Скопје 16.03.2022 година – Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”, во соработка со “The Nature Conservancy (TNC)” и Македонската академија на науките и уметностите, почнува со кампања за паметно енергетско планирање: „Еко енергетска иднина – да ja планираме заедно!“.
Главната цел на кампањата е да се информираат граѓаните за тековните процеси и нужноста за паметно енергетско планирање низ безбедна и побрза транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија со минимално негативно влијание врз природата и луѓето, како и за потребата од соработка меѓу граѓанскиот сектор, Владата, експертите, бизнис секторот и сите релевантни институции.
Кампањата се очекува да ја зголеми свесноста за важноста на енергетската транзиција, со која фосилните горива постепено ќе се заменат со обновливи извори на енергија, водејќи сметка за можните негативни последици врз животната средина и населението.
Обновливите извори, како сонцето и ветерот, се решение за енергетската криза, но проектите за нивно искористување доколку се постават на несоодветни локации, иако се сметаат за еколошки, може да имаат негативно влијание врз луѓето или природата.
При планирањето на фотоволтаиците и ветерниците, исклучително е важно да се води сметка тие да не се поставуваат на плодна почва, да не се загрозуваат природните ресурси, како водата или шумите, пасиштата, заштитените подрачја, но воедно тие да бидат доволно блиску до корисниците за да се намалат загубите при пренос на електрична енергија. Исто толку, нивното поставување не смее да го загрозува дивиот жив свет. Оттаму, потребно е паметно планирање.
Носењето квалитетни, добро планирани решенија подразбираат вклученост на сите чинители: Владата, производителите на електрична енергија, граѓанските здруженија, експертите од областа на енергетиката, заштитата на природата, просторното планирање, управување со земјиштето и природните ресурси, како и сите релевантни институции. Таквите решенија се реализираат полесно, побрзо и со помалку трошоци.
Во рамките на проектот, проектниот конзорциум спроведува првично истражување за најсоодветните и најоптималните површини на земјиште кое може да се употреби за енергетски развој, а резултатите ќе бидат објавени во текот на кампањата и ќе бидат предмет на консултации и дискусија со гореспоменатите чинители.
Кампањата „Еко енергетска иднина – Да планираме заедно“ ќе трае три месеци.
Стратегијата за енергетика која го мапира развојот на македонскиот енергетски сектор до 2040 година во сите свои сценарија предвидува итно затворање на ТЕЦ Осломеј. Зошто тоа е најдобар избор е кажано во многу публикации од енергетски, економски и здравствен карактер, но причините за затворање не се предмет на овој напис. Овде зборуваме што ќе се случи со Кичевскиот регион откако ТЕЦ Осломеј ќе се затвори.
Зошто зборуваме за развој без јаглен?
Затворањето на еден голем економски оператор е проблематично за секој регион во кој тој се наоѓал. Таквото затворање предизвикува промени во економијата, но и во социјалниот и културниот живот на граѓаните кои се наоѓаат во регионот. Сите граѓани на Македонија се сеќаваат на процесите на транзиција кои следеа по затворањето на големите фабрики. Оваа транзиција беше неправедна за најголем број граѓани кои беа засегнати од неа и беше причина за многу страдања на многу семејства, страдања кои за некои сè уште не се завршени.
Имаме ли избор?
За среќа, за Кичевскиот (и Битолскиот) Регион имаме избор. Изборот е помеѓу овие две можности:
1) само да се чека неминовното затворање да се случи (што повеќе или помалку е она што сега се прави), или
2) да се искористи периодот до затворањето за регионот да се подготви за овозможување на праведност на таа транзиција за сите засегнати.
Несомнено е дека промената, независно од тоа која можност ќе се примени, ќе биде голема и ќе бара прилагодување од сите засегнати страни. Меѓутоа, доколку се пристапи проактивно и се бара решение, постојат меѓународни искуства и фондови кои би можеле да се искористат за спроведување на дел од плановите коишто би го мапирале развојот на Кичевскиот Регион по затворањето на ТЕЦ Осломеј.
Како понатаму?
За Кичевскиот Регион веќе се направени неколку студии за можности за развој кои не зависат од јаглен. Дури и само со овие студии како ресурси, веќе е возможно да се започне со процес на широки консултации со населението, со бизнис заедницата во регионот, со земјоделските работници, со занаетчиите и со сите други засегнати страни. Затоа што кичевчани најдобро знаат што им треба. Тие најдобро знаат кои се можностите за развој на нивниот регион. И тоа нивно знаење може, треба и мора да се искористи за планирање на развојот и заживување на регионот откако ТЕЦ Осломеј ќе се затвори.
Меѓутоа, за Кичево да продолжи да живее и да се развива по тоа затворање, треба уште сега да се започне со планирање. Затоа што процесите на планирање, а потоа и на аплицирање за добивање на средства од фондови одземаат време. Време кое кичевчани го немаат.
Затоа, на Кичево му е потребно процесот на планирање на праведната транзиција да започне веднаш – за Кичево да продолжи да се развива и без јаглен.
Најнови коментари