by Stojan | Aug 21, 2019 | Енергија, Соопштенија
Неодамнешната изјава на Вице премиерот за економски прашања г-н Кочо Анѓушев дека нашата држава пројавила интерес во инвестиција во бугарската нуклеарна централа „Белене“ предизвика реакции од македонските граѓански организации.
Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ остро реагира на ваквата намера бидејќи смета дека од ваквата инвестиција државата и граѓаните нема да имаат никаква полза.
Од Белене нема да имаме никаква придобивка
Процесот на градба од одобрување на таков проект во најдобар случај трае околу 5 години. Кога на тоа ќе се додаде периодот за добивање на сите потребни дозволи, времето кое треба да помине додека македонските граѓани ги добијат првите киловатчасови електрична енергија од оваа електрана значително се зголемува и може да достигне и 10 години. Истовремено не се зголемува нашата енергетската сигурност бидејќи овој капацитет ќе биде изграден во друга држава.
Во меѓувреме, Македонија има приоритетен процес на гасификација на кој, независно од несогласувањето на граѓанските организации кои работат на полето на животната средина, постојано се инсистира како мерка за намалување на загадувањето на воздухот и како на еколошки проект (иако тој процес во ниеден случај не може да се нарече еколошки поради повеќе аспекти – влијание врз климата, локални влијанија врз животната средина, влијанија врз животната средина во местата на екстракција на гасот).
Ако се приоретизира користењето на гасот, многу подобра варијанта е негово комбинирано користење за производство на електрична и топлинска енергија, со што граѓаните би имале двојна корист – нешто што не е случај со инвестиција во нуклеарна централа во друга држава.
Белене- Заробена инвестиција
Инвестирање во нуклеарна централа не е споменато во верзијата на енергетската стратегија која беше консултирана со граѓанскиот сектор и која се очекува есенва да биде усвоена од страна на Владата. Еко-свест, која беше дел од консултативниот панел за стратегијата е категорично против ваквиот проект и учеството на државата или на ЕСМ во ваква заробена инвестиција.
Дополнително, во 2012 година Владата има донесено мораториум за изградба на нуклеарна електрана, што би значело дека јавните пари од македонските граѓани не треба да се користат за изградба на нуклеарни капацитети.
Со вложување на средства во ваков голем проект чија градба ќе трае многу долго и ќе испорача струја дури по период од најмалку 10тина години ние ги заробуваме средствата кои инаку можеме да ги вложиме во одржливи системи за производство на електрична енергија и во енергетска ефикасност. Воедно, со вложување во нашата држава, овозможуваме вработувања и енергетска сигурност и независност, што нема да е случај со вложувањето во „Белене“.
Она што никој нема да го објави јавно е дали нашата држава доколку влезе во финансиската конструкција на новата нуклеарна централа воедно ќе треба да понесе одговорност и за генерираниот нуклеарен отпад?
Што е со јавниот интерес?
Владата пројавува интерес преку Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) која е во државна сопственост. Токму поради фактот што ЕСМ е државна компанија таа треба своите инвестиции да ги прави согласно Стратегијата за развој на енергетиката и мора при тоа да го земе предвид интересот на граѓаните на државата.
Со либерализацијата на енергетскиот пазар, ЕСМ е во можност да инвестира во проекти кои ги смета за прифитабилни. Сепак, не станува збор за приватна компанија и оттука, интересите на нашите граѓани од аспект на безбедност, независност на снабдувањето со електрична енергија и одржливоста на системот треба да се приоритетни во донесувањето на одлуките за идни инвестиции.
by Stojan | Aug 18, 2019 | Повици
Вовед
Преку финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање- Програма за распределба на финансиски средства за граѓански организации, Еко-свест го спроведува проектот „Стратегија за долгорочно справување со аерозагадувањето“ во чии рамки е потребно ангажирање на експерти.
Проблем
На национално ниво до сега нема изработено една долгорочна стратегија за справување со аерозагадувањето која системски ги опфаќа сите сектори и дава јасни чекори, мерки и извори на финансирање со кои се постигнуваат конкретни цели во дадена временска рамка. Планот за чист воздух е добар почеток но е краткорочен и опфаќа само дел од секторите кои треба да бидат земени предвид при системското решавање на овој проблем.
Воедно, Град Скопје во 2017 има изработено план за подобрување на квалитетот на воздухот во агломерација Скопски регион и краткорочен акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје и општините во град Скопје каде има релевантни мерки, меѓутоа се тешко спроведливи од неколку причини: недостиг од координација на институциите во неколку нивоа на донесување одлуки, неконсолидирани извори на финансирање, ограничени капацитети на институциите и сл. Воедно, ваквите планови честопати се изготвуваат без учество на експертската јавност и граѓаните, како и бизнис заедницата што ги прави уште потешки за спроведување, бидејќи голем дел од мерките би требало да вклучат системска комуникација и подигнување на јавната свест од сите вклучени чинители.
Цел
Целта на проектот е поднесување на иницијатива до Владата на Република Македонија за изработка на долгорочна Стратегија за справување со аерозагадувањето по изработен концепт и идеја во соработка со сите засегнати чинители.
Специфичните
цели на проектот се:
- Подобрување на соработката помеѓу сите релевантни чинители кои имаат надлежности во подобрување на квалитетот на воздух.
- Создавање на спроведливи мерки за подобрување на квалитетот на воздухот поткрепени со експертски решенија и обезбедени финансии.
Задача
Задачата
на експертот/ите ќе биде:
- Организирање
и спроведување на консултативни состаноци со надлежните институции- членови на
Интерсекторска работна група за аерозагадување
- Конципирање
на идејата и предлог содржината на идната Стратегија врз база на собраните
мислења и ставови на консултираните,
- Спроведување
на кратко испитување на јавното мислење по ова прашање
- Презентација
на концептот за иницијативата на работилница со сите надлежни и засегнати
страни и институции
- Подготовка
на презентација со концептот (долга и кратка верзија)
- Подготовка
на краток извештај за спроведените активности
За оваа задача ќе се ангажираат најмногу 2 експерти.
Рокови
Активностите треба да се спроведат почнувајќи од 2 септември и да се завршат најдоцна до 30 октомври 2019 година.
Каде да се пријавите?
Заинтересираните
кандидати треба да испратат своја биографија и понуда со образложение на бројот
на денови за спроведување на активностите и вредност на ангажманот, најдоцна до
29 август 2019 година. Пријавувањето треба да се направи на е-маил [email protected], а во насловот
на пораката треба да се назначи „Пријава“.
Кандидатот/ите кои ќе
бидат избрани ќе бидат известени најдоцна до 31 август по електронски пат.
by Elena Nikolovska | Aug 16, 2019 | Клима, Повици
Во рамки на шемата за регрантирање која е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ финансиран од Европската Унија и спроведуван од Еко-свест, ЦНВП Македонија и Движењето на екологистите на Македонија, на принцип на јавен повик за доделување на мали грантови за граѓански организации избрани се 10 подгрантисти.
Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ како општа цел има зајакнување на влијанието и вклученоста на граѓанското општество во процесите на донесување на одлуки и во клучните реформи за поддржување на процесот на пристапување кон ЕУ.
Информираме дека заклучно со истекот на рокот за пријавување на 31.05.2019 пристигнаа вкупно 63 проектни апликации. Комисијата за избор составена од пет члена ги селектираше следните 10 апликации:
- Здружение за заштита, едукација и промоција на храна Слоу Фуд Водно – Скопје, проект „Храна за промени“,
- Движење за околината Молика – ДОМ Битола, проект „Иднина за климата – одлучи и дејствувај“,
- Здружение за одржлив развој и заштита на животна средина ГОУ ГРИН Скопје, проект „Училишта на сончева енергија“,
- Здружение за слободен развој на мислата Сакам да кажам – Скопје, проект „Сакам Зелено“,
- Еколошко Здружение – Движење Еко Герила Тетово, проект „Полог против климатските промени“,
- Национално здружение на сопственици на приватни шуми Берово, проект „Зборувај гласно делувај јасно“,
- Балканска фондација за одржлив развој – Скопје, проект „Да зборуваме за климатските промени и иднината на виновата лоза и виното“,
- Здружение за екологија и заштита на животната средина Еко Тим Исток – Кочани, проект „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени“,
- Здружение на пчелари „Трмка“ – Старо Нагоричане, проект „Со пчелите и медоносната флора во борба со климатските промени“,
- Зелената Арка – Скопје, проект „Агриколаб – платформа за колаборативни агроеколошки пракси“.
Избраните подгрантисти делуваат во 6 различни плански региони во
земјата, а проектите опфаќаат повеќе аспекти релевантни за климатските
промени – храна, прилагодување кон климатски промени, млади, медиуми,
води, шуми, земјоделие, отпад, урбана екологија.
Подгрантовите ќе се спроведуваат во наредните 6 до 12 месеци, а
средствата доделени по организација се движат помеѓу 8000 и 12000 евра
за целиот проектен период.
Им честитаме на организациите добитници на грантовите и им посакуваме успешно спроведување на проектните идеи!
Најнови коментари