Повторно оживување на реките во Македонија

Повторно оживување на реките во Македонија

Реките и живиот свет во и околу нив не познаваат административни граници, ниту ги разбираат бариерите кои им ги поставуваме на патот, честопати и без некоја посебна причина. Водотеците така постепено се сведуваат на базени со вода, а без живот.

Каскадите кои се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници се едни од тие пречки. Тие го оневозможуваат природното движење, го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.

Дали се тие навистина потребни и доколку не, како можат да се отстранат? Ова е прашањето кое Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест ќе го одговори преку теренски и други детални истражувања во сливот на реката Пчиња.

Ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанија врз биодиверзитетот, социо-економско значење и правен статус. Сите собраните податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување.

Однапред програмиран симулатор ќе овозможи проценка на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување, што на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното позитивно влијание врз екосистемот.

„Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјата.Базата на податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за идните проекти поврзани со реставрација на реките“, изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедници од Еко-свест.

„Овој проект е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.

Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени за реставрација на реките“. Додаде Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Целта е да се развие национално применлива методологија и база на податоци со симулатор за идентификација на приоритетни бариери за отстранување со користење на сливот на реката Пчиња како студија на случај.

Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението Геобалканика со поддршка на Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.

Финансирањето од програмата Отворени реки е 67.200,00 евра (шеесет и седум илјади и двеста евра) за 12 месеци.

На крајот од проектот ќе биде изготвена научна студија која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.

За повеќе информации, Ве молиме контактирајте со:

Ана Чоловиќ Лешоска

+38972726104

[email protected]

Енергетскиот развој не смее да биде на штета на природата!

Енергетскиот развој не смее да биде на штета на природата!

Зголемената потреба од производствени капацитети од обновливи извори на енергија неизбежно ќе доведе до искористување на големи површини на земјиште, но, со оглед на тоа што целта на овие проекти е да се намали загадувањето и негативното влијание врз животната средина, ваквите проекти треба да се планираат внимателно. Ова значи дека предложените проекти што би се преклопуваат со териториите на заштитените подрачја и вредни природни реткости треба да се отфрлат уште во најрана фаза на планирање. Со тоа, можноста за штета се сведува на минимум- се заштедува време и ресурси при планирањето, а со тоа и проектите стануваат поисплатливи и побезбедни.

Во периодот од јануари до февруари 2023, Министерството за транспорт и врски спроведува јавни консултации во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење односно површински соларни и фотоволтаични електрани на површина од 734,63 ха на територијата на Општина Штип. Голем дел од оваа површина се преклопува со подрачјето Долна Брегалница кое изобилува со природни вредности и е предложено за заштита согласно Законот за заштита на природа, Емералд подрачје согласно Конвенцијата за заштита на дивите видови и живеалишта во Европа (Бернска конвенција), и идно Натура 2000 подрачје согласно Директивата за живеалишта на ЕУ. Ваквата планска документација е спротивна на целите на намалувањето на влијанијата врз животната средина и штетите врз природата. Ова е особено значајно бидејќи живеалиштата кои што се предложени за заштита во тој предел се карактеризираат со ниска вегетација и специфични типови на солени почви кои што се значајни за заштита на Европскиот континент, а кои што при спроведување на активностите од планската документација ќе бидат целосно деградирани, и ќе предизвикаат влијанија кои што е многу тешко да се избегнат со какви било мерки за ублажување. Дополнително, спроведувањето на планската документација ќе предизвика прекршување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија и нарушување на процесот на пристапување кон ЕУ.

Планираната локацијата содржи природни вредности кои што треба да се зачуваат, а спроведувањето на овој проект ќе нанесе неповратна штета. Поради овие аспекти, нашата препорака е дека овој проект не треба да се спроведе на оваа локација, но во интерес на зголемување на уделот на обновливи извори на енергија во енергетскиот систем, може да се разгледува негово спроведување на некое од веќе деградираните локации низ земјата.

Еко-свест има подготвено Принципи за паметно енергетско планирање, во кои е нагласено дека инвестициите во обновливи извори на енергија треба да биде приоритет, но не по цена на уништување на природните ресурси и загуба на екосистемите. Препораките за паметно енергетско планирање вклучуваат деградирани земјишта како локации за развивање на нови енергетски проекти од обновливи извори на енергија и избегнување на локации во заштитени подрачја бидејќи со тоа се нарушува примарната улога во обезбедување на нивна заштита.

Еко-свест во соработка со МАНУ подготви Студија и Методологија за користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија која може да биде од значење за планираниот проектен опфат. Во Студијата се идентификувани 5 локации на деградирани земјишта кои што би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од обновливи извори на енергија, а кои не се наоѓаат во заштитено подрачје од национално или меѓународно значење како што се Емералд подрачјата или идни Натура 2000,  национален парк или подрачје на заштитени птици или растенија.

Еко-свест подготви коментари и забелешки во врска со урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за група на класа на намена е-Инфраструктура, е1.13-површински соларни и фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци, општина Штип, (над 10 mw), предлог план, поднесени до Министерство за транспорт и врски на 24.02.2023.

Извор на фотографија: Стратегија за биолошка разновидност со акциски план на Република Македонија

Повик за експерт за енергетска ефикасност

Повик за експерт за енергетска ефикасност

Eнергетската криза предизвика неколку поскапувања на струјата за домаќинствата. Ова поттикна интерес за подобрување на енергетската ефикасност кај граѓаните и бизнисите. Воведување на постепено поскапување на електричната енергија дополнително отвори многу простор за работа на енергетската ефикасност за домаќинствата кои ќе сакаат да ја намалат сметката за електрична енергија. Енергетската ефикасност е една од областите со најмногу потенцијал за намалување на потребите за електрична енергија и со тоа намалување на емисиите на стакленички гасови на земјата. Според Државниот завод за статистика во 2014 година само 18% од домаќинствата имале одредена изолација, додека според студијата на УНДП „Анализа на практиките за греење на домаќинствата во Скопската Котлина“, 50,8% од зградите во Скопската Котлина немаат изолација, 42% имаат топлинска изолација под стандардите, а само 7,2% од анкетираните домаќинства живеат во згради со топлинска изолација според барањата на Правилникот со кој се регулира изградбата на нови згради, донесен во 2013 година. Затоа, Македонија планира да спроведе голем број политики и мерки во периодот 2020 – 2040 година, со цел да се намали потрошувачката на енергија во зградите (домаќинства, комерцијални и јавни), индустрискиот сектор, транспортниот сектор и да се намалат загубите енергетска трансформација, пренос и дистрибутивна мрежа.

Еко-свест за потребите на проект за забрзување на декарбонизацијата на земјата има потреба од експерт за изработка на анализа за степенот на усогласеност со ЕУ регулативата за енергетска ефикасност како би се утврдиле потребите за забрзување на имплементацијата на планираните мерки и политики како и анализа на фактичките можности за заштеда на електрична енергија на домаќинствата.

Експертот ќе биде одговорен да ја спроведе задачата „Изработка на ГАП анализа за степенот на усогласеност со ЕУ законодавството за енергетска ефикасност и основна анализа за можностите за подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата во Македонија“. Целта на оваа анализа е да ги покаже недостатоците и реалните потреби за започнување со имплементација на планираните мерки и политики за енергетска ефикасност на земјата. Врз основа на изработениот документ експертот ќе изработи извршно резиме подготвено за комуницирање со засегнатите институции и граѓани.

Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите треба да достават кратка биографија(CV) и финансиска понуда (бруто износ во МКД со вклучен персонален данок на доход), со прилог примерок или активен линк од најмалку 5 подготвени анализи, истражувања, прирачници, програми и слично. Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта до [email protected]: со назнака – Апликација за анализа за енергетска ефикасност најдоцна до 28 февруари 2023г. Повеќе информации за повикот може да најдете на следниот линк.

Листа на доделени грантови согласно повиците за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

Листа на доделени грантови согласно повиците за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“

По однос на завршените повици за доделување на грантови во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ објавени во ноември 2022 година, во периодот од февруари 2023 година до април 2024 година ќе бидат реализирани следните проекти. Избраните проекти опфаќаат различни региони во државата и различни локални потреби во секторот климатски промени. Во следниот период ќе биде објавен уште еден повик за дополнителни ад-хок грантови.

Доделени ад-хок грантови:

  • Здружение на производители на органски производи „Аронија“ Делчево – „Произведи храна во склад со природата и допринесувај во справување со климатските промени“
  • Центар за одржливи иницијативи – „Избираме вело-општина – избираме климатска акција“
  • Здружение за одржливо управување со природните ресурси НАТУРА ПРЕСПА Претор, Ресен – „Постигнување на неутралност на деградација на земјиштето и климатските влијанија на територијата на биосферен резерват Охрид – Преспа“
  • Аналитика Скопје – „Енегетска сиромаштија на агендата“

Доделени акциски грантови:

  • Македонска Соларна Асоцијација, Солар Македонија – „Енергетско ефикасни практики како решение за климатски промени“
  • Македонско еколошко друштво – „Воспоставување зелена комуна како модел за одржливо користење на ресурсите, зачувување на биодиверзитетот и намалување на влијанието на климатските промени во регионот на Илинска-Плакенска Планина“
  • Центар за Климатски Промени – „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“
  • Здружение за еколошко оддржлив развој Зелен Институт – „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“

Доделени институционални грантови:

  • Рурална Коалиција Кичево – „Локални партнерства за локални климатски акции“
  • Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин Скопје – „Младите за климатска акција и одржлив транспорт“
  • Здружение за слободен развој на мислата САКАМ ДА КАЖАМ – „САКАМ ЗЕЛЕНО – ДОПИСНА МРЕЖА“
  • Здружение Центар за одржлив развој на заедницата Дебар – „Младински Центар за климатски промени“
  • Центар за одржлив развој АЛКА – „Зелен раст и одржлив развој“
  • Здружение на граѓани – Ромаверзитас – „За поздрав и поурбан живот на Ромите“
  • Организирана Асоцијација на Младите – „Еко иднина за Гостивар“ 
Заедничка изјава за проширување на Емералд мрежата во земјите на Западен Балкан од научници и претставници на невладини организации

Заедничка изјава за проширување на Емералд мрежата во земјите на Западен Балкан од научници и претставници на невладини организации

Западен Балкан е еднo од глобалните жаришта на биолошката разновидност, особено во контекст на биодиверзитетот кој живее во речните екосистеми. Огромниот број на планини, речни и езерски крајбрежја во регионот се дом на бројни загрозени видови и значајни живеалишта со висок степен на ендемизам. Во нашиот регион, висок процент од реките во се во добра или недопрена состојба, значително над европскиот просек.

Ние, потписниците на оваа Заедничка изјава, веруваме дека правилно воспоставување на Емералд мрежата на Западен Балкан и развивање на планови за управување во Емералд подрачјата и други значајни подрачја за зачувување може да понудат можност за заштита за рибите и другите важни видови и живеалишта, со што ќе се зачува уникатната вредност на биолошката разновидност на реките во регионот.

Заштитените и обновени реки во регионот на Западен Балкан нудат одлична можност за одржлив развој на локалните заедници кои живеат покрај речните крајбрежја. Тие се извор на вода за пиење, храна, вода за наводнување, спречуваат поплави, ја регулираат климата, нудат можности за развој на риболов, водни спортови и екотуризам, со што се зајакнуваат односите и соработката помеѓу земјите, научниците, инстицуиите, бизнисите и невладините организации.

Во почетокот на декември 2022 година, 39 научници и претставници на невладините организации од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Швајцарија, учествуваа на онлајн вебинарот за мапирање на нови Емералд подрачја. Преку вебинарот беше подготвена Листа во сенка и мапа на 88 Емералд подрачја кои треба да бидат додадени на Емералд мрежата во земјите потписнички на Бернската Конвенција. Резултатите се засновани на последните достапни податоци и информации за дистрибуцијата и зачувувањето на повеќе од 50 видови риби од европско значење.

Преку Листата во сенка на Емералд подрачјата и мапите за нивната локација, сакаме да ги охрабриме и поддржиме властите во регионот да го завршат процесот на управување со подрачјата од Емералд мрежата. Се залагаме за практична примена на критериумите на Емералд мрежата и овој процес го препознаваме како неопходен чекор во пристапувањето кон Европската унија, особено бидејќи Емералд подрачјата ќе станат дел од Натура 2000 мрежата.

Како членови на Советот на Европа и потписници на Конвенцијата за зачувување на дивиот свет и природните живеалишта (Бернска конвенција), 5 од земјите од Западен Балкан мора да воспостават Подрачја од посебен интерес за зачувување како дел од функционирањето на Емералд мрежата. Оваа барање од Советот на Европа е дел од Бернската Конвенција, а воспоставување на Емералд мрежата на национално нив се смета за една од основните механизми за договорните страни да постапуваат во согласност со обврските од Конвенцијата.

Како договорни страни на Бернската Конвенција, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, во 2011 година ја комплетираа првата фаза за воспоставување на Емералд мрежата и предложија неколку подрачја кои треба да бидат вклучени. Од тогаш па се до денес, ниту една од овие земји не ја прошири првичната листа на подрачја, со што пропуштија да ги заштитат најголем број од реките и популациите на риби. Дополнително, најголем број од овие подрачја немаат планови за управување, систем за мониторинг, веродостојни податоци и ресурси. 

Зачувувањето на реките и со соодветно финансирање на Емералд мрежата во регионот на Западен Балкан е долгорочна задача која подразбира соработка помеѓу институциите, научниците, невладините организации, но и вклученост на локалните заедници кои живеат во околината или близината на Емералд подрачјата. Покрај придонесот кон исполнување на обврските од Бернската Конвенција, управувањето со Емералд подрачјата може да им помогне на земјите полесно да ги исполнат целите за зачувување на биодиверзитетот и екосистемите кои се утврдени во Зелената Агенда за Западен Балкан, како и Глобалната рамка за биодиверзитетот која беше усвоена во декември 2022 година во Монтреал на последната конференција на Конвенцијата за биолошка разновидност (COP 15).

Листата во сенка на Емералд подрачјата и мапите за нивните локации се дел од нашиот придонес во овој процес, со цел да им дадеме поддршка на властите да ги идентификуваат најважните локации за заштита на слатководните видови и живеалишта кои се дел од Резолуцијата 4 (1996) и Резолуцијата 6 (1998) на Бернската Конвенција. Подготвени сме да ги понудиме и заеднички да ги дискутираме деталните мапи на подрачјата кои треба да бидат вклучени во Емералд мрежата, листите на видови и живеалишта, како и стандардните податоци во ГИС формат за сите локации. За оние локации каде што недостасуваат податоци, стоиме на располагање да бидеме поддршка во спроведување на дополнителни теренски истражувања.

Конечно, ние, потписниците на оваа Заедничка изјава, би сакале да ги поддржиме властите да обезбедат проширување на Емералд мрежата која ќе овозможи значајни придобивки за локалните заедници и долгорочна заштита на најважните речни живеалишта во Европа.

Потписници на изјавата:

  1. Александра-Ања Драгомировиќ, Заменик претседател, Centar za životnu sredinu (CZZS), Босна и Херцеговина
  2. Амели Хубер, Раководител на проекти за заштита на слатководни живеалишта, Euronatur, Германија
  3. Ана Чоловиќ Лешоска, Извршна директорка, Центар за истражување и информирање за животната средина Еко- свест, Северна Македонија
  4. Андреј Ковачев, Експерт за Натура 2000 подрачја, Здружение за заштита на диви видови “Balkani”, Бугарија
  5. Андреј Ралев, Експерт за биолошка разновидност, CEE Bankwatch Network, Бугарија
  6. Андријана Миќановиќ, Биолог, Црногорско друштво на еколози, Црна Гора
  7. Авдул Адровиќ, Професор, Природно-математички факултет, Босна и Херцеговина
  8. Белма Каламујиќ, Виш научен соработник, Институт за генетичко инжиниерство и биотехнологија, Сараево, Босна и Херцеговина
  9. Џорџе Стефановиќ, Директор, Udruženje Dinarica, Босна и Херцеговина
  10. Душан Јелиќ, Претседател, BIOTA i Хрватски институт за биолошка разновидност, Хрватска
  11. Фридрих Вулф, Раководител на меѓународни политики за биолошка разновидност, Здружение “Pro Natura”/ “Friends of Earth”, Швајцарија
  12. Ѓорѓи Митревски, Координатор за поддршка на заедниците, Центар за истражување и информирање за животната средина Еко- свест, Северна Македонија
  13. Ирма Поповиќ Дујмовиќ, Директор на програма за слатководни живеалишта во Хрватска, “The Nature Conservancy (TNC)”, Хрватска
  14. Јелена Иваниќ, Заменик претседател, Centar za životnu sredinu (CZZS), Босна и Херцеговина
  15. Јелена Поповиќ, Генерален секретар, Црногорско друштво на еколози, Црна Гора
  16. Др. Јорг Фрејхоф, Експерт за слатководна биолошка разновидност, екологија и ихтиологија, Природнонаучен музеј во Берлин, Германија
  17. Др. Катерина Ребок, Редовен професор, Институт за биологија, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Северна Македонија
  18. Лаура Ана Јурман, Биолог, BIOTA и Хрватски институт за биолошка разновидност, Хрватска
  19. Др. Марија Смедеревац- Лалиќ, Виш научен соработник, Институт за мултидисциплинарни истражувања, Универзитет во Белград, Србија
  20. Др. Милица Ристовска, Редовен професор, Институт за биологија, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Северна Македонија
  21. Милија Чабаркапа, Директор, NVO Eko-tim, Црна Гора
  22. Наташа Миливојевиќ, Претседател, Еколошко здружение “Rzav“, Србија
  23. Олси Ника, хидробиолог, Извршен директор, NVO EkoAlbanija, Албанија
  24. Пенчо Пандаков, хидробиолог, Здружение на рибари “Balkanka”, Бугарија
  25. Спасе Шумка, хидробиолог, член на одбор, Организација за зачувување на животната средина “PPNEA”, Албанија
  26. Др. Стаматис Зогарис, биолог географ, Институт за морски биолошки ресурси и внатрешни води, Хеленски центар за истражување на морињата, Грција
  27. Др. Стивен Вајс, Вонредни професор, Институт за биологија, Универзитет во Грац, Австрија
  28. Страхиња Мациќ, правен експерт, Polekol/ Pravo na vodu, Србија
  29. Др. Тихомир Стефанов, Вонреден професор, Национален природен музеј во Бугарија, Бугарска академија на науките, Бугарија
  30. Тијана Величковиќ, член на експертски тим, Зружение “Ekomar“, Србија
  31. Улрих Ајхелман, Директор, НВО “Riverwatch“, Австрија