној кандидат чија понуда ќе биде оценета како најповолна и чие портфолио/искуство ги задоволува потребите на повикот.

Пријавување

Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected]  најдоцна до 21.10.2022 г. до 16:00 часот, со назнака “Апликација за дизајн на информативни табли, знаци и промотивни материјали”.

Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени во предвид.

Информации за проектот:

Име на проектот

„Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје Вевчански извори“

Времетраење на проектот

Времетраењето на проектот е 3 години, односно од 15.08.2022 до 15.08.2025.

Локација на проектот

Проектот ќе се реализира на подрачјето на заштитеното подрачје Споменик на природата “Вевчански Извори”, Општина Вевчани.

Кратко резиме на проектот

Еко-свест во наредните три години ќе го реализира проектот “Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје Вевчански извори”. Проектот е финансиран од Ohrid Prespa Nature Trust – PONT.

Проектот ќе се реализира на територијата на заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански Извори“ во Општина Вевчани, а период на спроведување на проектот ќе биде од август 2022 до август 2025.

Целта на проектот е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното  подрачје  Споменикот на природата “Вевчански Извори”, а во исто време подобрување на еколошкото образование, вклученоста на граѓаните во мониторингот на видовите, како и одржување на важна инфраструктура за посетители.

Целите на проектот се:

  • Ефективното управување со посетителите и зачувување на биолошката разновидност при зголемен број на посетители во паркот;
  • Зачувување на статусот и ефективно следење на клучните видови во Споменикот на Природата “Вевчански извори”;
  • Вклучување на Еко-свест во ефикасно управување со Споменикот на природата.

Проектни активности:

  • Работа со училиштата за едукација на учениците и воспоставување на еко патрола.
  • Поставување на информативни табли и знаци и нивно редовно одржување.
  • Изработка на материјали за промоција на посетители.
  • Набавка и поставување на панорамски двоглед.
  • Промоција на заштитеното подрачје преку создавање на електронски материјали (објави и видеа).
  • Поставување на фото замки со цел мониторинг на животинскиот свет.
  • Организација на еколошки филмски вечери, јавни дебати, работилници, планинарења и посети за викенд, акции за чистење на отпад итн.

Отворени консултации за Патоказот за заштита на природа

Отворени консултации за Патоказот за заштита на природа

Како резултат на повеќе последователни консултации со широка група на засегнати страни, Еко-свест креираше документ- Патоказ за заштита на природата. Неговата намена е да постави насоки и да ги идентификува неопходните активности во секторот природа, да биде поддршка за креаторите на политики, државните институции, управителите со заштитени подрачја, како и граѓанските организација, со цел преземање на синхронизирана и заедничка акција за подобра заштита на нашата најголема вредност- природата.

Еко-свест започнува дополнителни консултации заради заземање заеднички став на сите чинители и сеопфатно надминување на предизвиците во управувањето со заштитата на природата.

За таа цел, Еко-свест ги поканува сите заинтересирани страни да дадат свој придонес кон документот и да достават коментари, предлози, забелешки и идеи за заштита на природните вредности.

Предлог-Патоказот за заштита на природата е достапен на линкот, а ќе биде отворен за консултации до 30.10.2022 година. Со поддршка од сите релевантни чинители, документот ќе биде доставен и до надлежните институции- МЖСПП и Владата на РСМ, со барање да се усвои нов пристап кон политиките за заштита на природата.  

Документот е изготвен во проектот „Заштитени подрачја за луѓето и природата (PA4NP II)“, спроведуван регионално од страна на WWF Adria, а во Северна Македонија во партнерство со Еко-свест. Проектот се состои од две главни теми на делување- ефективност на заштитените подрачја и зајакнување на граѓанскиот сектор во доменот на заштита на природата.