Построги и системски мерки за загадениот скопски воздух

Построги и системски мерки за загадениот скопски воздух

Скопје, 28 декември 2021 – Еко-свест со особено внимание ја следи состојбата со влошениот амбиентален воздух во Скопје, како и јавната дебата која доминантно се води преку призмата на тесно-партиски ставови и обвинувања. Воздухот кој сите ние го дишеме нема партиска позадина, а релевантните чинители и одговорни институции треба да вложат многу позасилени напори и во континуитет да работат на изнаоѓање системски одржливи решенија со кои аеро-загаденоста во Скопје континуирано ќе се намалува, а со тоа ќе се намалат и ризиците по здравјето на Скопјани.

Во таа насока, сметаме дека голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата. Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 г. и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека
истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден.

Истовремено, мора посериозно и поинтезивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје (и државата).

Потребно е да се започне со децентрализирани системи за греење на обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што се уште немаат интегрирана еколошка дозвола.
Сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање и со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси. Само на овој начин ќе стигнеме до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели.

Истовремено, Еко-свест апелира и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно
планирање. Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како
независен финансиски механизам.

#

За дополнителни информации и контакти:
Кирил Ефремовски, координатор за односи со јавноста
070/355-363, [email protected]

Според Државниот завод за ревизија, голем дел од малите хидроцентрали се нелегални

Според Државниот завод за ревизија, голем дел од малите хидроцентрали се нелегални

Oчекуваме и бараме да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки.

Скопје, 21.12.2021 година – Еко-свест и Македонското здружение на млади правници ја поздравуваат извршената ревизија на Државниот завод за ревизија во врска со искористувањето на водните ресурси за производство на електрична енергија. Ние како организации, повеќе години реагираме во врска со сериозните прекршувања во постапките за издавање на концесии. Со тоа, голем број од издадените концесии за малите хидроцентрали се издадени надвор од правната постапка, a се констатираат и серизни прекршувања, што ја доведува во прашање законитоста на нивното постоење.

Во извршената ревизија на ДЗР за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, е даден целосен преглед и постапка за издавање концесии за мали хидроцентрали и се утврдени сериозни прекршувања на постапката за издавање на концесии. Се воочуваат низа сериозни прекршувања од постапката на издавање концесии до подготовката на стратешките документи, се до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Ревизија воочува сериозни прекршувања на постапката за издавање концесии, од подготовката на стратешките документи врз чија основа се издаваат, до моментот на пуштање во употреба на малите хидроцентрали.

Стратегиите за развој за енергетиката и за искористување на обновливите извори врз чија основа се издадени најголем дел од концесиите се без стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

Комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед наобјектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска. Тие не прооизведуваат правно дејство, и според ова зафаќањето на вода за производство на електрична енергија е исто така незаконско.

„Извештајот на ДЗР уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина.
Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население.“ изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекцискиските служби.

Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници дополни дека „Неспроведувањето на оцена на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе.“

МЗМП во соработка со Еко свест и понатаму ќе ги следи ваквите состојби и ќе ги користи сите расположливи правни механизми за заштита на животната средина, но истовремено им нуди на граѓаните и локалните граѓански организации можност за правно советување за овие прашања преку изготвување на правни мислења за конкретна МХЕ. Дополнително, согласно наодите од ДЗР, очекуваме и бараме да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на нашите реки.

За дополнителни контакти и информации:
Ѓорѓи Митревски, координатор во Еко-свест
Тел: 071 232 103
Email: [email protected]
Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници
Тел: 074 601 004, Еmail:[email protected]

ОТВОРЕН ПОВИК за изработка и спроведување на комуникациска и PR кампања

ОТВОРЕН ПОВИК за изработка и спроведување на комуникациска и PR кампања

Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест” од Скопје, во рамки на проект финансиран од “The Nature Conservancy(TNC)” има потреба од ангажирање на компанија/или конзорциум од компании за изработка и спроведување на комуникациска и медиумска кампања(PR).

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА

Цел на активноста е спроведување на кампања за информирање и едукација на граѓаните за тековните процеси и потенцијали на енергетско планирање во земјата, согласно актуелната енергетска стратегија. Таа треба да ги комуницира потенцијалните проекти за развој на капацитети за искористување на обновливи извори на енергија (енергија со низок степен на негативно влијание врз природата).

Кампањата треба да влијае кон зголемување на свесноста на граѓаните за важноста од спроведување соодветен процес на енергетска транзиција, кон капацитети со најмало негативно влијание врз животната средина (кампања за енергетско планирање).

Кампањата ќе се користи за комуницирање на заклучоците и анализата (истражување) на ставови на чинителите за развој на капацитети за енергија (обновливи извори на енергија) со пошироката јавност, која ќе и биде презентирана на избраната компанија.

ЗАДАЧИ

Компанијата/организацијата треба:

1. Да соработува и да ги следи насоките за изработка и спроведување на кампањата од лицето назначено за комуникација од страна на Еко-свест;

2. Да изработи креативен визуелен идентитет и пораки на кампањата, со видео инфографици и анимации, дигитални гифови, флеш банери и сл. да достави дигитален маркетинг план, а во согласност со добиените насоки од Еко-свест;

3. Да го презентира дигиталниот маркетинг план и визуелен идентитет на кампањата пред Еко-свест и да го модифицира во согласност со дадените насоки од Еко-свест;

4. Да обезбеди соодветен PR и медиумски пласман на продуктите од кампањата и соодветно претставување според одобрен PR план;

5. Во координација со Еко-свест да организира еднодневен настан до 30лица со релевантни државни чинители и засегнати страни на крајот на месец февруари;

5. Да ја спроведе медиумска кампања во времетраење од три месеци.

ВРЕМЕНСКА РАМКА

Времето на изработка на деталните креативни решенија, вклучувајќи го и дигиталниот маркетинг план е 15 (петнаесет) дена по потпишување на Договорот.

Времето на спроведување на кампањата е три месеци по одобрување на дигиталниот маркетинг и PR план.

Времето на доставување на детален извештај за постигнатите резултати е најдоцна 15 дена по завршување на кампањата.

Вредноста на договорот не може да надмине 615.000 денари во бруто износ.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

При аплицирањето, компаниите/организациите треба да достават:

  1. Опис на компанијата со портфолио на реализирани кампањи за дигитални медиуми со посебен осврт на теми од животна средина, климатски промени, енергетска транзиција, енергетска ефикасност, енергетска сиромаштија.
  2. Краток опис на предлог креативни решенија и дигитален план;
  3. Тековна состојба не постара од 6 месеци ;
  4. Финансиска понуда по ставки (види Анекс 1)

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

КРИТЕРИУМИ ЗА ПРИЈАВИТЕ

  1. Активна компанија/организација или конзорциум од компании, која е формирана согласно Законите во Република Северна. Македонија и постои најмалку 3 години. Во случај на пријава на конзорциум на повеќе компании или подизведувачи, договор ќе биде склучен со еден носител, во име на конзорциумот.

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Евалуационата комисија ќе ги извести само оние кандидати чија понуда ќе биде избрана. Кандидатите ќе бидат оценувани по следните критериуми:

– Претходно искуство: 60 поени

– Понудена цена: 40 поени

Вкупно: 100 поени.

Договор ќе биде склучен со онаа компанија/конзорциум со најголем број освоени поени во сооднос квалитет на понуда и цена.

ПРИЈАВУВАЊЕ

Комплетната понуда, заинтересираните треба да ја испратат на еmail: [email protected] најдоцна до 30 декември 2021, 16:00 часот со назнака „Пријава за спроведување комуникациска и PR кампања“.

Некомплетни понуди или оние понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.

Повеќе информации можете да добиете на email: [email protected] или на 02 321-7246.

ОТВОРЕН ПОВИК за изработка и спроведување на комуникациска и PR кампања

ОТВОРЕН ПОВИК за Превод на стрипови

Центарот за истражување и информирање за животна средина Eко-свест од Скопје во рамки на проектот „Подигнување на свесноста за праведна транзиција и обновливи извори на енергија како решенија за напуштање на јагленот“ има потреба од ангажирање на преведувач/и за превод на стриповите од едицијата Тим Еко.

ЦЕЛ НА АКТИВНОСТА

Цел на активноста е превод на стриповите од серијата Тим Еко од македонски јазик на албански, англиски, бошњачки, српски и црногорски јазик.

ЗАДАЧИ

Преведувачот или преведувачкото биро треба да даде финален производ – превод на текстот на двата стрипови од серијата Тим Еко на 5 (пет) јазици и тоа:

  • Албански јазик;
  • Англиски јазик;
  • Бошњачки јазик;
  • Српски јазик;
  • Црногорски јазик.

Стриповите кои треба да се преведат се наоѓаат на долунаведените врски:

Тим Еко Епизода 1: Tim_EKO_strip_web.pdf (ekosvest.com.mk)

Тим Еко Епизода 2: https://ekosvest.com.mk/wp-content/uploads/2021/12/Tim_EKO_strip2.pdf

ВРЕМЕНСКА РАМКА

Периодот за реализација на оваа активност изнесува 1 месец од потпишување на договорот, а не подоцна од 31.01.2022 година.

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

При аплицирањето, апликантите треба да достават:

  1. Понуда со финансиска понуда
  2. Референтна листа на релевантни преводи (искуство со преводи на стрипови и поезија ќе се смета за предност, да се испрати и кус извадок од превод)
  3. Биографија (CV)

На повикот можат да аплицираат индивидуални преведувачи или преведувачки бироа.

Во зависност од капацитетите и искуството, апликантите можат да се пријават за изработка на превод само на еден, на неколку или на сите наведени јазици, но во апликацијата треба јасно да биде наведено за кои од бараните јазици се аплицира, а во финансиската понуда да биде специфицирана цената по јазик со вклучен ДДВ (доколку аплицира фирма) или со вклучен персонален данок (доколку аплицира физичко лице).

Целокупната документација треба да биде доставена на македонски јазик во електронска форма.

Еко-свест го задржува правото да ги задржи документите на апликантите во базата на потенцијални соработници за користење во иднина.

КРИТЕРИУМИ ЗА АПЛИКАНТИТЕ

  1. Докажано искуство во писмено преведување (се докажува со биографија и референтна листа)
  2. Познавање на стрип културата и/или претходно искуство во превод на стрипови ќе се смета за предност (се докажува со извадок од направен превод, доколку постои и со соодветна референца во наративниот дел на понудата)

ЕВАЛУАЦИЈА НА КАНДИДАТИТЕ

Еко-свест ќе ги извести само оние кандидати чии понуди ќе бидат селектирани. Доколку проектниот тим смета дека е потребно, Еко-свест пред избирањето на успешните кандидати може да ги повика истите на разговор.

Договор ќе биде склучен со кандидатите кои ќе бидат проценети од проектниот тим како најсоодветни за превод на ваков тип на материја.

ПРИЈАВУВАЊЕ

Комплетната понуда апликантите треба да ја испратат по електронска пошта на [email protected] најдоцна до 27 декември 2021 година во 16:00 часот со назнака „Апликација за превод на стрип“.

Некомплетни понуди или понуди испратени по предвидениот рок нема да бидат земени предвид.

Дополнителни информации или појаснувања можете да добиете на [email protected] најдоцна до 24.12.2021 година во 16 часот. Пораките за барање информации треба да ја содржат назнаката „барање информации за повик за превод на стрипови“.

ПРЕС СООПШТЕНИЕ   Бернската Конвенција со нова препорака за Северна Македонија – откажување на сите одобрени и планирани хидроцентрали во заштитените подрачја

ПРЕС СООПШТЕНИЕ   Бернската Конвенција со нова препорака за Северна Македонија – откажување на сите одобрени и планирани хидроцентрали во заштитените подрачја

Скопје, 03 декември 2021 година  – Комитетот на Бернската Конвенција, на овогодишното собрание, усвои нови препораки кои се однесуваат за Националниот парк Маврово, мрежата на Емералд подрачја, Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, а се препорачува откажување на сите одобрени и планирани хидроцентрали во заштитените подрачја во Република Северна Македонија.

Изградбата на хидроцентрали во Маврово е предмет на вниманието на Бернската Конвенција за заштита на дивиот свет и живеалишта од европско значење од 2013 година кога Еко-свест поднесе жалба, стравувајќи дека изградбата на овие хидро-проекти ќе го уништи паркот.

Случајот за Маврово секоја година е на дневниот ред на Комитетот на конвенцијата почнувајќи од 2014 година кога се усвои и првата препорака за нашата земја-стопирање на сите хидро проекти сѐ додека не се изготви Стратегиска оцена на влијанието на истите со проценка на кумулативното влијание. Од тогаш нашата Влада одлучи да ги суспендира контроверзните проекти Бошков мост и Луково поле, но продолжи со одобрување на концесии за изградба на мали хидроелектрани. Воедно, Националниот парк Маврово спротивно на домашните закони, сѐ уште не е прогласен за национален парк и нема законска рамка во која треба да се управува.

Поради недостиг од суштински прогрес, минатата година Комитетот одлучи да испрати експертска мисија и ги испита состојбите не само со Маврово, туку и со Охрид и Галичица, како и со целата мрежа на заштитени подрачја кои се под закрила на оваа Конвенција.

„Како резултат на експертската мисија и извештај, беа дефинирани серија на препораки кои се однесуваат на многу различни аспекти од областа на заштитата на природата, па така, освен препораката за откажување на сите одобрени и планирани хидроелектрани во државата, препораки има за правилната примена на европската рамковна директива за води, државно финансирање на заштитените подрачја, усвојување на план за заштита на Балканскиот рис, забрзување на постапката за ре-прогласување на Маврово и зајакнување на стандардите во оценката на влијанијата на инфраструктурните проекти врз животната средина. Сите овие препораки се клучни и соодветни, всушност, за овие проблеми многупати сме реагирале и до институциите и во јавноста. Сега, откако се врамени во препорака од Бернската Конвенција сметаме дека Владата ќе мора да ги прифати како приоритети и да го насочи вниманието кон нив“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, подносител на жалбата за Маврово.      

Новата препораката се однесува на оние проекти, кои добиле концесии но сѐ уште не се изградиле, што значи дека се очекува Владата да ги раскине договорите во тие случаи.                                               

Инаку, препораките од Бернската Конвенција се од политичко значење за државите-потписнички и даваат насоки за делување. Неопходно е државите да одговорат на препораките со промени во своите политики, закони и пракси со цел да ги исполнат истите. Во случајот со Маврово, но и со неконтролирана изградба на мали хидроцентрали на речните текови, оваа препорака дава јасен сигнал дека досегашната пракса на доделување концесии за мали хидроцентрали во заштитени подрачја мора да се напушти.

За дополнителни информации и контакти:                                                                      

Ана Чоловиќ Лешоска, тел: 072-726-104