Тимот на Еко-свест оваа година учествуваше на 13тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија која во периодот од 13 до 17 јули се одржуваше во Крушево. Заедно со нашата локална канцеларија од Вевчани одржавме серија на активности за еколошка едукација со повеќе од 1000 извидници од 16 земји од Европа.
Младите извидници учеа за живиот свет кој ги опкружува, птиците, животните, растенијата, како тие меѓусебно си влијаат и зависат како дел од природните екосистеми. Учевме дека при престој во природа треба да сме внимателни и да се однесуваме со почит кон дивите видови кои престојуваат во природата.
Заедно идентификувавме растенија, пеперутки, инсекти, јадевме шумски плодови, учевме за значењето на биодиверзитетот и како тој е значаен за храната која ја јадеме, водата која ја пиеме и воздухот кој го дишеме. Научивме и дека секој од нас има можност и одговорност да придонесе во зачувување на таа биолошка разновидност.
Разговаравме за улогата на заштитените подрачја во нашата земја и објаснивме како ние помагаме во мониторингот на дивиот свет во Споменикот на природата Вевчански Извори и колку е тој значаен за заштитата на природните вредности. Заедно со Националниот парк Галичица, на младите извидници им укажавме на важноста од еколошка едукација, но и потребата редовно да се спроведуваат научни истражувања на природните вредности за да може да најдеме решенија и да ја спречиме загубата на биолошката разновидност.
Младите извидници научија дека улогата на пчелите не е да произведуваат мед и дека на светот постојат повеќе од 20 000 видови на пчели благодарение на кои имаме разновидна храна. Преку изградба на хотели за инсекти, извидниците учеа како да изградат нови живеалишта за пчелите и другите инсекти кои се под закана поради штетни човечки активности, но и се чувствителни на екстремните временски услови кои се предизвикани од климатските промени. Ни беше чест што се дружевме и со младите од Центарот за младински активизам КРИК и заедно изградивме хотели за инсекти кои ги поклонивме на крушевската корија.
Се надеваме дека нашите работилници беа мотив и поттик кај младите извидници уште повеќе да се разбуди свеста за заштитата на природата и животната средина.
Куќа од скопска населба, без изолација, која сега едвај се загрева на дрва со што придонесува и за загадување на воздухот, може да стане три пати енергетски поефикасен објект со исто толку помал учинок врз воздухот кој го дишеме. Но, за тоа треба институционална и парична поддршка бидејќи инвестицијата е голема за просечно семејство и се враќа за околу 30 години.
Еко-свест ги анализираше трошоците како еден ваков типичен дом на 4-члено семејство од скопската населба Козле, какви што има илјадници низ државата, може да доживее транформација.
Куќата има 57м2, изградена со цигла и малтер пред повеќе од 60 години, нема изолација на ѕидовите и таванот, има стари прозорци и се загрева со печка сместена во кујната за што во зимската сезона троши околу 4 м3 огревно дрво.
Како и многу други домаќинства, во оваа куќа се загрева само нешто под половина од просторот, односно 27 м2 . Со тоа другите простории се ладни и ја влечат топлината од кујната со што не дозволуваат ниту во греените простории да се развие повисока топлина. Имаат и толинска пумпа, но не ја користат поради цените на електричната енергија.
Истражувачите пресметаа дека ако се постави изолација на надворешните ѕидови со дебелина од 20 cm инвестицијата ќе ги чини 542 илјади денари, а тоа годишно ќе им донесе заштеда од 18 илјади денари. Инвестицијата целосно ќе им се врати по дури за 29 години.
За поставување на топлинска изолација на таванот домаќинството ќе треба да вложи 43 илјади денари, со што ќе добие годишна заштеда од околу 670 денари. Инвестицијата ќе им се врати за 64 години.
За замена на сите дрвени прозорци и врати со енергетски ефикасни ќе треба да вложат над 63 илјади денари. Со тоа годишно ќе штедат околу 590 денари, со што инвцестицијата ќе ја вратат за повеќе од 1 век.
Ако се применат сите овие мерки на оваа куќа таа ќе троши 72% помалку енергија односно ќе стане енергетски ефикасна. Притоа, за најголема заштеда ќе придонесе изолацијата на надворешните ѕидови, мерка со која може да зачуваат дури 64% од толинската енергија. Изолацијата на таванот ќе придонесе за 6% заштеда, а новите прозорци и врати за 2% заштеда. Вкупната количина на огревно дрво кое ќе му биде потребна на домаќинството да го загрее целиот објект ќе спадне на 1,5 м3 огревно дрво споредено со претходните 4 м3 кои ги трошат за загревање на помалку од половината од објектот. Емисиите на јаглерод диоксид и на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5 ќе се намалат за 3,5 пати.
Во случај да се смени и грејното тело со нова печка на пелети, заштедите на енергија ќе бидат исти, но периодот за поврат на инвестицијата ќе биде пократок – 12,6 години. Тоа се должи на повисоката цена која ја имаат пелетите споредено со огревното дрво. Со пелетите помали ќе бидат емисиите на суспендираните честички ПМ-10 и ПМ-2,5.
Доколку пак домаќинството одлучи основен извор за затоплување да му биде топлотната пумпа која работи на електрична енергија, заштедите во топлината ќе бидат исти, но поради цената на струјата, повратот на инвестицијата во просек ќе изнесува околу 27 години. Меѓутоа, во ова сценарио објектот ќе има скоро двојно помали емисии на загадувачки гасови, односно на јаглерод диоксид и на суспендирани честички ПМ-10 и ПМ 2,5 , што го прави еколошки најприфатливо сценарио.
Дополнително на заштедите со мерките за енергетска ефикасност, домаќинствата имаат и зголемен конфор во зимските и летните месеци, како и подобар животен стандард и подобро здравје на неговите членови.
Меѓутоа, за да се изведе оваа трансформација, на домаќинството ќе му бидат потребни над 10 илјади евра, пари кои многумина не можат да си ги дозволат. А за поддршка на трансформацијата на ваквите домаќинства засега нема никаква поддршка или информациони точки каде граѓаните може да се информираат за достапните алтернативи и начини како да станат енергетски поефикасни или да добијат стручно советување.
Затоа, неопходно е итно активирање на Фондот за енегетска ефикасност кој долго време е во најава. Фондот ќе даде можност на домаќинствата да ги спроведат сите овие мерки и да го подобрат стандардод со грантови, а на Владата ќе и овозможи постојани јавни пари за финансирање на мерките за енергетска ефикасност.
За да се произведе ист производ или за да се добие иста услуга како што се произведува во некоја земја во Европската Унија, кај нас ќе се потроши два пати повеќе струја. Тоа се нарекува нерационалност во потрошувачката.
Еко-свест истражуваа зошто и покрај тоа што согласно Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, досега се подготвени и усвоени повеќе стратешки документи со кои на голем број правни субјекти од различни категории пропишани им се конкретни обврски и рокови, работата уште стои.
А тоа се должи на повеќе причини меѓу кои и тоа што кај нас нема законска обврска за исполнување на одреден минимум во однос на енергетската ефикасност на објектите, опремата, производството, преносот и дистрибуцијата на енергија. Со години доцни носењето на правилниците кои треба да ги регулираат овие работи.
Со законите е предвидено општините на секои три години да подготвуваат Програма за енергетска ефикасност со детални податоци и анализа за потрошувачката, со цели и планирани мерки по сектори заедно со рокови, буџет и одговорни лица… Но, повеќето општини немаат такви програми.
Се предвидува зградите од јавниот сектор да ги исполнуваат минималните карактеристики за енергетска ефикасност, Службата за општи и заеднички работи при Владата да подготвува и објавува список на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики на згради. Службата треба да подготвува предлог план за реконструкција на најмалку 1% од вкупната корисна подна површина на зградите кои се објавени на списокот, на годишно ниво. Институциите кои изнајмуваат простории треба да го прават тоа во згради и објекти со сертификат за енергетски карактеристики кој ги исполнува минималните барања.
Според Законот, без потврда за енергетска ефикасност, не може ниту да се добие одобрение за градба, а услов за добивање на одобрение за употреба на објектот е поседување на сертификат за енергетски карактеристики. Меѓутоа, Правилникот за енергетска контрола и Правилникот за енергетски карактеристики на згради сѐ уште не се подготвени, ниту се во нацрт верзија.
Затоа и покрај тоа што кај енергетската ефикасност на зградите има најголем потенцијал за заштеда, таму имаме најслаб напредок.
Постои и значителен јаз помеѓу реално инвестираните средства и вистински потребните средства. Во Македонија, проценето е дека се потребни 302 милиони евра за инвестиции во енергетска ефикасност за зградите, наспроти инвестираните 165,5 милиони евра во периодот 2010-2020 и обезбедените 33 милиони евра во периодот потоа .
За финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност, Законот предвидува и формирање на Фонд за енергетска ефикасност и ЕСКО претпријатија (правно лице што обезбедува енергетски услуги или други мерки заради подобрување на енергетската ефикасност кај своите корисници, а плаќањето за услугите е целосно или делумно засновано на постигнатото подобрување на енергетската ефикасност или постигнување на други договорени критериуми).
Но, и за ова, и по 3 години од носењето на законот, правилниците со кои ова треба да се регулира овој Фонд уште не се донесени.
Значајно се занемарени и големите индустриски постројки и спроведување на мерки за енергетска ефикасност во овие капацитети. Практично и да не постои стимулација за штедење во овој сектор на национално ниво, ниту пак за малите и средните претпријатија.
Во однос на потрошувачите, исто така не се води сметка за промена на однесувањето и нивно соодветно информирање за енергијата, но и за количината на потрошена енергија. Досега скоро и да не постојат никакви фискални стимулации, пристап до финансирање и проекти кои ќе допринесат за подобрување на енергетската ефикасност во финалната потрошувачка на енергија.
Не се спроведуваат ниту подзаконските акти за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, со кои секој потрошувач треба да плаќа за топлинска енергија според измерена количина (според калориметар). Со тоа и нема поттик кај дел од потрошувачите порационално да ја трошат топлинска енергија и да ја подобруват изолацијата.
Во делот на означувањето на енергетски ефикасни производи, процесот стагнира кај енергетското означување кај котлите на цврсти горива и кај греалките. Со оглед што тие широко се употребуваат ова е сериозна бариера во подобрување на енергетската ефикасност кај финалната потрошувачка.
Скопје остана единствен град со систем за централно греење. Со години нема значителен напредок не само во изградбата на централни топлификациски системи во градовите, ниту пак во проширување на мрежата во Скопје. Кај субвенциите на замена на старите печки пак не се мери колку се тие ефикасни и колку придонеле за заштеди и намалување на аерозагадувањето.
Како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување на Споменикот на природа Вевчански извори“ финансиран од PONT(Prespa Ohrid Nature Trust), а спроведуван од локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, Еко-свест има потреба од ангажирање на компанија за осмислување и изработка на трајна поставка за природа во Мултикултурниот центар Коста Србаковски во Вевчани.
Повикот е отворен од 25.07.2023 до 03.08.2023 година. Заинтересираните понудувачи можат да испратат писмо за изразување на интерес најдоцна до 03.08.2023 година до 16:00 часот.
Опис на услугата:
Задачата во рамки на повикот е изготвување на трајна изложба за природните вредности на Споменикот на природа „Вевчански извори“, со цел да се обезбеди информирање и едукација за сите посетители на заштитеното подрачје.
Изложбата ќе биде поставена во Мултикултурниот центар Коста Србакоски во Вевчани во две простории на приземје со вкупна површина од 75м2.
Трајната поставка е потребно да има информативен и едукативен карактер и да биде прилагодена за различни посетители, организирани групи, училишни посети кои би го посетувале Мултикултурниот центар Коста Србакоски во Вевчани.
Основни информации:
Еко-свест како дел од проектот Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански извори отвори локална канцеларија во Вевчани која ја поддржува Општина Вевчани како управителот на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански извори. Повеќе информации на www.ekosvest.com.mk
Фази од проектот:
Во првата фаза правните и физички лица кои изразиле интерес за учество потребно е да достават комплетна понуда која содржи и предлог концепт за трајната изложба.
Во втората фаза избраниот понудувач има обврска да го разработи концептот согласно насоките дадени од страна на Еко-свест и технички да ја изведе изложбата.
Цели и обем на работа
Цел на оваа задача е промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански извори и поддршка на туристичките потенцијали за одржлив туризам.
Избраниот понудувач ќе биде задолжен за:
Да изготви дизајн и решение за трајната изложба врз база на достапните информации и материјали
Да ја изработи и постави трајната поставка за природа во Мултикултурниот центар Коста Србакоски во Вевчани.
Трајната поставка треба да биде изработена на македонски и англиски јазик, да се состои од мултимедијална содржина во дизајн што ги обединува сите изложени елементи. Изложбата е од музејски и траен карактер.
Временска рамка
Трајната поставка треба да биде финализирана 60 дена од склучениот договор но не подоцна од 15.10.2023 година
Резултат
Краен рок
Поднесен разработен концепт за трајната изложба
2 недели по склучување на договор
Одобрување од страна на Еко-свест
Три недели по склучување на договор
Техничка изведба и поставување на изложбата
Шест недели по склучување на договор
Проверка и отстранување на проблеми
Седум недели по склучување на договор
Примопредавање
Осум недели по склучување на договор
Буџет
Вредноста на договорот не може да надмине 6600 евра во денарска противредност.
Надзор на проектот / консултантот / контрола на квалитет:
Еко-свест ќе биде одговорен за надзорот на спроведувањето на активноста и почитување на договорите и договорните задачи.
Програмата на Владата на Република Северна Македонија јасно и недвосмислено предвидува забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови. Ова ветување е повеќекратно прекршено, а најновиот пример е во Националниот парк Шар Планина. Дополнително, Стратегијата за развој на енергетиката јасно укажува дека малите хидроелектрани не треба да се градат во заштитени подрачја.
Енергетската заедница отвори случај против нашата држава за прекршување на договорот за приклучување кон Енергетската заедница на ЕУ поради неспроведување на законската обврска за оцена на влијанието врз животната средина.
Како резултат на отворениот случај пред Советот на Европа против Македонија за наводното прекршување на Бернската Конвенција[i], беа усвоени препораки кои бараат од нашата држава да ги раскине концесиите за мали хидроцентрали во заштитените подрачја и да не дозволува изградба на вакви проекти во иднина. Во 2022 година акцентот се стави на хидроцентралите во Националниот парк Маврово, каде се побара раскинување на концесиите за Жировница 5 и 6 и Рибничка.
„Пред само два дена бевме сведоци на ново прекршување со продолжување на концесиите за хидроцентрали во Националниот Парк Шар Планина, при што реагираа и од управата на паркот. Очигледно е дека и ветувањето за забрана за мали хидроцентрали и обврската за нивно откажување не се почитуваат од нашите институции. Со ваквите постапки се нанесува директна штета на природата и здравјето на луѓето, а за тоа некој мора да поднесе одговорност“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, која посвети над 8 години заложувајќи се за заштитени подрачја без хидроцентрали.
Еко-свест предупредува дека непочитувањето на националните и меѓународните обврски за заштита на животната средина од страна на нашите институции ќе доведе до неповратно уништување на нашата природа и водни богатства. Економскиот развој може да оди заедно со заштитата на животната средина, без меѓусебно да се исклучуваат, но изградбата на хидроцентрали во најзаштитените и највредните наши природни подрачја е неприфатливо и неосновано бидејќи тие проекти не носат придобивки, туку само причинуваат неповратна економска и еколошка штета за целото општество. Притоа, најзасегнати се локалните заедници и пристапот до чиста вода за пиење за граѓаните.
[i] Бернската конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа која како меѓународен договор нашата земја ја ратификуваше во 1997 година, а со тоа таа стана интегрален дел од нашето законодавство и нејзиното почитување се третира како наша законска обврска.
Најнови коментари