Започна студијата за валоризација на природните вредности на Демир Капија

Започна студијата за валоризација на природните вредности на Демир Капија

Еко-свест во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање го започна процесот за изработка на Студија за валоризација на природните вредности на Демир Капија, како прв чекор кон прогласувањето на заштитено подрачје во Демир Капија.

Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје во Демир Капија започна преку соработката на Еко-свест со меѓународната организација The nature conservancy во рамки на програмата „Заедно за реките“, која има за цел воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките, со намера да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности. Активностите во рамките на оваа иницијатива во нашата земја се насочени кон заштита на дел од демиркаписката клисура и долното течение на реката Вардар со нејзините притоки Бошава, Дошница, Иберлиска река, Клисурска реки и Копришничка река.

Во рамките на оваа иницијатива Општина Демир Капија потпиша Меморандум за соработка со Еко-свест и The Nature Conservancy, со цел постигнување дологорочна заштита на реките на територијата на општината, преку воспоставување заштитено подрачје и негово управување во соработка со локалните организации и населението. Министерството за животна средина и просторно планирање ја препозна и ја поддржа оваа иницијатива, и прогласувањето на заштитено подрачје во Демир Капија го стави во својата програма за 2024 година.

Студијата за валоризација, како прв и неопходен чекор во спроведувањето на процесот на прогласување на заштитено подрачје ќе се одвива во две фази. Во првата фаза започнаа тереските посети и изработката на тематските извештаи за некои таксономски групи (риби, макроинвертебрати, пајаци, водоземци и влекаци), како и за хидрологија на сливните подрачја на реките во Демир Капија. Во втората фаза, која ќе започне на почетокот на 2025 година ќе бидат изработени извештаите за останатите таксономски групи (цицачи, птици, лилјаци итн.), како и за геоморфолошките особености на подрачјето.

Студијата за валоризација треба да биде финализирана до крајот на 2025 година.

Подобрување на знаењата за еколошкиот проток на реките

Подобрување на знаењата за еколошкиот проток на реките

Практична обука за вработените во НП Маврово и НП Шар Планина

Еко-свест спроведе практична обука за зголемување на капацитетите на НП Маврово и НП Шар Планина за мониторинг на протокот на реките.

Обуката се спроведе на реката Бистрица во НП Шар Планина и Тресонечка река во НП Маврово. На обуката ренџерите, експертите и претставниците на Државен инспекторат за животна средина имаа можност да се запознаат со методологијата за мерење на проток на вода, при што беа извршени контролни мерења на протокот на вода од малите хидроцентрали.

Опремата за мерење на проток како донација ќе остане во сопственост на парковите, при што во иднина ренџерите ќе можат да вршат редовни мерења на протокот на реките и мониторинг на работата на малите хидроцентрали.

Работилница за управување со еколошки проток на реките

Еко-свест одржа работилницата за процедурите за утврдување и управување со еколошкиот проток на реките, на која присуствуваа претставници на националните паркови, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и други релевантни институции.
На работилницата, присутните имаа можност да се запознаат со актуелните европски и балкански практики за имплементирање на Рамковната директива за води, како и детално да се запознаат со критериуми за делинеација реките на водни тела и параметрите за постигнување на добра еколошка состојба на водните тела.

Во рамки на работилницата беа одржани и две практични вежби; првата, за квантификација на притисоците и нивното влијание врз статусот на водните тела, според препораките на Рамковната директива за води, а втората, за поврзување на хидроморфолошките влијанија со статусот на водното тело, преку квантифицирање на хидролошкиот ефект врз водните тела како резултат на економско искористување на водите.

Со граѓанска наука до подобар мониторинг на реките

Преку користење на апликацијата CrowdWater, сите граѓани ќе имаат можност за активна улога во зачувувањето на реките и екосистемите во националните паркови Маврово и Шар Планина.

CrowdWater е едноставна апликација која ви овозможува да ги евидентирате промените во нивото на вода во реките, брзината на протокот, квалитетот на водата и условите на околниот екосистем – сето тоа со вашиот паметен телефон! Со едноставно фотографирање и внесување на основни информации, ќе учествувате во креирањето на база на податоци преку која активно ќе се следат состојбите и навремено ќе се делува.
Учеството е лесно и не бара претходно искуство – само желба да се направи разлика. Секое набљудување што го фотографирате дава непроценливи податоци, помагајќи да се заштитат нашите реки за генерациите што доаѓаат. Без разлика дали пешачите покрај брегот на реката, ловите риба, истражувате поток или едноставно ги набљудувате промените на годишните времиња, можете да придонесете за заштита на реките.
Заедно, да го обезбедиме здравјето на нашите реки и богатството на нашите екосистеми.

Преземете ја CrowdWater апликацијата, придружете се на движењето и направете трајно влијание денес!
Апликацијата е достапна на Македонски и Албански јазик, што ја прави едноставна и лесна за користење.

Овие активности се спроведуваат во рамки на проектот „ Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја “, кој е финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT а се спроведува од страна на Еко-свест во соработка со НП Маврово и НП Шар Планина.

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ ЗА ЛОКАЛНИ КЛИМАТСКИ АКЦИИ

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ ЗА ЛОКАЛНИ КЛИМАТСКИ АКЦИИ

Поради зголемен интерес повикот е продолжен до 24.11.2024 година до 12:00 часот!

Проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, а финансиран од Шведска, објавува ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ГРАНТОВИ.

Цел на повикот:

Програмата за доделување на грантови е една од главните елементи на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ чија општа цел е силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија.

Со овој повик ќе им се обезбеди на граѓански организации да преземат директни акции во ублажување на последиците од климатските промени на локално или национално ниво и да поттикне синергија и партнерство со локалната власт и бизнис заедницата.

Право на учество:

На повикот може да се пријават граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации (Сл. Весник 52/10), кои се регистрирани најмалку 2 (две) години пред објавувањето на повикот. Граѓанските организации особено се стимулираат да изградат локални партнерства за спроведување на грантовите.

ГО кои веќе биле корисници на грант во склоп на оваа програма не можат да добијат втор грант.

Времетраење на грантовите:

Грантовите за Локални климатски акции треба да се спроведат во временски период не подолг од 5 месеци и да завршат најдоцна до 30 април 2025 година.

Вредност на грантот:

Ќе бидат доделени до 2 грантови. Вредноста на одбрен грант не смее да надмине 900.000,00 денари.

Начин на поднесување на пријави:

Пријавите се поднесуваат исклучиво по електронски пат (online) преку електронската платформа за грантови и повици достапна на веб страницата на Еко-свест https://ekosvest.com.mk

Заинтересираните организации потребно е доколку немаат, да креираат кориснички налози (профили) на електронската платформа. За полесно користење на електронската платформа достапно е упатство за користење на самата платформа на веб-страницата на Еко-свест.

Рок за доставување на пријавите:

Рокот за поднесување на пријавите преку електронската платформа е до 19.11.2024 година до 12:00 часот.

Пријавите кои нема да бидат комплетирани во овој термин нема да бидат земени предвид.

Дополнителни информации за специфичните услови кои се однесуваат на овој повик:

1.4 Програмата преку овој повик ќе обезбеди до два грантови за локална климатска акција за проекти со локално влијание до 5 месеци (но со краен рок на завршување не подоцна од 30 април 2025 година. Краен рок за доставување на финален и ревизорски извештај не подоцна од 9.05.2025 година.

1.5 За грантовите за локална климатска акција, организациите се охрабруваат да користат креативен пристап со практичен дел и да ги вклучат следниве приоритетни теми поврзани со климатските промени:

  • Зелена инфраструктура во урбани средини и нејзината поврзаност со климатски промени и биодиверзитетот;
  • Локално земјоделство и негова поврзаност со климатски промени и биодиверзитет;
  • Отпорност на климатски промени;
  • Природа и урбан биодиверзитет;

За прецизно дефинирање на активности поврзани со горе наведените теми и континуитет со сите досегашни активности се препорачува користење на податоците од следните стратешки и планирачки документи:

1.7 Подобни активности вклучуваат:

  • Создавање партнерства за соработка со државни и други институции и општини кои ќе го забрзаат решавањето на локалните предизвици поврзани со климатските промени (со вклучување, но не и ограничување, на практични активности, како што се промовирање и охрабрување конкретни акции на локално ниво поврзани со климатските промени.)
  • Создавање партнерства помеѓу ГО, државните институции, општини, бизнисите, и други засегнати страни/чинители за преземање специфични активности во насока на ублажување и прилагодување на климатските промени.
  • Инсталација на зелена инфраструктура осмислена да прикаже отпорност на климатските промени (зелени ѕидови, пошумување на речните корита, урбани паркови со функционални зелени површини, садење отпорни видови во градовите).
  • Активности насочени кон иновативни идеи за производство на храна во урбани средини
  • Едукативни активности за урбан биодиверзитет и климатска отпорност
  • Истражувачки активности за поддршка на урбаниот биодиверзитет и климатска отпорност на градовите

Листата е ориентациона и не е целосен список на активностите што треба да ги содржи предлог-проектот.

1.9 Грантови за локални климатски акции

  • До 30% од вкупниот буџет може да биде наменет за човечки ресурси
  • (персонал, експерти, хонорари).
  • 60% од буџетот треба да се употребат за набавка на материјали (садници, системи за наводнување, итн).
  • До 10% од буџетот може да се користи за логистика и трошоци. Во овој дел е вклучена и задолжителната ревизија на проектот.
  • Доколку во проектот се предвидува партнерска соработка со друга граѓанска организација, институција или правен субјект истата треба да биде обезбедена како дел од предлог документацијата.
  • Доколку во проектот се предвидени активности за кои е потребна некаква дозвола од институција или правен субјект истата треба да биде обезбедена како дел од документацијата на предлог проектот.
  • Во склоп на овој повик не се бара да се обезбеди контрибуција за проектите. Доколку поради природата на проектот или желба на самата ГО да го зголеми ефектот од истиот сака да прикаже контрибуција, истото може да го направи.
  • Буџетот мора да е издржан добро испланиран со реални трошоци и целосно разложен, а во времетраењето на проектот се дозволува само една пренамена на средства.

3.5 Грантистите за проекти треба да достават два (2) периодични (наративен и финансиски) и еден (1) финален (наративен и финансиски) извештај. Дополнителни извештаи можат да бидат побарани по потреба од страна на донаторот.

3.6 Во рамки на Програмата за грантови ќе се организира една (1) онлајн информативна сесија на која ќе може да се добијат дополнителни информации и да се поставуваат прашања. Точниот датум, време и линк за пристап ќе бидат објавени на веб страницата на Еко-свест и на дигиталните канали на организацијата.

Прашања и информации:

Сите останати општи информации поврзани со овој повик кои се надвор од погоре споменатите специфични услови, може да се добијат преку Водичот заПрограмата за грантови.

Сите прашања и информации може да се упатат преку веб страната на Еко-свест т.е. коментари на Објавата на самиот повик. Одговорите на сите прашања ќе бидат јавно достапни за сите како одговор на поставените коментари и прашања под самиот повик на веб страницата на Еко-свест https://ekosvest.com.mk.

Дополнителни информации и одговори на прашања ќе може да се добијат и преку онлајн информативната сесија од точка 3.6.

Западен Балкан на раскрсница: Наместо трошоци за гасоводи, инвестиции во обновливи извори на енергија

Западен Балкан на раскрсница: Наместо трошоци за гасоводи, инвестиции во обновливи извори на енергија

Скопје, 18 октомври 2024 – Земјите од Западен Балкан мора веднаш да се откажат од плановите за проширување на гасната инфраструктура и да ги насочат своите инвестиции кон обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, за да постигнат вистинска енергетска трансформација и да избегнат економски и еколошки ризици. Ова е заклучокот од вчерашната конференција „Европски и регионални перспективи за напуштање на фосилниот гас“, што се одржа во Скопје, а беше организирана од Центарот за  истражувања и информирање за животна средина „Еко-свест“, со поддршка од Европската фондација за клима.

Главните заклучоци од конференцијата се дека наместо нови гасни проекти, регионот треба да го насочи фокусот кон модернизација на енергетската инфраструктура преку вложување во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Говорниците и учесниците предупредија дека долгорочната зависност од гас може да го забави процесот на декарбонизација и ќе ги пренасочи средствата потребни за енергетска трансформација кон стара технологија чие користење ќе биде краткорочно и неодржливо.

Во рамки на двата панели беа разгледани предизвиците на европскиот енергетски пазар и ризиците што ги носат плановите за гасификација во Западен Балкан.

На првата панел-дискусија насловена „Европските перспективи за напуштање на гасот“, Рафаел Aното, советник за политики во глобалниот тинк-тенк „Е3Г“,  нагласи дека употребата на фосилен гас во Европа се намалува, истакнувајќи дека истата се очекува да се намали за 30 до 50 проценти до 2030 година. „Континуираната нестабилност на цените и трошоците за гасната мрежа ја потврдуваат аргументацијата дека фосилниот гас не треба да биде транзициско гориво“, нагласи Аното.

Елена Џеребица, истражувачка во организацијата „ReCommon“ од Италија, во рамки на панелот говореше за влијанието на гаснаите компании врз донесувачите на одлуки. Поради трендот на намалување на употребата на гасот, овие компании го промовираат водородот како гасот на иднината кој ќе се пренесува преку постоечката гасна инфраструктура за да го продолжат своето работење и профит од јавните фондоци. Според Џеребица, целиот енергетски систем треба суштински да се промени и децентрализира со цел да стане правичен и демократски, а локалните заедници да бидат во контрола и да ги имаат главните придобивки.

Габор Хорват, истражувач во енергетскиот истражувачки центар РEKK од Унгарија, ги истакна ефектите од енергетската криза врз потрошувачката на гас во Унгарија. „Со драстично зголемување на цените на гасот, Унгарската Влада беше принудена да ги откаже субвенциите за гасот како гориво, со што сметките за енергија за домаќинствата се зголемија и до 9 пати. Токму тоа ги стимулираше граѓаните и компаниите да инвестират во енергетска ефикасност и штедење.“

На вториот панел насловен „Плановите за гасификација во Европа и Западен Балкан“, фокусот беше ставен на регионов, каде што неколку земји веќе имаат планови за нова гасна инфраструктура.

Петер Котек, истражувач во РEKK, го презентираше истражувањето за гасификацијата на Македонија, при што истакна дека целосната изградба на гасната мрежа во земјата би чинела меѓу 800 милиони и една милијарда евра, што, како што рече, е значителен трошок.

„Гасот како опција за греење не е конкурентен во споредба со другите решенија како што се топлинските пумпи, истовремено тој како енеренс не е ни потребен за домаќинствата“, изјави Котек.

Александру Мустаца,  од меѓународната мрежа „Beyond Fossil Fuels“, ги предупреди земјите од регионот да не го заменуваат користењето на јаглен со фосилен гас.

„Иако Западен Балкан има само неколку гасни централи, повеќето земји од регионот имаат планови за изградба на нови капацитети. Наместо тоа, треба да се инвестира во безбедни сончеви и ветерни централи, кои се одржливи долгорочни решенија“, нагласи Мустаца.

Глигор Радечиќ, еколошки правник во меѓународната мрежа „CEE Bankwatch Network“, ги истакна ризиците од транзицијата кон гас во регионот. „Земјите од Западен Балкан се соочуваат со значителни енергетски предизвици и преминот кон гас носи ризици по енергетската безбедност и животната средина. Јавните финансиски институции како Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка треба да инвестираат во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“, поентираше Радечиќ.

На конференцијата јасно  беа дефинирани чекорите што мора да ги преземат земјите од Западен Балкан за да ја избегнат стапицата на зависноста од гас и да обезбедат одржлива и стабилна енергетска иднина. Учесниците упатија повик до владите и инвеститорите да го забрзаат преминот кон обновливи извори на енергија за да не бидат заробени во технологија и енергенси кои се минато, во време кога Европа се движи кон постфосилна ера.

За повеќе информации контактирајте ја Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест на [email protected] или дознајте повеќе на www.ekosvest.com.mk

Доколку сакате да дознаете повеќе за плановите за гасификација и опциите за загревање на домаќинствата во Македонија, преземете ја нашата студија објавена во јануари 2024 година.

Преглед на напредокот во реализацијата на Поглавје 27 – согледувања од граѓанскиот сектор

Преглед на напредокот во реализацијата на Поглавје 27 – согледувања од граѓанскиот сектор

Потребно е да се усвојат сите закони и навремено да се транспонираат ЕУ регулативите, што е особено значајно за Поглавјето 27 со цел подобрување на состојбите во животната средина и климата. Неопходно е да продолжиме да работиме на капацитетите на граѓанските организации со цел нивно соодветно учество во процесите на подготовка, коментирање но и понатамошна комуникација на законите и подзаконските акти од Поглавјето 27. Напредокот во усогласувањето на националното законодавство со европското сеуште се одвива бавно а во последната година скоро и да нема напредок во усвојување на нови законски прописи кои произлегуваат од поглавјето за животна средина и климатски промени.

Ова беа главните забелешки од граѓанските организации членки на националната коалиција за клима кои во рамки на Платформа 27 ги презентираа како дел од напредокот во реализација на Поглавје 27 кој се одржа вчера во Europe House во Скопје. Настанот се одржува како дел од проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ поддржан од Владата на Шведска.

Заменичката амбасадор на Шведска, НЕ г-а Елисабет Далберг Фриск ја поздрави оваа корисна и конструктивна оцена и критика во полето на животната средина и климата и порача дека истата може на носителите на одлуки да им помогне да ги фокусираат и насочат своите напори, а воедно и да ги информира партнерите како ЕУ, Шведска и меѓународните финансиски институции за тоа каде има потреба од дополнителна поддршка. На крај, извештајот може да служи како алатка за самоорганизирање и изнаоѓање на информирани решенија од страна на самиот невладин сектор.

Извештајот во сенка за поглавјето 27 се подготвува трета година по ред, а препораките во многу од под- поглавјата институциите го гледаат како корисно согледување на она што треба да се подобри. Во најновиот извештај беше истакнато дека оценките за влијание врз животната средина мора целосно да се усогласат со директивите на ЕУ и да има навремено и видливо објавување на сите информации поврзани со овие документи. Мора да се обезбеди ефикасно и ефективно учество на јавноста во донесувањето на одлуки од значење за животната средина и климатските промени.

„Граѓанските организации се очите и ушите на терен, тие се оние кои забележуваат несоодветна имплементација, кога и дали нешто функционира во пракса или не, а институциите можат да добијат многу корисни информации од граѓанскиот сектор за тоа дали и колку законите се имплементиираат и кои се проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Кога се слуша овој глас, штетите можат да се избегнат или корегираат на време и да се поправи состојбата пред да предизвика поголема штета. Главната причина зошто го работиме ова е да го заштитиме интересот на граѓаните, да го заштитиме чистиот воздух, вода и почва.“ – Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест

Во законот за климатска акција како сектор кој навлегува во многу сектори кои се и надвор од животната средина и климата, мора да постојат одредби за оценка на спроведување на законот и подзаконските акти и тоа да се прави на одреден временски период за да се обезбеди соодветна имплементација но и усогласување на климатските политики со акциските планови и програми во релевантните сектори.

„Целта на изработката на овој извештај во сенка за Поглавјето 27 беше граѓанските организации да бидат силен партнер на институциите во подобрување на состојбата во ова поглавје. Работевме многу на подобрување на нашите капацитети и проширување на мрежата, а во иднина планираме и соработка со локалните организации од кои треба да црпиме информации за локално ниво се со последниот извештај во сенка ќе биде многу подетален и поопширен. – Бојана Станојевска Пецуровска, Центар за климатски промени

Имплементацијата на законите кои веќе се донесени може да се олесни со искористување на постоечките капацитети и ресурси со кои располага граѓанскиот сектор, а институциите да извлечат бројни придобивки од соработката, беше заклучено на денешниот настан, одржан во Скопје.


(Линкови до македонски, англиски и албански документ)