Обука за гаснење и превенција на пожари (2025)

Обука за гаснење и превенција на пожари (2025)

На 28 јуни 2025 година, во Вевчани се одржа обука за превенција и спречување на шумски пожари, организирана од Еко-свест и Europe House Струга. Обуката беше наменета за граѓани и активисти кои сакаат да стекнат практични знаења за справување со шумски пожари и заштита на природата, особено во планинските подрачја.

Под стручна подготовка и водство на Милорад Андријески, обучувач со искуство во полето на заштита од пожари, учесниците добија информации и вештини поврзани со рано препознавање на ризици, мерки за превенција и непосредно дејствување во случај на појава на пожар. Обуката опфати теоретски дел, како и теренска работа со практични демонстрации и вежби на отворено.

На настанот учествуваа претставници од Вевчани и Струга, вклучувајќи членови на планинарски, велосипедски и еколошки друштва, како и претставници од ренџерската служба на Споменикот на Природа Вевчански Извори. , кои ја препознаваат важноста на заедничката акција и соработка во заштитата на природните ресурси на Јабланица.

Оваа активност е дел од пошироки напори за унапредување на еколошката свест и зајакнување на локалниот капацитет за дејствување во кризни ситуации. Темата за зачувување на Јабланица како природно богатство беше истакната како приоритет, особено во контекст на иницијативите за добивање на статус на национален парк. Тоа би значело посветеност на заштита, истражување и одржливо управување со подрачјето, како и вклучување на локалното население во процесите на планирање и спроведување на мерки за конзервација.

Обуката покажа дека постои подготвеност и интерес кај локалните заедници да се ангажираат во заштита на шумите, а Еко-свест ќе продолжи со поддршка на вакви активности кои придонесуваат кон градење на отпорност и еколошка одговорност.

Работникот во фокусот на праведната транзиција

Работникот во фокусот на праведната транзиција

Нема праведна енергетска транзиција ниту без напуштање на производството и користењето на фосилни извори на енергија ниту пак без активно учество и згрижување на заедниците социјално и економски зависни на тие извори на енергија. За вработените во индустриите на јаглен најважно е да се најдат решенија што ќе им овозможат не само понатамошна егзистенција, туку и одржување на нивните секојдневни социјални практики. Токму ова беше тема на работилницата “Работникот во фокусот на праведната транзиција”  што се одржа во Битола на 20 јуни 2025 година, организирана од МКЦ Битола во соработка со Локалниот економско-социјален совет на општина Битола (ЛЕСС), Еко-свест и Универзитетот од Манчестер преку проектот GENERATE. На работилницата, учесниците, меѓу кои имаше претставници од Општина Битола, РЕК, синдикатите, бизнис заедницата и граѓански организации, истакнаа дека соодветно и навремено информирање, како и активно учество во сите процеси кои ги засегаат работниците, нивните семејства и заедници од регионите со јаглен е клучен елемент на праведната енергетска транзиција.

Целта на настанот беше продлабочување на разбирањето за праведната енергетска транзиција и зајакнување на улогата на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) во овој процес. Иако најзасегнати, општините од регионите со јаглен се најмалку вклучени во носењето одлуки на централно ниво во процесите на енергетска трансформација. ЛЕСС-от како формално тело на општината кое има советодавна улога и каде учествуваа претставници на општината, локални бизниси, синдикати, универзитети и граѓански организации, може да биде начин како да се обезбеди активно учество на регионите со јаглен во земјата во носењето одлуки и изборот на проекти за финансирање на енергетската трансформација во земјата.

Работилницата започна со воведен збор на Мери Нашоку од Младинскиот Културен Центар во Битола, а потоа Емилија Сарафска, Советник во Општината за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија го водеше панелот во кој учествуваа Борче Димитровски, Секретар на Општина Битола, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и Корина Зиеролд, советник за политики и раководител за координација на праведната транзиција во Европскиот синдикат за индустрија.

Димитровски зборуваше токму за начинот на поактивна вклученост на општината во овие процеси каде ЛЕСС-от има важна посредничка, советодавна и мобилизирачка улога, бидејќи самиот процес подразбира премин кон одржлива и климатски неутрална економија на начин кој ги штити социјалните права, го вклучува населението и овозможува локален развој. Оттука, ЛЕСС е важно тело во градењето на праведна транзиција на локално ниво. Неговата улога како посредник, советник и партнер му овозможува да биде мост меѓу граѓаните, институциите и економските чинители, вклучувајќи ги и работниците. 

Ваквиот начин на соработка помеѓу општините од регионите со јаглен, синдикатите и владата е потребен и за да се обезбедат потребните финансии за овие региони кои треба да поминат низ процесите на енергетска трансформација односно постепено затворање на термоелектраните на јаглен. Корина Зиролд од Европскиот синдикат за индустрија даде неколку примери од земјите од ЕУ каде организирањето на работничките синдикати и организациите кои ги штитат нивните права било клучно за обезбедување на праведна транзиција.

Вториот дел од работилницата беше организиран од Еко-свест и Универзитетот во Манчестер којшто се состоеше од презентации и интерактивни дискусии. За многу од последиците од транзицијата воопшто не се зборува, како што објасни и Сашка Петрова од Универзитетот во Манчестер зборувајќи за психолошките и социо-економските влијанија врз вработените во секторот и нивните заедници. Преку примери на затворање на индустриите на јаглен објасни како овие процеси влијаат врз чувството на идентитет, припадност но и нормалното функционирање на индивидуата, нивните семејства и заедници во општество кое минува низ сериозна транзиција и поддршката која треба да им се обезбеди. 

Еко-свест активно учествува во ревидирањето на Националниот план за енергија и клима, но не и во процесот на изработка на годишен план за имплементација на праведна транзиција од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на С.Македонија. Нормалното функционирање по транзицијата беше предмет на истражување и во социо-економската анализа на Битолскиот регион на која Еко-свест работеше во изминатиов период. Оваа анализа заклучи дека иако имаат разбирлив страв од процесите кои следат, локалните заедници гледаат огромен потенцијал за развој на регионот со прекугранична соработка со Р.Грција и преку мерки за самовработување и вработување во сектори како туризам и земјоделие. Соработката и информирањето сепак беа посочени како клучна алка на која мора повеќе да се работи за да се постави патот кон праведната транзиција.

Повик за компании и консултанти за Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

Повик за компании и консултанти за Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

Еко-свест објавува повик за консултанти и компании за изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија.

Повикот е отворен од 18.06.2025 до 24.06.2025 година.

Заинтересираните консултанти и компании можат да достават понуда најдоцна до 24.06.2025 година во 17:00 часот по средноевропско време.

Потребни квалификации на понудувачите

Избраната компанија/консултант треба да ги исполни следните критериуми:

  • Докажано искуство во спроведување на социо-економски или слични анализи (Најмалку 5 години практично искуство во подготовка на социо-економски анализи, студии за влијание на животна средина, или анализи поврзани со просторен/одржлив развој или заштита на природата
  • Познавање на националната законска рамка во областа на заштита на природата и локалната самоуправа, посебно на аконот за природа на РСМ и подзаконските акти поврзани со прогласување и управување со заштитени подрачја
  • Познавање на институционалните надлежности (на локално и национално ниво) во областа на заштита на животната средина и просторен развој
  • Искуство со методи на истражување и прибирање податоци како квантитативни и квалитативни методи за истражување, спроведување на интервјуа, анкети, фокус групи, SWOT или анализа на засегнати страни
  • Познавање на просторно планирање и основи на ГИС алатки (предност, не задолжително)
  • Искуство во работа со локални заедници и засегнати страни, особено во рурални или полурурални средини

Заинтересираните компании/консултанти треба да достават:

  • Писмо за изразување интерес (максимум 1 страна), со нагласок на релевантно искуство и знаење;
  • Техничка понуда (методологија, план на работа, тим), максимум 3 страни;
  • Финансиска понуда (изразена во дневници, во МКД со вклучен ДДВ)
  • Ажурирана работна биографија (CV) на консултантот/ите кои ќе ја изработуваат анализата. Доколку е тим, во понудата треба да биде вклучена биографија за секој член од тимот. Биографиите треба да содржат целосен опис на релевантните квалификации и професионално работно искуство;
  • Примери од претходна релевантна работа, со најмалку две (2) препораки со наведени контакт информации;
  • Изјава за критериумите за исклучување (Прилог 3) поднесена на англиски ИЛИ македонски јазик
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци.

Понудите да се достават на: [email protected] со назнака (subject): Понуда за социо-економска анализа.

Напомена!

Еко-свест ќе бара од избраниот понудувач пред склучување на договор за соработка да ја достави следната документација:

Tековна состојба/потврда за регистрирана дејност на добавувачот; потврда за солвентност/бонитет; потврда/информација од Централен Регистар за забрана за вршење дејност и регистар за казни на правни лица; уверение за платени даноци и придонеси; изјава дека ги исполнува критериумите за учество; биографии (CV) на консултантите; листа на референци/портфолио.

Доверливост

Сите информации кои се поврзани со оценка на понудите нема да бидат споделувани со никој кој не е официјално вклучен во процесот на селекција, дури и по завршување на процесот на избор. Сите податоци ќе се третираат како доверливи и нема да се користат, прибираат, споделуваат за други цели надвор од овој повик и целта на истиот.

Евалуација на кандидатите

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Канидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

  • Портфолио на компанијата/консултантот – 50 бодови
  • Финансиска понда – 50 бодови
  • Вкупно 100 бодови

Референтните услови за задачата се дадени во Прилог 1 на овој повик.

За било какви прашања, контактирајте го Ѓорѓи Митревски на [email protected]

Пристигнатите прашања од кој било од заинтересираните понудувачи ќе бидат одговорени и доставени до сите поканети понудувачи и објавени на веб-страницата на Еко-свест под објавата за повикот. Нецелосните понуди, односно понудите испратени после предвидениот рок за аплицирање, нема да бидат земени во предвид.

Прилог 1. Опис на работната задача

Изработка на Социо-економска анализа за прогласување на заштитено подрачје во општина Демир Капија

1. Контекст

Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје на територијата на општина Демир Капија се спроведува од страна на Еко-свест, во соработка со општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ. Согласно Законот за природа (Службен весник бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10 и др.), потребно е да се изработи социо-економска анализа со цел да се проценат потенцијалните влијанија, можности и предизвици поврзани со прогласувањето на подрачјето.

Оваа анализа ќе биде составен дел од официјалната документација за прогласување и ќе послужи како основа за информирање на носителите на одлуки, засегнатите страни и пошироката јавност.

2. Цели на ангажманот

Целта на оваа анализа е да се изработи целосна социо-економска анализа на подрачјето предложено за заштита (Прилог 2), која ги вклучува заедниците, економските активности, користењето на земјиштето и интересите на засегнатите страни. Анализата треба да ја прикаже актуелната состојба, да ги процени можните влијанија од прогласувањето и да даде препораки за одржлив развој и поддршка на локалното население.

За потребите на оваа социо-економска анализа Еко-свест спроведе анкета на репрезентативен примерок на територија на општина Демир Капија. Резултатите од истражувањето, како и SPSS база ќе бидат достапни за избраниот консултант.

Еко-свест исто така има претходно спроведено Анализа на можностите за еколошки туризам и одржлив развој во регионот на Демир Капија, како и Преглед на правната регулатива во доменот на заштита на природа и прогласување на заштитени подрачја. Овие анализи, исто така ќе биде достапна за избраниот консултант.

3. Обем на работата

Консултантот/компанијата ќе треба да ги спроведе следните активности:

3.1. Преглед на правната рамка и контекстот

  • Преглед на релевантната законска регулатива, особено Законот за природа и подзаконските акти.
  • Анализа на постоечки плански документи, истражувања и бази на податоци за Демир Капија.

3.2. Анализа на социо-економската основа

  • Демографија: структура на населението, миграции, образование и др.
  • Економија: вработување, извори на приходи, клучни сектори (земјоделство, туризам и др.).
  • Употреба на земјиштето и природни ресурси: категории на користење, статус на сопственост и кориснички права.
  • Инфраструктура и јавни услуги: транспорт, енергија, вода, здравство и др.
  • Културни и социјални вредности, традиции и заеднички практики.

3.3. Идентификација и консултација со засегнати страни

  • Идентификација и категоризација на сите релевантни засегнати страни.
  • Спроведување на интервјуа, фокус групи и/или анкети со локални жители, општински власти, претставници на бизниси и граѓански организации.

3.4. Проценка на потенцијалните влијанија

  • Социјални и економски влијанија од прогласувањето на заштитеното подрачје.
  • Идентификација на ранливи групи и можни ризици за нивната егзистенција.
  • Проценка на институционалниот капацитет за управување со заштитеното подрачје.

3.5. Препораки

  • Предлог мерки за максимизирање на позитивните и минимизирање на негативните влијанија.
  • Предлози за унапредување на локалниот развој и зајакнување на институционалната соработка.

4. Испорака на задачата

Консултантот/компанијата ќе ги достави следните материјали:

  1. Иницијален извештај – методологија, план на работа и план за комуникација со засегнатите страни (во рок од 10 дена по потпишување на договорот)
  2. Нацрт социо-економска анализа – со вклучени наоди, проценки и препораки
  3. Извештај од консултации со засегнатите страни – документиран процес и главни резултати
  4. Конечна верзија на анализа – ревидирана по добиени коментари
  5. Презентација на наодите – пред локални засегнати страни и релевантни институции

5. Временска рамка

Ангажманот треба да се реализира најдоцна до 1 септември 2025 година.

Владите на Западен Балкан сè уште се соучесници во смртоносното загадување со јаглен

Владите на Западен Балкан сè уште се соучесници во смртоносното загадување со јаглен

Во 2024 година, хроничните неуспеси во спроведувањето на законот на владите на Западен Балкан дозволија загадувањето со сулфур диоксид (SO2) од застарените електрани на јаглен во регионот да ги надмине законските ограничувања за шест пати, според седмото издание на извештајот „Усогласи или затвори“ на Bankwatch. Загадувањето со прашина и азотни оксиди (NOx) од електраните на јаглен, исто така, продолжи да ги надминува законските ограничувања.

Седум години откако правилата за контрола на загадувањето стапија во сила според Договорот за Енергетска заедница, во 2024 година емисиите на сулфур диоксид од електраните на јаглен вклучени во Националните планови за намалување на емисиите на Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија сè уште беа колективно шест пати повисоки од дозволеното.

За прв пат, електраните на јаглен на Босна и Херцеговина беа највисоки емитери на SO2, со 212.840 тони – зголемување од претходната година и 11,3 пати повисоки од дозволеното. Следеше Србија, со 205.925 тони, или 4,6 пати повеќе од дозволеното.

На ниво на регионот, емисиите на SO2 се намалија само малку од 2018 година. А ограничувањата за емисии беа построги во 2024 година отколку во претходните години, што доведе до уште поголем јаз во усогласеноста.
По петти пат од 2018 година, најголемиот индивидуален загадувач на SO2 во 2024 година беше Угљевик во Босна и Херцеговина, со 112.943 тони – дури и повеќе од претходната година. Нејзиниот оператор, подружница на Електропривреда Република Српска, потроши најмалку 85 милиони евра, финансирани од заем од Јапонската агенција за меѓународна соработка, за единица за десулфуризација, но призна дека не работи, делумно затоа што претставува „економски товар“.

Не помалку од шест единици низ регионот ги надминаа своите индивидуални горни граници за емисии на сулфур диоксид за повеќе од десет пати – Угљевик, Гацко, Тузла 6 и Какањ 7 во Босна и Херцеговина; Костолац А2 во Србија; и Битолски Б 1 и 2 во Северна Македонија.

Загадувањето со прашина од јагленските електрани во регионот беше речиси двојно повисоко од дозволеното во 2024 година (1,9 пати над ограничувањето). Емисиите малку се намалија од 2023 година, но останаа слични на нивоата од 2018 година.

Највисок емитер на прашина беше Гацко во Босна и Херцеговина. Испушти 3.339 тони – 13,7 пати повеќе од дозволеното. По протестите на локалното население, подобрувања беа објавени на есен 2023 година, но загадувањето на електраната во 2024 година беше уште поголемо од претходната година.

Загадувањето со азотни оксиди, исто така, достигна вкупно 1,4 пати повеќе од дозволеното во NERP-ите на земјите во 2024 година, во споредба со 1,3 пати во 2023 година. Босна и Херцеговина, Косово и Србија продолжија да ги прекршуваат своите ограничувања за NOx, при што Никола Тесла Б во Србија испушти најмногу – 12.418 тони.
Покрај прекршувањата на NERP, на крајот од 2023 година истече рокот за затворање на најмалите и најстарите електрани според отстапувањето со ограничен доживотен период „одбивање“. Сите три земји во Западен Балкан со електрани на јаглен кои подлежат на ова правило – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија – сè уште го прекршуваат, бидејќи ниту една од електраните не е затворена.

Црногорската електрана Плевља работи нелегално од крајот на 2020 година, а во 2022 година ѝ се придружија Тузла 4 и Какањ 5 во Босна и Херцеговина и Морава во Србија. Централата Колубара А, исто така во Србија, исто така не престана да работи на крајот од 2023 година.

Секретаријатот на Енергетската заедница отвори неколку прекршочни случаи против земјите, но ниту една влада не изрече казни за предметните електрани на јаглен. Ниту пак имаат јасни, ажурирани и реални планови за усогласување и/или затворање.

Извештајот е достапен на 2024_09_17_Comply-or-Close_Macedonian.pdf

Потребна е обнова на земјиштето- Меѓународен ден против опустинување

Потребна е обнова на земјиштето- Меѓународен ден против опустинување

Денес, 17 јуни е меѓународен ден против опустинувањето и годинава темата е обнова на земјиштето кое е основа и предуслов за производството на храна на земјата.

Секоја година, 1 милион км2 се уништуваат на различен начин. Како резултат губиме драгоцено земјиште кое е неопходно за живот. Во Македонија трендот за производство на електрична енергија од обновливи извори придонесува кон загубата на земјиштето, кога фотоволтаичните централи се поставуваат на плодно, земјоделско земјиште со висок квалитет.

Затоа, Еко-свест во соработка со Македонската академија на науки и уметности и The Nature Conservancy работеа на истражување и подготвија карта со најповолни локации за фотоволтаични централи на деградирано земјиште.

Еден од основните принципи за декарбонизацијата на енергетскиот сектор и производството на енергија од обновливите извори мора да е заштитата на земјиштето. Во нашата земја има доволно деградирано земјиште од индустриски активности и рударство кои се одличен кандидат за пренамена во простори кои ќе овозможат производство на енергија притоа, зачувувајќи го плодното земјоделско земјиште.

Потребно е да се поттикне заштита на земјоделското земјиште кое ќе биде усогласено со развивањето на проекти за обновливи извори на енергија.

Сопствениците на земјиште, земјоделците и општинските претставници, треба да бидат едуцирани за придобивките и влијанието кое обновливите извори го имаат врз земјоделието, но потребно е да имаат и пристап до ресурси кои ќе им помогнат да ги интегрираат најдобрите практики за ублажување на влијанијата од процесот на енергетското планирање и зонирање врз земјоделските површини. Во процесот на планирање и донесување на одлуки, приоритетот треба да биде кон зачувување на квалитетно и плодно земјоделско земјиште.

Затоа, препораката кон надлежните институции е да се даде приоритет на деградираното земјиште за развивање на енергетски прроекти. Кога се идентификуваат најсоодветните локации за развој на нови енергетски проекти од обновливи извори, првенствено треба да се разгледаат можностите за деградираното земјиште. Присуството на отрови во почвата, близината до локалното население и други ограничувачки фактори треба да бидат разгледани пред да се направи избор на локацијата. Но, дотолку е важно да се работи на ремедијација и отстранување на токсичните материи, а потоа на истите места да се постават енергетски инсталации. Со тоа се отстранува негативното влијание од токсините и штетните материи, а локацијата сепак се користи за јавна придобивка.

Дополнителни информации

Прочитајте повеќе за Еко Енергетско Планирање.