ОТВОРЕН ПОВИК ДО КОМПАНИИ ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИ УСЛУГИ ЗА ДЕЛОВНО ЧИСТЕЊЕ НА ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ

ОТВОРЕН ПОВИК ДО КОМПАНИИ ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИ УСЛУГИ ЗА ДЕЛОВНО ЧИСТЕЊЕ НА ДЕЛОВЕН ОБЈЕКТ

Основни информации

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје има потреба од професионално и тековно чистење на деловен објект, канцелариите на Еко-свест. Eко-свест објавува повик за изразување интерес од ангажирање на овластени компании кои даваат услуги на професионално чистење и одржување на работни канцеларии.

Цел и задачи на активностите

Цел на активноста е спроведување на чистење и одржување на канцелариите на Еко- свест. Потребно е да се направи увид и проверка на просторот кој треба да се чисти и одржува хигиенски. 

Канцелариски простор: 200 м2. со 6 канцеларии, 3 тоалети, ходник, кујна, 2 балкони. Просторот го користат 13 вработени и се наоѓа на адреса: на ул. Киро Крстевски – Платник бр.6, 1000 Скопје.

Активности за тековно одржување хигиена:

Канцеларии: Пребришување на работни бироа, апарати, компјутери, столчиња и останат мебел; Вшмукување на прашина од теписони; Мокро мапирање на тврди подови; празнење и исфрлање на смет од корпи за смет; пребришување со дезинфекција на рачки од врати; бришење на прозорци. 

Кујна: Мапирање на тврд под; Пребришување на елементи во кујна и маси; Отстранување на пајажина од ѕидови; 

Тоалети: Пребришување на елементи во тоалети; мапирање на плочки; дополни на тоалетна хартија и хартија за раце.

Време на реализација на услугата: Професионалното чистење согласно на договор ќе се врши два пати неделно во однапред определени денови по два работни часови или доколку е потребно како втора можност и опција по три работни часа.

Временска рамка за доставување на понуда

Периодот за изразување на интерес за учество на повикот е 7 дена од објавување на отворениот повик.

Временска рамка за спроведување на активноста

Периодот за спроведување на овие активности изнесува најмногу 1 година од датумот на потпишување на Договорот, со можност за продолжување.

Буџет

Заинтересираните треба да достават понуди во македонски денари, со посебно назначен ДДВ и вкупен износ на понудата.

Потребна документација за пријавување

При пријавувањето, компаниите треба да достават:

  • Краток опис на кoмпанијата
  • Портфолио на компанијата
  • Финансиска понуда изразена во МКД со вклучен ДДВ.
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци
  • Пополнета изјава (Анекс 1)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Критериуми за понудувачите

  • Активна компанија која е формирана согласно Законите во Република Северна Македонија, и постои најмалку 3 години.
  • Најмалку 3 (три) години професионално работно искуство во спроведување услуги на професионално чистење и одржување на работни канцеларии.

Критериуми за избор на најсоодветна понуда

По истекот на рокот за пријавување, ќе се креира Комисија од 3 члена, која ќе изврши бодување на пристигнатите понуди.

Бодувањето на пристигнатите понуди ќе се изврши на следниот начин:

  • Портфолио на компанијата (20 поени)
  • Капацитет за спроведување на услугите (број на вработени хигиеничари) и временска рамка на спроведувањето и завршувањето на активноста услугата (40 поени)
  • Финансиска понуда (40 поени)

Комисијата ќе ги разгледа и оцени понудите врз основа по горенаведените критериуми. Договор ќе биде склучен со онаа компанија која освоила најголем број на бодови во сооднос на наведените критериуми, не подоцна од 05.06.2026.

Еко-свест ќе гo контактира избраниот понудувач, не подоцна од 7 работни дена од истекот на периодот за доставување на понуда. Во рок од 3 дена од донесувањето на Одлуката, Еко-свест ги информира сите понудувачи за исходот од постапката. Понудувачите имаат право да поднесат Приговор во врска со постапката во рок од 3 календарски дена.

Пријавување 

Комплетната понуда, изјавување интерес и изјава, понудувачите треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 05.06.2026 година до 14:00 часот со назнака: Тековно чистење на деловен објект (име на понудувачот). 

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот.

Некомплетни понуди и понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид. Повеќе информации или прашања можете да поставите на [email protected] 

Напомена!

Еко-свест ќе бара од избраниот понудувач пред склучување на договор за соработка да ја достави следната документација: Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјави за доверливост и непостоење на конфликт на интереси од страна на избраниот кандидат (физичко лице) или изјава дека ги исполнува критериумите за учество (правно лице); биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Доверливост 

Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.


Изјава за исклучување од учество во набавка

Теренско истражување на Вевчанските Извори

Теренско истражување на Вевчанските Извори

 Денеска бевме домаќини на најљубопитните млади истражувачи! 🕵️‍♂️✨

Имавме прекрасен ден исполнет со дружење, учење и многу забава со учениците од ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга и ПОУ „Јонче Крежески“ с. Мислешево. Нашата денешна еко-работилница ја поделивме во два возбудливи дела:

1️⃣ Авантура во Трајната поставка за природа: Учениците се запознаа со неверојатниот растителен и животински свет (флората и фауната) на Заштитеното подрачје „Вевчански Извори“. Игравме едукативен квиз каде децата ги бараа одговорите скриени низ изложбата, а на крајот сите напишаа свои ветувања со кои се обврзаа дека ќе ја чуваат природата. ❤️🌳
2️⃣ Теренско истражување на Вевчанските Извори: Се претворивме во вистински научници! Излеговме на терен и преку искуствено учење видовме како се прави научно истражување под отворено небо. Одблиску ја истражувавме магијата на изворите и научивме како да го препознаеме биодиверзитетот околу нас. 💧🐜🌿

Горди сме на овие умни дечиња кои покажаа дека иднината на нашата природа е во сигурни раце! 🌍💪

Активностите се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори – Фаза 2“ спроведуван од Eko-svest, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT

Граѓанска енергија за правична енергетска трансформација

Граѓанска енергија за правична енергетска трансформација

Граѓанската енергија не е само визија – таа постои и се развива. Со градење доверба преку транспарентни податоци, подобра институционална поддршка и политики насочени кон граѓаните, децентрализираната енергија може да стане практичен пат кон поправеден, подостапен и декарбонизиран енергетски систем. 

Токму овие теми беа во фокусот на регионалната конференција „Граѓанска енергија: регулатива, практики и искуства од регионот“, што вчера се одржа во Скопје во организација на Еко-свест од Скопје и Центарот за унапредување на животната средина од Србија. На конференцијата учествуваа претставници на институции, граѓански организации, општини и експерти од Македонија и Србија. 

Конференцијата беше посветена на развојот на граѓанската енергија и унапредувањето на условите за домаќинствата и заедниците за производство на сопствена електрична енергија од обновливи извори. Настанот овозможи размена на искуства и практики помеѓу Македонија и Србија, со посебен акцент на административните процедури, пристапот до мрежата, финансиската поддршка и улогата на енергетските заедници.

Во рамки на конференцијата беа презентирани и клучни наоди од истражување за профилите, мотивациите и бариерите на постојните и потенцијалните потрошувачи-производители (просумери) во Македонија. Истражувањето покажа дека интересот за соларни системи кај домаќинствата е значително зголемен, но високите почетни трошоци, сложените административни процедури и недоволната информираност остануваат главни пречки за поголемо учество на граѓаните.

„Енергетската трансформација нема да биде успешна ако граѓаните останат само набљудувачи. Таа ќе биде успешна само ако граѓаните станат активни учесници, партнери и носители на промената.“ – рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. 

Учесниците предупредија дека прашањето за капацитетот на мрежата не е само техничко, туку и политичко прашање, односно прашање за тоа колкав простор државата сака да обезбеди за граѓанска енергија. 

„Енергетската транзиција нема да биде праведна ако само замениме една технологија со друга, додека моќта, профитот и контролата останат во рацете на мал број актери. Затоа, граѓанската енергија претставува многу повеќе од соларни панели и сметки за струја“- изјави Ивана Јовчиќ од Центарот за унапредување на животната средина од Србија

Фокусот на дискусијата беше на граѓанската енергија и просумерството кои претставуваат клучен дел од праведната енергетска транзиција, но за нивен побрз развој се потребни појасни правила, подобра институционална координација и поголема вклученост на граѓаните. Учесниците посочија дека новиот Закон за енергетика на Македонија од 2025 година отвора значајни можности за активно учество на граѓаните во енергетскиот систем, но, сè уште недостасуваат подзаконски акти и усогласување со други закони, особено во областа на финансии, домување и градење. Дополнително особено важно е јасно и недвосмислено толкување и примена на одредбите од овој закон од сите засегнати страни. 

Како важни примери беа посочени искуствата од Србија и Романија, каде што развојот на просумерството бара долгорочна институционална поддршка и стабилна регулаторна рамка. Учесниците заклучија дека без активно учество на граѓаните, енергетската трансформација нема да биде возможна, а енергетските заедници и активните потрошувачи треба да станат централен елемент на идниот развој на енергетскиот систем во земјата и регионот.

Театарски перформанс „Бардо Тодор“

Театарски перформанс „Бардо Тодор“

Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, инспирирана од народни преданија и духовни мотиви, преку пародија ја разоткрива апсурдната и трагична реалност на луѓето кои живеат покрај термоцентрала на јаглен – зависни од својот најголем загадувач и повикува на праведна транзиција кон почиста иднина.
Претставата, низ карикирани, но препознатливи ликови, поставени во амбиент каде самиот рударско-енергетски комбинат станува дел од сцената, отвора прашања за цената на егзистенцијата, здравјето и достоинството, притоа испраќајќи силна порака дека промената е можна само ако заедницата активно се соочи со сопствената реалност и побара одржливи решенија.


„Бардо Тодор“ е црната сатирична комедија, првично во продукција на „Нова клапа“, во ко-продукција и поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.


Креативна екипа
Автор: Сашо Кокаланов
Режисер: Сашо Миленковски
Актерска екипа:
Димитар Паскоски
Надица Дојкоска Јованоска
Наум Ѓорѓиески
Синан Ракип (прва изведба)

„Бардо Тодор“ е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоелектрична централа со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец. Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодол“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“.

За претставата рекоа:

„Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција. Притоа, се обидуваме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција – убиецот да се затвори, но притоа крајот да не се опустоши.“ – Сашо Кокаланов, автор.

„Свеста не се менува со претстави, иако помагаат… Важно е што ја покренуваме темата во друг медиум, значи не е само на вести, туку и во театар. Она што е за нас важно, а го има во претставата, праведната транзиција не постои, ниедна транзиција не е праведна, постојано е на штета на некој. Дали сега со вештачката интелигенција луѓето ќе останат без работни места, или ќе се бараат други средства…. Но транзицијата е неопходна, таа е неминовна и ќе се случи. Знаеле ние или не. Ова се извори на енергија кои се плаќаат со здравјето на луѓето од цела Битола и цела Пелагонија.“ – Сашо Миленковски, режисер

„Оваа претстава носи една многу јасна порака. Загадувањето како глобален проблем што сите ние го имаме како поединци, за жал е врз грбот на луѓе кои ги губат своите животи и живееме се повеќе во едно такво корумпирано општество. Мислам дека претставата е наменета за секаков вид на публика, се игра и на отворено, не бираме само театарска публика. На оваа претстава може да дојдат сите оние кои се добронамерници и јасно да ја видат нашата поента.“ – Надица Дојкоска Јованоска, актерка.

„Јас сум негативецот во оваа претстава, јас сум инженер во Битолскиот РЕК. Ја поддржувам работата во РЕК-от и слатка ми е платата. Пораката со оваа претстава е да се намали загадувањето и генерално од сите големи фабрики во цела Македонија.“- Димитар Паскоски, актер.

„Струјата која доаѓа од јагленот е валкана енергија која ги труе луѓето, го загадува воздухот кој го дишеме, водата што ја пиеме и почвата каде садиме храна. Здравјето на луѓето кои живеат близу електраната е загрозено, но и здравјето на населението во целата држава. Постои начин да се направи етапен преод кон обновливи извори на енергија кои не загадуваат, без да се направи штета на економскиот развој на регионот, а локалните заедници се оние кои треба да ја започнат иницијативата за промена.“ – Еко-свест.


Премиера:
1 јуни 2024, Новаци и Могила,
Останати изведби:
11 јуни 2024, Битола
13 ноември 2024, Кичево, НУ Центар за култура „Кочо Рацин“
22 ноември 2024, Скопје, Академска сцена на ФДУ
23 ноември 2024, Скопје, Младински културен центар
21 мај 2026, Битола, Офицерски дом
Времетраење: 45 минути
Пауза: Не


Создавањето на драмскиот текст „Бардо Тодор“ и продукцијата на театарскиот перформанс по истиот текст се со поддршка на Европската климатска фондација. Изразените ставови и мислења се на авторите и не ги одразуваат ставовите и мислењата на донаторот. Оваа активност на Еко-свест е во рамки на програмските активности во секторот енергетика, чија цел е развој на енергетски сектор во кој иновативното користење на нови технологии овозможува тој да е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, при што со минимална потрошувачка на енергија се постигнува максимален развој на општеството, а истовремено има минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје.

Погледнете го документот „Визија за развој на Битола“ подготвена со активно учество на сите локални партнери од регионот, и дознајте повеќе за нашата работа во секторот енергетика.

Еко-свест: 2025 – Година на системски промени и заштита на нашите природни богатства

Еко-свест: 2025 – Година на системски промени и заштита на нашите природни богатства

Со големо задоволство ви го претставуваме нашиот Годишен извештај за 2025 година. Изминатата година беше период на интензивна работа, храбри акции и значајни победи за животната средина во Македонија. Преку истражување, информирање и директно делување, успеавме да го трансформираме јавниот наратив и да поставиме нови стандарди во заштитата на природата.

Еве ги клучните столбови на нашиот успех во 2025 година:

Енергетска трансформација со грижа за луѓето

Направивме голем чекор кон енергетска независност на граѓаните. Ја лансиравме платформата prosumer.mk, а нашата методологија за паметно планирање стана дел од националните закони. Горди сме што гласот на заедницата во Битола стана центар на процесот за праведна транзиција преку официјалниот национален Форум.

🌡️ Климатска акција и евроинтеграции

Нашите кампањи допреа до над 1 милион граѓани. Успеавме да обезбедиме место за граѓанскиот сектор и младите во Националниот координативен совет за клима и го подготвивме клучниот „Извештај во сенка“ за напредокот на државата кон ЕУ (Поглавје 27).

🌊 Слободни реки и заштитена природа

Вративме во живот 72 километри речен тек на Крива Река и Пчиња преку отстранување на физички бариери. На меѓународна сцена, како членка на IUCN, Еко-свест иницираше и обезбеди усвојување на Глобална резолуција за граѓанска наука во Абу Даби – успех кој го позиционираше нашето здружение како светски лидер во оваа област.

⚖️ Активно граѓанство и правна поддршка

Го формиравме првиот специјализиран сектор за правна поддршка, помагајќи им на локалните заедници да ги заштитат своите ресурси. Преку нашиот Зелен телефон, одговоривме на над 40 пријави од граѓани, докажувајќи дека правото на чиста животна средина е неспорно.


“Нашата мисија е јасна – создаваме решенија во кои природата и луѓето напредуваат заедно. Овој извештај е доказ дека со визија и заедничка акција, промените се можни.”

👉 [ПРЕЗЕМИ ГО ЦЕЛОСНИОТ ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА 2025 (PDF)]

Борбата за здрава животна средина продолжува. Ви благодариме што сте дел од нашата приказна!


Овој извештај е поддржан од нашите долгогодишни партнери и донатори кои веруваат во зелената иднина на Македонија.