Ослободени 72 км слободен тек на Пчиња

Непотребна бетонска бариера долга 50 метри и широка 30 метри е отстранета од реката Пчиња, во месноста Шупљи камен. Оваа препрека која по Втората светска војна била наменета за пренос на тенкови со тек на времето се разрушила и во последните неколку децении претставуваше безбедносен ризик за населението и причинуваше штета врз екосистемот.

Како резултат на оваа препрека водата течела поспоро и поради овој застој беа забележани параметри кои укажуваа на зголемување на загадувањето и намалување на кислородот во неа. Дополнително, на ова место поради застојот на водата се има акумулирано и голема количина отпад кој дополнително го блокира текот на реката.

Активностите за отстранување почнаа на 12 октомври и завршија на 15 декември со што се ослободи речен рек од 72 километри (долж реката Пчиња и Крива река).

Отстранувањето е направено во континуирана соработка со Општина Куманово и Државниот инспекторат за животна средина. За самото отстранување подготвени се технички проект, геодетски елаборати и елаборат за заштита на животната средина.

„Ова е најголемата препрека што е отстранета досега во Македонија, но и во Европа– вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. „Анкетата на јавно мислење која ја спроведе агенцијата Брима во октомври 2025 година покажува дека 91% од населението поддржува отстранување на непотребни речни бариери. Ова покажува силна свесност за здравјето на реките и за потребата да ги зачуваме. “ – додаде таа.

Во 2024 година, Еко-свест идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се исто така нелегални или им недостасува соодветна документација, па дури и сопственост, што нивното отстранување го прави речиси невозможно.

Преку проектот за отстранување бариери, поддржан од Open Rivers Programme, Еко-свест има цел да го претстави отстранувањето на бариерите како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето на бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на Dam Removal Europe.

Со оваа акција Еко-свест сака да покаже дека отстранувањето на непотребните бариери во реките е неопходно и ќе даде долгорочна заштита на екосистемите. Тоа ќе го подобри квалитетот на водата, а со тоа и на водата за пиење. Дополнително, со оваа акција се подигнува свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност по животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат. Но, за ова да стане пракса, потребно е регулирање на оваа проблематика во новиот Закон за води и неговите подзаконски акти.

слики од препреката

Слики од отстранувањето

Слики по отстранувањето

Share This

Share this post with your friends!