Од мали промени во животните навики до зелена трансформација во општеството – „Еко – свест“ и мрежата CEE Bankwatch со студии за поголема свесност околу зачувување на животната средина

Од мали промени во животните навики до зелена трансформација во општеството – „Еко – свест“ и мрежата CEE Bankwatch со студии за поголема свесност околу зачувување на животната средина

Скопје, 21.09.2022 – Заштитата на животната средина е глобален и комплексен предизвик којшто ги засега сите сегменти од животот на човекот, особено економскиот живот, што е и главната причина за сегашната состојба на животната средина. Балансирање на економските и социјалните влијанија врз животната средина, станува императив на јавните политики на современото општество. Оттука, развојот во 21-виот век треба да се заснова на рационално користење на природните ресурси, со минимални и реверзибилни штети врз животната средина.

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје веќе две децении активно работи на одржливиот развој, заштитата на животната средина и поттикнување зелена трансформација во општеството.

Оваа есен, „Еко-свест“ во соработка со мрежата „CEE Bankwatch“, ќе објави две студии на тема „Анализа за алтернативи за централното греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“ и „Данок на јаглерод“.

Податоците од овие студии очекуваме да поттикнат поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуки поврзани со начините на загревање во домаќинствата, но, и да се информираат за алтернативите кои би го подобриле нивниот квалитет на живот, а би ги подобриле и состојбите во животната средина.

Енергетската ефикасност е процес на намалување на потрошувачката на сите видови енергија додека се подобрува квалитетот на живот, што значи трошење помалку енергија за иста количина на производи или услуги.

Така на пример, можете да земете класична сијалица, која најголем дел од електричната енергија којашто ја користи ја претвора во топлина, иако нејзината главна цел е да ја претвори електричната енергија во светлина. Затоа, класичната сијалица е енергетски неефикасна, за разлика од новите генерации на „штедливи светилки“, кои поголемиот дел од електричната енергија што ја трошат ја претвораат во светлина.

Доколку, пак, електричната енергија која ја трошат доаѓа од одржливо искористени обновливи извори, како што се сонцето или ветерот, тогаш енергијата која ја користи таа светилка истовремено е најмалку штетна за животната средина и здравјето на луѓето.

На истиот овој начин, преку инвестирање во одржливи начини на греење како што се инвертер климите, особено со нивно комбинирање со кровни соларни панели со кои се обезбедува енергија за нивното работење, се создава еден исклучително ефикасен систем за загревање на домаќинствата кој носи големи заштеди на долг рок. Придобивките од ваквите системи може повеќекратно да се зголемат со здружување на неколку домаќинства во таканаречени енергетски заедници каде што со заедничка инвестиција ќе создадат мал енергетски систем за сопствените потреби. Ова секако треба да е пропратено и со обезбедување енергетски ефикасна топлинска изолација на објектите коишто се загреваат.

На овој начин придонесуваме за севкупно намалување на потрошувачката, зачувување на животната средина, подобрување на личната удобност и животниот стандард, и што е најважно, придонесуваме за позитивни промени и навики во околината и општеството.

„Еко-Свест“ како центар за истражување и информирање за животната средина апелира на вклучување на секоја единка да инвестира во процесот на зачувување на животната средина и менување на навиките кои ќе доведат до поздрав живот за сите.

Под покровителство на Претседателот Пендаровски одбележана 20 годишната работа на Еко-свест

Под покровителство на Претседателот Пендаровски одбележана 20 годишната работа на Еко-свест

Во рамки на 20 годишнината од формирањето и работата на Еко-свест, вчеравечер во Скопје организиравме свечен настан. Одбележувањето на дваесет годишното постоење на организацијата беше под покровителство на Претседателот г. Стево Пендаровски.

Во своето обраќање, Претседателот Пендаровски ја потенцираше улогата на Еко-свест како една од водечките организации во државата во областа на заштитата на животната средина и јавното здравје, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, а активно се залага за намалување на последиците од климатските промени.

На свеченоста концептуално беше претставен и дел од работата на Еко-свест преку хронолошки историјат на бројните и значајни активности реализирани низ минатите две децении работа.

За долгогодишна посветеност и работа во унапредувањето на животната средина, природата, одржливиот развој, јавното здравје и објективното информирање на јавностата, со посебни благодарници беа наградени академик Владо Матевски, проф. д-р Трајче Стафилов, д-р Диме Меловски, проф. д-р Сашка Петрова, проф. д-р Драган Ѓорѓев и Ана Петрушева.

Еко-свест се заблагодарува на сите поранешни и сегашни соработници, пријатели, колеги, партнери и поддржувачи за досегашната соработка.

Директорката на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска во својот поздравен говор потенцираше дека работата во организацијата е всушност начин на живот за вработените. Тие несебично се трудат да придонесат во унапредувањето на заштитата на животната средина, подобрувањето на јавното здравје и еколошкиот активизам.

Во своето дводецениско работење, Еко-свест реализираше над 80 проекти, спроведе бројни кампањи кои досегнаа до над 1,2 милиони граѓани и издадовме над 100 релевантни публикации.

Како што порача и Претседателот Пендаровски, во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија.

20 години Еко-свест

20 години Еко-свест

На 09 септември 2002 година е формиран Центарот за истражување и информирање во животната средина Еко-свест од Скопје.

Во минатите две децении активно работевме на одржливиот развој, заштитата на животната средина и поттикнувавме зелена трансформација на општеството.

Предизвиците и постигнувањата во минатите дваесет години активна работа се дополнителен мотив – во следниот период да постигнеме уште повеќе и заеднички да придонесме за поздрава и почиста животна средина и одржлив развој.

Септември е месецот на одбележување на нашиот роденден и 20 годишното постоење. Следете ги нашите социјални медиуми  и веб страницата за настаните кои ги организираме во следните недели и за објавите со кои заеднички ќе се потсетиме на нашите постигнувања.