ОТВОРЕН ПОВИК ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА ДВАЈЦА  КОНСУЛТАНТИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ЕДУКАТИВНИ МАТЕРИЈАЛИ

Центарот за истражување и информирање за животна средина ,,Еко-свест’’ од Скопје преку локалната канцеларија Вевчани во рамки на проектот „Поддршка на одржливо управување со Заштитеното подрачје Вевчански извори” поддржан од ПОНТ (Prespa Ohrid Nature Trust) има потреба за ангажирање на двајца консултанти за креирање и подготовка на едукативни содржини од областа на заштитата на природа кои ќе бидат адаптирани за деца од претшколска и школска возраст.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА 

Целта на оваа активност е да се изработат едукативни содржини од областа на заштита на животната средина кои ќе бидат адаптирани за деца од претшколска и школска возраст. Едукативните содржини треба да прикажат интерактивна и иновативна методологија адаптирана на детски возрасти која ќе обезбеди запознавање и информирање за важни прашања од областа на животната средина.

ЗАДАЧИ

Избраните консултанти треба да ги изработат следниве задачи: 

  1. Да креира, осмисли и помогне во изготвувањето на едукативна интерактивна игра која ќе биде лоцирана во трајна поставка за природа во МКЦ Крсте Србакоски во координација со проектиот тим на Еко-свест Вевчани;
  2. Да креира, подготви и достави едукативна програма со активности за три возрасти (претшколска, прво до петто одделение и шесто до деветто одделение) на тема заштита на природата. Програмите треба да се состојат од посебни планови за спроведување на едукативните активности за секоја возрасна група со временска рамка, да вклучува едукативни модули, практични вежби, примери, информации, илустрации во координација со проектиот тим на Еко-свест Вевчани.

Ангажираните експерти можат да предложат и други едукативни содржини кои се во согласност со целите на оваа активност во координација со проектниот тим на Еко-свест Вевчани.

ВРЕМЕНСКА РАМКА И ВРЕДНОСТ НА ДОГОВОРОТ

Консултантите ќе имаат период на реализација на активноста од 6 (шест) месеци од датумот на потпишување на договорот со можност за негово продолжување до најмногу 9 (девет) месеци доколку поради објективни причини се утврди дека е потребно повеќе време за да се изготват едукативните содржини.

Вредноста на чинење на услугата не смее да надмине износ од 92.250,00 денари по ескперт, односно ангажманот на двајцата експерти не може да надмине 184.500,00 денари во бруто износ.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

Пожелно е кандидатите да аплицираат здружено, односно да поднесат заедничка пријава за двата ангажмани. Повикот е отворен за апликации од национални и меѓународни консултанти.

При аплицирањето, кандидатите треба да достават:

  1. Биограгфија (CV) со детален опис за нивното поле на стручност.
  2. Финансиска понуда во МКД или ЕУР (бруто износ со вклучен персонален данок).
  3. Најмалку три референци.
  4. Табела на референтни проекти и опис.

Целокупната документација треба да биде доставена во електронска форма на македонски јазик, односно англиски јазик доколку е меѓународен експерт.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ

 Апликантите треба да ги исполнуваат следниве критериуми (сумарно, не мора индивидуално):

  1. Завршено високо образование (или повисоко) од област соодветна на повикот (педагогија, психологија и сл) или на соодветна тема која е опфатена од програмата.
  2. Најмалку 5 години професионално работно искуство во областа на образованието и искуство со иновативен пристап во образованието,
  3. Најмалку 1 (претходно) изработен едукативен план наменет за школска возраст.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

 Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Биографија и претходно искуство 30 бодови.
  • Време потребно за изработка на едукативните материјали 30 бодови.
  • Понудена цена за ангажманот 40 бодови

Вкупно 100 бодови.

Договор ќе биде склучен со оној кандидатите кој освоил најголем број бодови.

ПРИЈАВУВАЊЕ

Комплетната понуда, апликантите треба да ја испратат на еmail: [email protected] или @[email protected] најдоцна до 30 јуни 2023 година, со назнака ,,Апликација за повик на Еко-свест’’.

Мапа на погодни локации за обновливи извори: Има доволно за енергија без да се нарушува природата и производството на храна

Мапа на погодни локации за обновливи извори: Има доволно за енергија без да се нарушува природата и производството на храна

Во Македонија има доволно камењари и неплодни земјишта без поголема вредност за
природата и живиот свет на кои може да се инсталираат соларни панели и ветерници
доволни да произведат електрична енергија со која може да се задоволи и двојно
поголема потреба за струја од сегашната.
Ова е заклучокот од обемното истражување кое тимот од Македонската академија на
науките и уметностите – МАНУ во партнерство со Еко-свест и глобалната организација
The Nature Conservancy го презентираше на вториот состанок на Советодавното тело за
паметно енергетско планирање на кој присуствуваа и претставници на енергетските
компании, релевантните министерства, финансиските институции и умиверзитетите.
Истражувачите користејќи податоци од катастарот, детални мапи за екосистемите, мапи
за сончевото зрачење и движењето на ветровите изработија мапа која прецизно ги
лоцира местата кои се погодни за изградба на фотоволтаични и ветерни централи во
целата држава. Притоа, основен критериум во ова мапирање беше да се исклучат сите
заштитени подрачја и сите подрачја важни за биодиверзитетот, целото плодно
обработливо земјоделско земјиште, локациите на кои се издадени концесии за
експлоатација на минерални суровини и локациите на кои веќе се поставени или е
одобрено поставување на обновливи извори на енергија. Резултатите укажуваат дека во
земјата има доволно површини за нови обновливи извори на енергија без притоа
воопшто да има потреба се жртвува ниту плодно земјиште, ниту подрачја кои се важни за
природната разновидност или реките.
„Целта беше да се докаже дека има доволно простор и подрачја каде може да се
инвестира без конфликт со природата и без загрозување на производството на храна“
рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Александар Дединец од истражувачкиот тим на МАНУ кој ги презентираше наодите,
посочи дека проценетото производство на електрична енергија на овие локации може да
задоволи и повеќе од двојно поголема побарувачка за енергија од моменталната.
Дединец и Чоловиќ- Лешоска сметаат дека мапата на погодни локации за соларни и
ветерни централи може да биде голем придонес во процесот на енергетското планирање
и државното вложување во инфраструктурата, но и значаен патоказ за инвеститорите.

Свечено потпишување на Договор помеѓу Еко-свест и ПОНТ

Свечено потпишување на Договор помеѓу Еко-свест и ПОНТ

На 08.05.2023 година во Маврово се одржа свечено потпишување на Договорот помеѓу Еко-свест и ПОНТ за „Заштита на реките преку воспоставување на практики за мониторинг и обновување на речните живеалишта во заштитените подрачја”.

Преку тригодишниот проект ќе се обезбеди поддршка на Националниот парк Маврово и Националниот парк Шар Планина во мониторирање на состојбите на реките, при што ќе се изработи методологија за реставрирање на речните еко системи.

Проектот ќе обезбеди вклучување на локалните заедници и експертската јавност.

Анализата за работењето на малите хидроцентрали

Анализата за работењето на малите хидроцентрали

Македонското здружение на млади правници, во соработка со Еко-свест подготви анализа која дава сеопфатен преглед на правото од областа на работата на малите хидроцентрали и неговата примена. Во исто време дава преглед и на најважните меѓународни документи од оваа област што Македонија ги има ратификувано и следствено на тоа се дел од домашното право. Имајќи ја предвид стратешката определба на државата за членство во Европската Унија, анализата дава преглед на најважните релевантни директиви на Европската Унија и дава генерална оценка на усогласеноста на македонското со меѓународното право. Ѓорѓи Митрески, проектен координатор за води во Еко-свест и автор на студии на случај во оваа анализа, зборува за влијанијата на малите хидроцентрали врз животната средина.

Дали треба да бидеме загрижени од постоењето на малите хидроцентрали и нивното влијание врз водите и животната средина во Македонија?

Да, ние сме навистина загрижени за влијанието на малите хидроцентрали врз водите и животната средина, како и врз водоснабдувањето на локалните заедници. Во земјата во моментов постојат 98 оперативни мали хисдроцентрали од кои една третина се изградени во заштитени подрачја. За ниту една од постоечките мали хидроцентрали не е изработена студија за оцена на влијанието врз животната средина и не е обезбедено учество на јавноста преку организирање на јавна расправа. Наместо тоа, концесиите за малите хидроцентрали се издаваат зад затворени врати, врз база на елаборат, кој ни оддалеку не дава преглед на потенцијалните штети од изградбата ниту пак мерки за нивна митигација.

Како резултат на ваквите практики, во земјава се среќаваме со празни речни корита и целосно уништување на речните екосистеми и екосистемите зависни од вода, како и со недостаток на водоснабдување на локалните заедници кои живеат во близина на реките на кои се изградени малите хидроцентрали.

Каков преглед нуди анализата на која што работеше?

Анализата дава сеопфатен преглед на правото од областа на работата на малите хидроцентра ли и неговата примена. Во таа насока, анализата дава преглед на македонското законодавство (закони, подзаконски акти и стратешки документи) што го регулира планирањето и воспоставу вањето на малите хидроцентрали, од аспект на минимизирање на нивното влијание врз животната средина и екосистемите. Истовремено се дава преглед на најважните меѓународни документи од оваа област што државата ги има ратификувано и следствено на тоа се дел од домашното право. Имајќи ја предвид стратешка та определба на државата за членство во Европската Унија, анализата дава преглед на најважните релевантни директиви на Европската Унија и дава генерална оценка на усогласеноста на македонското со меѓународното право. Покрај преглед на важечкото право, анализата дава приказ на неговото спроведување.

Кому е наменета оваа анализа и какви препораки нуди?

Аализата дава целосен преглед на недостатоците во законодавниот систем и како таква е првенствено наменета за донесувачите на одлуки, затоа што прецизно ги нотира недостатоците и неопходните подобрувања кои треба да се донесат со цел заштита на реките од малите хидроцентрали. Во анализата се вклучени многу студии на случај кои пластично ги илустрираат недостатоците и последиците кои се резултат на тоа и дава можност за граѓанските организации, општините, локалните заедници и сите останати чинители за полесно идентификување и решавање на проблемите кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали.

Што може да заклучиме од сето ова?

Анализата јасно покажува дека е потребно итно усогласување на домашното со европското законодавство. Иако е донесена нова Стратегија за развој на енергетика, итно е потребно да се донесе Програмата за нејзино спроведување на која се уште се чека. Исто така, се уште чекаме на донесувањето на новиот Закон за води кој треба да вклучува повеќе механизми за заштита на реките, како и новиот Закон за природа на кој се чека веќе со години. И на крај, потребна е итна промена на системот на субвенционирање на производството од обновливи извори, во кој малите хидроцентрали се поддржуваат со фиксни тарифи наместо со премии, што во принцип значи нивно фаворизирање пред останатите обновливи избори, заради што економскиот интерес на инвеститорите и понатаму го форсира градењето на нови мали хидроцентрали.

Целата анализа е достапна на линкот: Анализа на работењето на малите хидроцентрали (2022) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

Патоказот за заштита на природата

Патоказот за заштита на природата

Еко-свест во консултации со широка група на засегнати страни подготви Патоказ за заштита на природата. Неговата намена е да постави насоки и да ги идентификува приоритетните активности во секторот природа, да биде поддршка за креаторите на политики, државните институции, локалните власти, управителите со заштитени подрачја, како и граѓанските организации, со цел преземање на синхронизирана и заедничка акција за подобра заштита на нашата најголема вредност- природата.

Зборувавме со Симона Трајковска, проектен координатор за природа во Еко-свест и авторка на предлог патоказот за значењето на овој документ и можностите кои ги нуди.

Што значи патоказ за заштита на природата и кому треба да му даде насока?

Во нашата земја, природата и природните богатства треба да уживаат посебна заштита како општо добро од кое зависат сегашните, но и идните генерации. Во оваа насока, Патоказот за заштита на природата предлага активности и мерки кои треба да ја подобрат состојбата во природата, да ја зајакнат нејзината институционална и практична заштита.  Патоказот е резултат на низа дискусии и средби со засегнатите чинители кои предложија решенија што се неопходни да бидат спроведени што поскоро за да спречиме понатамошно уништување на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта. Тие се надоврзуваат на постоечката правна рамка и  стратешки приоритети за заштита на природата на нашата земја и може да ја олесни работата на институциите, управителите со заштитените подрачја, екологистите, заштитарите, локалните власти, граѓанските организации, но и на сите оние кои сакаат да преземат чекори и да ја заштитат природата.  

Кои се клучните предизвици кои стојат на нашиот пат за подобра заштита на природата?

Природата во нашата земја е под закана од разни инфраструктурни проекти кои влијаат врз загубата на биодиверзитетот и природните живеалишта на видовите. Заштитата на природата не е приоритет во државните политики кои се фокусирани на економскиот развој и кои природата ја третираат како ресурс за искористување, дури и во веќе воспоставените заштитени подрачја. Нашата цел е да ја истакнеме заштитата на природата како мултисекторска област која треба да биде приоритет во политиките кои имаат директно влијание врз деградацијата на пределите, живеалиштата и екосистемите. За жал, граѓаните имаат ниско познавање за значењето на заштитата на природата, како таа придонесува кон обезбедување на квалитетна животна средина, за можностите за економски развој кои не се во конфликт со природата и за придонесот на природата кон јавното здравје. Неопходно е да ги заштитиме  живеалиштата и видовите од европско и меѓународно значење како што се Натура 2000 и Емералд подрачјата и во целост да ги имплементираме меѓународните конвенции. Нашиот фокус мора да биде и кон заштитените подрачја кои работат без квалификуван кадар и финансиски се зависни од странски донатори.

Кои се приоритетните обасти на кои треба да се работи и кој треба да помогне? Каде лежи одговорноста?

Преку Патоказот утврдивме три приоритетни области за заштита на природата, и тоа усогласување на законската рамка од различни сектори, хармонизирање со ЕУ законодавство и меѓународните договори, примена на меѓународните конвенции, зајакнување на административната и институционалната рамка и капацитети, како и воспоставување на систем за одржливо финансирање на заштитата на животната средина. Особено е важно да се формира самостојно, стручно и научно тело, кое ќе биде надлежно за следење, истражување, анализа и унапредување на заштитата на природата и управувањето со природните ресурси како што е Агенција или Завод за заштита на природата по примерот на сите земји во Европа. Но, за да се оствари сето ова, потребно е да се воспостави систем за одржливо финансирање на заштитата на природата и зголемување на изворите на финансиски средства и да се воспостави Фонд за животна средина.

Ги имаме ли потребните ресурси за да ги оствариме овие цели и како да ги озбезбедиме, ако ни недостасуваат?

Сите приоритети за заштита на природата можат да бидат остварени со соодветно планирање на буџетски средства кои би се обезбедиле од разни надоместоци, како што се оние за управување со водите, надомести за штети врз екосистемите во заштитените подрачја, како и преку компензаторски мерки заради ублажување на деградирани површини во природата. Во оваа насока, најважен извор на финансирање можат да бидат екосистемските услуги за користење на природните ресурси. Патоказот предлага мапирање на економската вредност на природните ресурси во заштитените подрачја и поттикнување на механизмот на самоодржливо финансирање, воведување на даночни олеснувања и субвенции за услуги и производи од природата.

Биодиверзитетот, квалитетот на медиумите, пред се водата и промената на користењето на земјиштето, преку намалувањето на природните живеалишта се идентификувани како три компоненти од нашата планета што имаат достигнато критична точка на оштетување. Доколку не се делува решително и со сите расположливи средства ќе се соочиме со неповратни загуби и целосна промена на начинот на кој што функционираме. Тоа ќе влијае на достапноста и квалитетот на храната, воздухот и водата, од кои зависиме ние и сите видови во природата.

Целиот документ е достапен на линкот: Предлог Патоказ за заштита на природата (2022) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ПОДОБРУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

ОДРЖЛИВО ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗАШТИТАТА НА ПРИРОДАТА (2023) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)